Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Tuesday, February 24, 2015

Претставување на составот на Висла Плок

РК Вардар немаше многу среќа при ждребката за осминафиналните дуели од лигата на шампионите, па го доби условно најсилниот противник, Полскиот вицешампион Висла Плок. 
Во Полското домашно првенство веќе неколку години доминира тимот на Киелце, а последниот клуб кој успеа да ги изненади беше токму Висла Плок која последната титула во Полска ја освои во сезоната 2010/2011.
Тимот на Висла може да се пофали со 7 титули во Полската суперлига и 10 куп трофеи.
Во Европа немаат некој поголем успех, а во ракометната ЛШ ова им е прв пат како успеваат да ја поминат групата, после 6 неуспешни обиди.

Во тековнава сезона Висла одново се наоѓа зад Киелце во домашното првенство откако го загубија меѓусебниот дуел со катастрофални 22-35 на домашен терен. Истотака, Висла има и еден нерешен резултат, одново на домашен терен, но со петтопласираната екипа на Стал Миелек. Многумина токму домашниот терен на Висла го сметаат како нивна најголема предност, пред се заради одличната атмосфера која ја има на трибините.
Дуелот Вардар-Висла Плок е дуел на екипите кои со сигурност имаат најдобра атмосфера на домашните натпревари, Без никаква дилема атмосферата на нашите домашни натпревари е најдобра во однос на сите ЛШ мечеви, меѓутоа и Висла Плок може да се пофали со одлична поддршка, па ова му дава дополнителен "шмек" на овој осминафинален дуел.

Слично како и Вардар, така и Висла имаше силна група во првата фаза од натпреварувањето и успеаа како екипа од четвриот шешир, да финишираат на третото место во групата.
Висла освои 13 поени во првата фазам остварувајќи 6 победи, 3 порази и еден нерешен дуел.
Дури 8 од поените ги освоија во својата "Орлен арена" која има капацитет од 5467 седишта. 
Висла беше единствената екипа која успеа да ја совлада Барселона во теовната сезона и токму со таа победа го привлекоа вниманието на својата страна. Единствена екипа која си замина со цел плен од Полска, беше Данскиот КИФ Колдинг, кој победи со 28-29.
Висла за малку не му се реваншираше на Колдинг, па во Данска освои бод играјќи 30-30. На гостински терен Висла е послаба екипа, па така едвај тепаа на гостувањето кај слабиот Алингсас, совладувајќи ги миниминално со 1 разлика. Не се изнаиграа и во Турција кај Бешикташ, победувајќи со 3 гола разлика. Беа демолирани кај актуелниот шампион Фленсбург, но затоа во решавачкиот дуел за третата позиција успеаа да ги совладаат со 31-29.
Покрај се, мора да напоменеме дека Фленсбург на овој дуел играше без своите двајца главни креатори на играта, Гландорф и Могенсен. Доколку они беа на теренот, овој натпревар можеше да добие сосема поинаков тек.

На натпреварите од првата фаза, Висла постигнала вкупно 288 голови, што значи дека дури 11 тимови биле поефикасни од нив. Во споредба со Вардар имаат постигнато 25 погодоци помалку. Просечна постигнуваат по 28.8 погодоци на натпревар.
Од друга страна, примиле само девет погодоци помалку од Вардар, односно вкупно 280 погодоци, што значи дека на меч примале по 28 погодоци во просек.
Во споредба со натпреварите на Вардар на кои имаше по 61.2 голови во просек, на натпреварите на Висла просечно се постигнувале по 56.8 погодоци.

Дел од играчите на Висла Плок ни се познати од светското првенство кое пред еден месец се одигра во Катар, на кое Полската репрезентација стигна до бронзениот медал. 
Во својот состав имаат 5 репрезентативци кои се закитија со бронзениот медал, а тоа се искусниот голман Вихари, левиот бек Јуркевиќ, десното крило Дашек, пикерот Шипшак и левото крило Вишњевски.

Како што веќе споменавме, на голот го имаат искусниот 35 годишен голман Вихари кој не доби голема шанса во репрезентацијата, со оглед на фактот што таму е неприкословен Шмал. 
Вихари е прв голманот во составот и е вистинска легенда на клубот со оглед на тоа што го брани нивниот гол веќе 12 сезони. Негова замена е 23 годишниот Шпанец Коралес Родриго, додека трет голман е младиот 20-годишен Адам Моравски.  

