Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Monday, February 23, 2015

РК Вардар низ бројки во ракометната ЛШ

Ако некој клуб од СД Вардар заслужува огромни пофалби за играта во оваа сезона, тоа дефинитивно е РК Вардар. Нашиот машки ракометен клуб пред само два дена го торпедираше еден од лидерите во првенството кое се смета за убедливо најсилно во ракометниот свет. Рајн Некар Ловен успеа да избегне демолирање и на првиот дуел во Скопје против Вардар, а можеме да кажеме дека и овојпат треба да бидат среќни што загубија со 7 разлика на свој терен. Вардар конечно го поседува тоа што во минатото им недостасуваше на неколку Македонски клубови на Европска сцена, а тоа е надминување на притисокот кога се игра на гостински терен. Тоа е само доказ за големиот квалитет на составот, предводен страна на одличниот стратег Раул Гонзалес, кој тивко си ја одработува својата работа, придонесувајќи Вардар да стане еден од најдобрите ракометни клубови во светот.
Каде ќе ни биде крајот доколку немавме толкави проблеми со повредите, особено на играчите кои играат добро во одбрана?
Кога Вујо го донесе Карачиќ во Вардар, стануваше збор за играч кој беше тотално непознат за нас. Единствена информација беше дека во првиот дуел меѓу Босна и Вардар, Карачиќ имаше солиден натпревар против нашиот клуб. Дојде како засилување од Сараевскиот клуб кој беше пред финансиски колапс, но немаше шанса да ги покаже своите квалитети, бидејќи влечеше повреда која го оддалечи вон терените повеќе од месец дена. Првата шанса ја доби токму на завршницата од премиерното издание на СЕХА лигата, кога можевме да забележиме дека има добар потенцијал во него.
За наша среќа, продолжи да се развива правилно и прерасна во наш лидер, играч без кој не може да се замисли моменталниот состав на Вардар. Играч со добар удар, доста пробивен, има одлична прегледност на теренот, па навремено асистира до пикерите и крилата, а специјалност му е ударот со зглоб под противничките блокови. Конечно доби шанса и во Хрватската репрезентација и допрва треба да ги има своите 5 минути во коцкестиот дрес.
Колкаво е значењето на еден тренер, доволно говори играта на Дибиров во Руската репрезентација, и неговата игра во црвено-црниот дрес.
Дибиров има одлична завршница од позициони напади, најчесто ги посрамотува противничките голмани, има одлична завршница на контра нападите во кои секогаш е во прв план, ги подобри своите реализаторски способности од линијата за 7 метри, а се поважна улога има и при играњето на одбраната 5-1. Играч кој просто лебди на теренот, а остана запаметена и украдената топка во дуелот со Рајн Некар кога во стил на Џордан им украде една висока топка на противниците. Кај селекторот Кулешов неговата улога е малце поразлична, па во Руската репрезентација видовме сосема друг играч, не препознатлив во однос на настапите во Вардаровиот дрес. Среќа што пред година дена го одбравме Раул Гонзалес, а не Кулешов.
Ако за нешто треба да му заблагодариме на Рускиот селектор, тоа е заради шансата која му ја даде на Шишкарев. Шишкарев е вистонско откритие на сезоната, ретко се гледа толку високо крило, кое е доста продорно, игра одлична позициона одбрана и има широк репертоар на удари од десната крилна позиција. Полека ја превзема улогата на Брумен, кој несомнено беше еден од најдобрите наши ракометари на крајот од минатата сезона, но некако не може да се пронајде себеси после повредата која ја заработи во дуелот со Веспрем.
Сите играчи заслужуваат големи пофалби, меѓутоа ова се тројцата кои во последните натпревари го имаат главниот збор на теренот.
Што значи да се има врвен голман на голот, доволно видовме на последниот меч со Рајн Некар. На два пати комплетно го надигрува својот ривал, Данецот Ландин кој истотака важи за еден од подобрите голмани во светот.

