Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Thursday, March 19, 2015

Сите на пиво, РК Вардар е осминафиналист...

РК Вардар одигра одлична групна фаза во годинешната ракометна лига на шампиони. Ждребката не не посака и не смести во групата на смртта, против вицешампионот на Германија, гигант од Унгарија, шампионот на Франција, младиот и незгоден Словенечки состав на Цеље и Чеховски Медведи кои не беа достојни противници, но покажаа дека и тие имаат играчи со кои ќе можат да се пофалат за некоја година, надминувајќи го финансискиот колапс кој им се случи пред две години. Вардар го посрамоти Рајн Некар, тимот кој само поради полошата гол-разлика го загуби трофејот во Германската Бундеслига, во фото-финишот со Кил, и само нијанси не делеа од завршување на првата позиција во групата. За да не стартуваме од пол-позицијата во осминафиналето се погрижи Веспрем кој имаше повеќе среќа во завршницата на дуелот во Скопје, па ако не ја испуштевме победата во последните секунди, ќе бевме во многу подобра позиција за пласман во толку посакуваната најсилна четвртока во ЛШ. 
Ждребката воопшто не ни беше наклонета ниту за осминафиналните дуели, па налетавме на Полскиот вицепрвак, тимот на Висла Плок. Она од кое стравувавме пред првиот дуел на нивниот терен беше фактот што во салата во Плок паднаа скоро сите противници во нивната група, па дури и Барселона која сезонава доминира во најсилното ракометно натпреварување.
Вардар во одлична форма замина за Плок, декласирајќи ги Рајн Некар и Веспрем во СЕХА лигата, и ништо не навестуваше дека ќе се случи потоп на гостувањето во Полска.

Висок пораз не најавуваше ниту стартот на мечот. Водство од 0-3, резултатска нишалка до средината на првото полувреме, за после кобниот тајмаут на Маноло Каденас, да тргне надолу црвено-црниот брод. Слично како и во минатогодишниот дуел со Металург во првенството, гостувањата кај Барселона и ПСЖ, нашите ракометари како да го губат компасот доколку на гостински терен се најдат во негатива од 4-5 гола. Не ни одеше ништо од рака, промашувавме пенали, голманот на Висла кој е далеку од ракометниот голмански крем ни изгледаше како непремостлива пречка, а на спортивната страна одбраната изгледаше како Швајцарско сирење, па не знаевме што не снашло, особено откако Абутовиќ го заработи второт исклучување и мораше да игра "помеко" во одбраната. 
На крајот, треба да бидеме презадоволни од пораз од само 6 гола разлика, бидејќи лесно можеше двобојот да биде решен уште во првиот дуел, особено ако Висла не добиеше со двоцифрена разлика, нешто што беше на прагот да се случи. 
Првата битка на Шпанските стратези ја доби Шпанскиот селектор Маноло Каденас, а сега на ред е Раул да ја добие втората битка, а со тоа и целата "војна".
Висла на домашен терен не е истиот состав како и на гостински терен, особено што во својата сала се навикнати на добра и бучна атмосфера. Сепак, Скопје е Скопје, како што би рекол стручниот коментатор Бараган од ЕХФ, тоа што се случува во Јане Сандански не може да се види на ниедно друго место, бидејќи и самиот тој има чувство дека се тресе целата сала кога игра Вардар.
Висла нема да има поддршка од своите фанови во Скопје, останува на нас да направиме пекол кој ќе го паметат долго време. Разлика од 6 голови не е недостижна, ниту пак Висла е тим кој е составен од играчи од врвна класа. Во Плок победи нивната тимска игра, додека во нашите редови не им одеше ништо од рака на повеќето играчи, освен на Душебаев кој е единствениот на кој треба да му се заблагодариме што сме сеуште во игра. 
Вардар не може да одигра два натпревари на толку лошо ниво, па некако сите очекуваме дека нашите пулени токму во сабота ќе го одиграат својот меч на сезоната, прегазувајќи го Полскиот противник.

Додека сите си поставуваат прашање дали Вардар ќе ја елиминира Висла и ќе го повтори минатогодишниот успех, ние ќе ве вратиме 9 години во минатото, потсетувајќи ве дека нашиот ракометен клуб има надоместено и поголема разлика од првиот дуел.
Беше тоа во ноември 2006 година, кога по елиминцијата на Грчки ПАОК во втората рунда од купот на победниците на куповите, Вардар во третата рунда налета на еден од најмалку посакуваните противници, Францускиот Иври.

Вујовиќ како тренер на нашиот клуб пред првиот натпревар кој се играше во Франција највеќе стравуваше од нашиот екс играч Мартиновиќ. На крајот испадна дека сосема е оправдано неговото стравување, бидејќи на премиерниот дуел Мартиновиќ со 9 погодоци придонесе во високата победа на Францускиот претставник. Босанецот Смаилагиќ додаде 8 погодоци во триумфот на Иври од 36-29!