На пикерската позиција се одлично покриени со Португалскиот репрезентативец Тиаго Роча кој во последните репрезентативни дуели погоди 9 пати против Унгарија и 6 пати против Русија. Во досегашниот тек на натпреварите, Роча има постигнато 35 погодоци во ЛШ, а вториот пикер Шипшак кој ни е познат од тукушто завршеното СП има постигнато 2 погодоци повеќе, односно 37. Се работи за одличен играч, кој истотака игра добро во одбраната со своите 206 сантиметри. Трет избор на пикерска позиција е Квиатковски кој досега стрелал само еднаш во противничките мрежи.
Во однос на нашиот тим кој има севкупно 53 погодоци од пикерска позиција, Пољаците се подобри со 73 голови од основната линија.  Всушност една четвртина од своите погодови, Висла ги постигнала преку пикерите и тука ќе видиме голема борба.

На левата крилна позиција го имаат играчот кој на нас ние е многу познат од настапите во Српската репрезентација. Се работи за Иван Никчевиќ кој веќе четврта сезона е дел од Висла. Никчевиќ им е еден од најдобрите стрелци, постигнувајќи 26 погодоци досега. Негова замена е Полскиот репрезентативец Вишњевски кој подобро игра во одбрана, а во нападот стрелал само 6 пати. Десната крилна позиција го дава најдобриот нивен стрелец во Полската суперлига, Романскиот репрезентативец Валентин Ѓонеа. Досега Ѓонеа стрелал 35 пати во противничките мрежи и веројатно е една од најголемите опасности за противничките голови. Дашек кој е подобар во играта во одбрана е неговата замена на десната крилна позиција. Полскиот репрезентативец досега има постигнато 9 погодоцо во ЛШ.

Немања Зеленовиќ уште еден Српски интернационалец во нивните редови е најдобриот стрелец во ЛШ со постигнати 41 погодоци од десната бековска позиција. Екс играчот на Цеље немаше свој ден против Фленсбург, но затоа во победата над Барселона постигна 7 погодоци. Се работи за класичен бек шутер. Уште повисок играч на десната бековска позиција е Шпанецот кој претставува вистинска грамада со своите 213 сантиметри, а тоа е Монторо Кабело кој досега има постигнато 19 погодоци, меѓутоа неговата позначајна улога е во играта во одбрана. 
На левата бековска позиција имаат поголем избор, па затоа и погодоците се поделени посразмерно, нешто налик на нашата лева бековска линија. Несомнено, тука е лидер Мариуш Јуркевиќ, Полскиот репрезентативец кој досега во ЛШ има постигнато 26 погодоци. Романецот Ракотеа стрелал 18 пати од оваа позиција, а Србинот Пушица додал уште 4 погодоци. 

Шпанската колонија во Висла ја заокружува средниот бек Барабаш кој е играчот кој ги разигрува останатите во составот. Дојде од екипата на Ла Ријоха како замена за Петар Ненадиќ и досега има постигнато 31 погодок во ракометната ЛШ.

Шпанец седи и на нивната тренерска позиција, па ќе гледаме Шпански тренерски дуел. Се работи за Маноло Каденас, селекторот на Шпанската репрезентација.

Висла Плок има интересен состав, во кој има 5 Полски репрезентативци, 3 интернационалци од Шпанија и Србија и двајца од Романија. Најопасни се од пикерските позиции каде што доминираат Шипшек и Тиаго Роча кој игра во се подобра форма, нападот го разигрува Шпанецот Барабаш, додека Зеленовиќ и Јуркевиќ се задолжени за стрелање од бековските позиции. Никчевиќ и Ѓонеа погодуваат од крила, додека многу важно е што имаат доста цврста и висока одбрана за која Раул Гонзалес ќе мора да пронајде лек, бидејќи во неколку наврати се покажало дека имаме проблем со ваквиот тип на екипи.

На крај, веруваме во нашиот состав, сметаме дека сме поквалитетни од противниците, па даваме шанси од 70-30% во наша корсит, особено што вториот дуел ќе се игра на нашиот терен. Момците имаат 3 недели за анализа на противникот, а потоа го напаѓаме ланскиот успех. 

No comments:

Post a Comment