Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Monday, April 20, 2015

Каде сте Вардарци?

Во изминатиов период несомнено вниманието на навивачите и фановите на Вардар беше насочено кон дуелите од ракометната Лига на шампиони и нокаут мечевите со Полските противници. Чест и привилегија беше да се биде дел од салата Јане Сандански во овие два натпревара, да се прослави големата победа против Висла и да му се дава поддршка на клубот и по поразот против Киелце, меѓутоа луѓето како да забораваат дека Вардар не се сака само на ваквите натпревари.

Жално изгледа Градскиот стадион на фудбалските натпревари на Вардар, клубот кој на секој навивач на Вардар треба да му биде примарен. Се случи три натпревари по ред дуелите на РК Вардар да се поклопуваат со дуелите на ФК Вардар, што се покажа катастрофално по посетата на фудбалските натпревари. Фудбалскиот клуб влезе во серија на катастрофално одиграни натпревари (иако резултатите не говорат така), никој не превзема одговорност за тоа, додека од другата страна играчите на РК Вардар оставија срце на терен и нормален след на настаните беше дека повеќето ќе се одлучат да ги гледаат ракометните натпревари. 

На дуелот во Штип присуствуваа околу 200 навивачи на Вардар, додека на ракометниот дуел со Прилеп кој се одигра во исто време, имало околу 400 гледачи, што е за повеќе од десет пати помалку од бројот на публика во натпреварите од ЛШ.
Сите беа среќни и со голема возбуда ја пренесуваа веста дека картите за дуелот со Киелце се продале за половина час, но никој не се сети да праша каде се овие гледачи на дуелите од домашното првенство, на дуелите од СЕХА лигата?
Го подигнавме просекот на посетеност во СЕХА лигата, се подигнува и посетата во домашното првенство, но кога ќе се спореди со натпреварите од ЛШ се доаѓа до голема разлика во бројката. Еден клуб се сака во секое натпреварување, купен реквизит од клубот не ве прави закоравени фанови на истиот, изгледани десет натпревари на годишно ниво не ви даваат за право да објавувате статуси од типот на "ЕДНА ЉУБОВ, ЕДЕН ЖИВОТ", туку редовното присуство барем на домашните мечеви ќе ви ја донесе привилегијата да се наречете Вардаров навивач.

Постов не е наменет за карање по прашањето кој е поголем Вардарец, постот е наменет за да ве мотивира почесто да присуствувате на Вардаровите натпревари. Во фудбалот повеќето бараат оправдување во слабиот квалитет на натпреварите и навистина се во право, и не постои никаков аргумент со кој би можело да се побие ова оправдување, но еден вистински навивач по секоја цена мора да присуствува барем на домашните натпревари. Тоа не е обврска, тоа не е должност, тоа е потреба, да се биде онаму каде што се чувствуваш како дома покрај своите другари од трибината, гледајќи го она што ти причинува најголемо задоволство и понекогаш и најголема тага во животот. Никакво оправдување не смее да бара човек што пее ЦРВЕНО-ЦРНА КРВ ВО МЕНЕ (додуша повеќето пеат погрешна верзија, црвено-црна е во мене), за да одбегнува доаѓање на стадион и во сала.
Пасивноста е главната одлика на целиот Македонски народ во целина, научени се сите дека некој од страна треба да дојде за да ја подобри ситуацијата.
Не ви се допаѓа играта на ФК Вардар? Дојдете на стадион и скандирајте против играчите.
Не ви се допаѓа тактиката на ФК Вардар? Дојдете на стадион и побарајте смена на тренерската позиција.
Не ви се допаѓа работата на управата? Дојдете на стадион и побарајте одговорност од истата.
Напразни се скандирања од 300 луѓе, промени се прават кога голема толпа приврзаници ќе застане зад истите барања. 

Вардар дава гол против Ренова, постот на страната на ФК Вардар го лајкнуваат повеќе луѓе отколку бројот на публика на стадионот. Секоја чест за оние кои одат на северната трибина и доаѓаат на неутрална трибина на гостувањата, покрај најверните Комити кои на секој натпревар даваат безрезервна поддршка, но прашањето каде се останатите навивачи на Вардар?
Каде се уште 70 000 луѓе кои ги имаат заследено профилите на ФК и РК Вардар на ФБ?
Каде се оние 36 000 луѓе кои присуствуваа на Вардар-Бате Борисов?
Каде се оние 6 000 луѓе кои редовно присуствуваат на натпреварите од ракометната ЛШ?