ИВРИ - ВАРДАР 36:29 (22:11)
ИВРИ. - Сала "Делоне". Гледачи: 300. Судии: Хинтенаус и Шнајдер (Австрија).
ИВРИ: Почуча, Шапон, Ришар, Сарни, Мартиновиќ 9, Мокрани 1, Абало 3, Оскарсон 5, Мањен, Хаџали 3, Жилбер 5, Смаилагиќ 8, Крепа 1.
Седмерци: 1-1. Исклучувања: 12 мин.
ВАРДАР: Даскалоски, Петковски, Ракчевиќ 5, Неданоски 2, Мајнов 3, Јовиќ 8, Васјук, Маркоски, Коваленко 2, Додер 4, З. Мојсоски, Алушовски 2, Н. Мојсоски 3, Вукадиновиќ.
Седмерци: 1-1. Исклучувања: 10 мин.

Вардар одигра катастрофално прво полувреме, но до крајот на натпреварот успеа да ја намали негативата на поприфатливи 7 голови. 
Од тогашниот состав голманот Зоран Петковски сега е тренер во младите категории во Вардар, Неданоски е член на Вардар Јуниор, нашиот втор состав, додека Даскалоски беше дел од составот кој ни ја донесе титулата пред две сезони. Голем дел од останатите ракометари во наредните сезони преминаа во сино-белиот дрес на ривалите од Автокоманда.

И покрај високиот пораз во првиот дуел, во нашиот табор немаше никаков знак за паника. Напротив, Вујо и претседателот Михајло веруваа дека Вардар може да ја стигне предноста од Франција, со тоа што Вујо сметаше дека 7-те голови разлика треба да се анулираат рамномерно во текот на целиот натпревар, додека Михајловски повеќе посакуваше уште во првиот дел да го прегазиме противникот и мирно да го приведеме натпреварот кон посакуваниот крај.
Ова е истотака едно од прашањата за нашиот дуел со Висла во сабота, дали е подобро Вардар рамномерно да ја анулира разликата, да води 4-5 гола разлика до 50-тата минута и во последните 10 минути да го зададе крајниот удар, или пак е подобро веднаш да анулира разликата и истата да се одржува до крајот на натпреварот. Често се случува една екипа да поведе со голема разлика, но да се опушти до крајот и противникот да ја стопи предноста. 
Сведоци бевме на нешто такво во домашниот дуел со Рајн Некар, во дуелот со Решица во КПК пред неколку сезони, во неколку дуели со Металург во СЕХА лигата кога водевме со голема разлика, па противникот ни израмнуваше итн.

Сепак, оваа тактика на брзо анулирање на водството одлично не послужи во двобојот со Иври. Мотив за уште една незаборавна вечер во Кале беше ветувањето на Михајло дека во случај Вардар да го елиминира Иври, цела сала ќе добие бесплатно пиво. Французите налетаа на вистински пекол во Кале, нашата препознатлива ракометна тврдина. Притисокот беше врз гостите, особено што по 30 минути игра Вардар веќе водеше со 16-7 и со два гола ја имаше надминато гол-разликата од првиот дуел. 
Таа вечер Вардар немаше играч кој не беше расположен за игра. Нашите момци се надминаа себеси и во ниту еден момент не ја доведоа победата во прашање. Напротив, не само што ги анулиравме седумте гола негатива од Франција, туку и го совладавме противникот со двоцифрена разлика од 12 погодоци.
Вардар победи со 32-20, а целата сала скандираше СИТЕ НА ПИВО. Победата се славеше долго во ноќта, а Вардар во таа сезона дотурка до четвртфиналето каде загуби од Босанскиот клуб Сараево.


ВАРДАР - ИВРИ 32:20 (16:7)
СКОПЈЕ. - СРЦ "Кале". Гледачи: 2.000. Судии: Карлубик и Струхар (Словачка).
ВАРДАР: Даскалоски (16), Докниќ (2), Петковски, Ракчевиќ 2, Неданоски, Мајнов, Јовиќ 7, Васјук 3, Маркоски 2, Коваленко 4, Додер 4, Алушовски 4, Мојсоски 6, Вукадиновиќ.
Седмерци: 2-2. Исклучувања: 12 мин. (Ракчевиќ, Јовиќ, Васјук, Маркоски, Вукадиновиќ и Алушовски по 2).
ИВРИ: Почуча (9), Шапон, Ришар 4, Сарни, Мартиновиќ 1, Крепен, Мокрани 1, Абало 4, Оскарсон 5, Мањен 1, Тизолана 2, Хаџали, Гилбер 2, Смаилагиќ.
Седмерци: 1-1. Исклучувања: 16 мин. (Сарни и Ришар по 6, Мањен 4). Црвен картон: Сарни (52') и Ришар (56').

No comments:

Post a Comment