На крај останува да жалиме што имавме несреќна завршница во дуелот против Веспрем во Скопје, бидејќи доколку го добиевме тој дуел, сега како првопласирани ќе влезевме во осминафиналето и ќе имавме големи шанси за фајнл фор.
Импресионирачки е и фактот што екипа како Монпеље која воопшто не е наивна, просто со половина сили ја прегазивме во Скопје.

Со годинешниот настап во групите од ЛШ, Вардар го урна својот досегашен рекорд на освоени поени во групната фаза од ЛШ, а притоа постави и рекорд на сите Македонски екипи, надминувајќи го резултатот на Металург од пред две сезони. Додека Металург своите 14 бодови ги освои во група која беше прилично слаба, со ниту една звучна екипа во групата освен Киелце, Вардар може да се пофали дека освои 15 бодови во групата која несомнено беше најтешка во оваа сезона, групата на смртта, која дефинитивно го оправда епитетот кој го доби при самата ждребка.

На крајот од групните натпревари Вардар освои 15 бодови од можни 20, остварувајќи 7 победи, една нерешена и два порази против екипата на Веспрем која го освои првото место.
Играчите на Вардар постигнаа 313 погодци, а само Барселона и Кил имаа повеќе постигнати погодоци (338 и 322), што значи дека во просек сме постигнувале по 31.3 погодоци по натпревар.
Од друга страна не можеме да се пофалиме со гранитна одбрана, бидејќи сме примиле 289 погодоци или по 28.9 по натпревар, што не носи на 15-тото место во конкуренција на 24 екипи според бројот на примени погодоци, односно дури 14 екипи имале подобра одбрана од нас во групните мечеви. Тоа и не мора да значи ништо со оглед на брзата игра која ја практикува Вардар, за разлика од повеќето други екипи, па бројот на головите на нашите мечеви не треба воопшто да изненадува.
Во превод на натпреварите на Вардар во просек се постигнувале по 60.2 погодоци.

Интересно сите играчи на Вардар (освен голманите) постигнале барем еден погодок во групната фаза од ЛШ. Дибиров со 69 погодоци е на второто место на листата на стрелци веднаш зад Кире Лазаров, Карачиќ со 52 погодока е на 15-тото место, додека Душебаев со 43 погодоци се наоѓа на делба на 32-ото место.

Веднаш зад водечката тројка на стрелци на Вардар се наоѓаат Тоскиќ со 29 погодоци, Горбок со 28, Шишкарев со 20, Брумен со 17, Стоилов со 13, а листата на двоцифрени погоди ја заокружува Чипурин кој 11 пати ја затресол противничката мрежа.

На листата на стрелци се запишале и Прибак 9 пати, Лазаров 8, Лацковиќ 7, Марковиќ 4, Терзиќ 2 и Абутовиќ 1.

Само двајца играчи постигнале погодоци на сите десет дуели, а тоа се Дибиров и Душебаев, додека Карачиќ и Тоскиќ биле прецизни барем еднаш на 9 од 10-те натпревари во групата.

Од левата бековска позиција Вардар постигнал 43 погодоци, од средната бековска позиција 61, а од десната 45. Од лево крило сме постигнале највеќе погодоци и тоа 73, додека од десната страна сме погодиле 37 пати.
Тројцата пикери на Вардар севкупно ја треселе противничката мрежа во 53 пати.

Вардарци имале 47 пенали, а искористиле 36 од нив, што претставува околу 76.6% реализација од линијата од седум метри. Противниците погодиле 27 од вкупно 38 седмерци, што им носи 71.1% на реализација.

Доколку ги занемариме квалификационите натпревари во ЛШ, нашиот ракометен клуб сеуште има катастрофален биланс во ова натпреварување, меѓутоа далеку се времињата кога бевме инфериорни во голем дел од мечевите со тогаш поквалитетните противници.
Досега, имаме скор од 20 победи, 9 нерешени и 37 порази во вкупно 66 натпревари одиграни во најелитното Европско ракометно натпреварување.
Се надеваме и веруваме дека овој скор набрзо ќе биде подобрен, а зошто да не се бориме и за некој медал уште во оваа сезона.

Веќе утре не очекува ждребката за осминафиналето, а можни противници ни се Загреб, Висла Плок и Данкерк.

No comments:

Post a Comment