Не можеш да го поддржуваш РК Вардар, а да не си навивач на ФК Вардар.
ФК Вардар во секое време мора да добива предност пред РК Вардар, и Комити како група не смеат да си дозволат повеќе луѓе да има на ракомет, отколку фудбал.
Се оди на фудбал во секое време, додека на ракомет само доколку не се поклопува со фудбалот.
Против Ренова на Запад имаше едвај 70-тина луѓе, затоа што поголем дел од групата замина за Полска, додека остатокот гледаа ракомет пред малите екрани.
Против Силекс на гости со автобус заминаа едвај 30-тина луѓе, а се придружија уште 70-тина кои си заминаа предвреме за да стигнат на ракомет. 
Против Турново гостуваа 100-тина навивачи затоа што повеќето беа во Полска на ракометен дуел.
Уште поголема е вината кај оние кои не биле ниту на фудбал, ниту на ракомет. Вардар гостуваше во Штип, присуствуваа 200 луѓе, а остатокот мораше да биде присутен на дуелот Вардар-Прилеп во домашното првенство, кога веќе се решиле да не гостуваат на фудбал.

Термините од ракометната домашна лига се договараат во 5 за 12, а клубот не успева да извести навремено, но кој сака да дознае ќе дознае и ќе присуствува на натпреварот.
На последниот дуел со Пролет во минатата сезона Вардар имаше поддршка од само 30 Комити, ама затоа на дерби дуели сите пеат дека никогаш нема да го остават клубот...
Уште полошо е што поради големиот интерес за дерби ракометните дуели, некогаш најверните остануваат без карти или се приморани да го делат местото со 5 пати повеќе луѓе отколку што е капацитетот на салата. Во моментов може на некого ќе му изгледа смешен овој пост, ќе има коментари дека никој не сака да гледа аматерски фудбал, ама за жал тие што даваат такви коментари во иднина ќе бидат први на стадион кога Вардар ќе игра квалификации од ЛШ, ќе се сликаат со сите фудбалери кои во моментов ги плукаат, ќе бидат најголеми фудбалски експерти и можеби ќе ги откупат картите на некои што многу повеќе ги заслужиле.

Вардар низ годините ги изгуби фановите кои прават притисок од јужна трибина (сега северната). Најголема радост ни преставува кога ќе видиме постари дедовци како доаѓаат на домашните натпревари и особено кога доаѓаат на гостински мечеви, и задлабочени во натпреварите коментираат за истите. Таквите луѓе ги загуби Вардар во минатото, а за жал клубот не прави ништо за да ги врати на трибините.
Сите сме помирени дека само добрите резултати ќе ги вратат овие генерации на трибините, но наше е да работиме на носење на нови генерации на трибините кои долги години ќе останат на истите.
Модерно е да си навивач во тинејџерските години, тешко е да останеш верен на клубот во понатамошните години кога имаш повеќе обврски во животот и треба разумно да го распоредиш времето. Тука се гледа кој од љубов доаѓал на стадион, а кој за да биде виден затоа што тоа било модерно во дадениот момент. 

Вардар од останатите клубови се разликува по тоа што има луѓе кои живеат за клубот и за секој натпревар не се прашуваат дали ќе има организирано навивање, туку и со свои средства ќе направат се за да го бодрат Вардар, без разлика во кој спорт игра и во кое натпреварување.
Проблемот е што ваквите луѓе се малку и кај другите наидуваат на исмевање дека се будали што си го трошат времето на натпревари од домашно првенство, а потоа никој не го почитува нивниот труд и посветеност, туку истите се осудени доколку критикуваат во дадени моменти, од претходноспоменатите кои се најголеми експерти кога клубот игра на високо ниво.
Сите сакаат победи и добра игра на теренот, но не може секогаш работите да одат под конец.
Впрочем кај нас за се има оправдување, ако тимот е слаб, публика не доаѓа дека нема што да види, ако тимот е силен, а нема добри резултати, тогаш оправдување е дека местеле и не заслужуваат публика, ако е силен клубот и има одлични резултати, тогаш оправдување е дека противниците се слаби, Вардар секако ќе победи и не се интересни натпреварите.
Пак ќе повториме, лесно е да најдеш оправдување, тешко е секој викенд да посетиш неколку натпревари на Вардар, да одвоиш време и финансиски средства.

Ракометната ЛШ веќе е минато, сите сили сега треба да се насочат кон освојување на двојната круна во ракомет и првенството во фудбал, а на Вардар му треба вашата поддршка.
Сите знаеме дека против Металург во ракомет или со Шкендија во фудбал ќе бидете најголеми Вардарци, но на Вардар му треба поддршка во сите натпревари.
И двата состава влегуваат во пеколен ритам и секој изгубен бод може да биде кобен за клубот.

Во фудбал нема да ни биде дозволено гостување против Шкендија, но затоа во недела не очекува можеби клучниот дуел со Работнички во борбата за титулата. После се што напишавме, се надеваме дека добивте мотивација за присуство на трибините.
СИТЕ НА ГРАДСКИ, ВАРДАР ИГРА!!!