Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Sunday, February 22, 2015

ВАРДАР-Мзт 58-87 младинско куп финале!

Уште на стартот на извештајот за младинското куп финале, ќе напишеме неколку зборови за одлуките на федерацијата и одлуките на самите клубови кои ги осудуваме во текот на целата сезона. Извештајов ќе го имаше овој почеток дури и во ситуација Вардар да го добиеше финалето, затоа што време е клубовите да сфатат некои работи кога се работи за младинскиот спорт. 

Најпрвин, прилично непознато за јавноста е дека секој клуб во младинското натпреварување може да пријави два играчи кои се родени во 1993 година (имаат по 21-22 години сезонава) и еден играч кој е роден во 1992 година (што значи дека може да има 23 години во текот на оваа сезона. Овие играчи играат во лига со играчи кои се родени 1995, 1996, па дури и со 1997 и 1998. Некои забораваат која е поентата на младинскиот спорт, а тоа е да бидат произведени играчи кои во иднина би биле предводници на сениорските тимови. 
Младинците на Вардар веќе играат во втората сениорска лига, бидејќи го сочинуваат тимот на Вардар Апаве. Оние кои се генерација 1997 играат за Вардар во трета лига.
Голем минус за Вардар е што во младинското првенство игра со играчи кои се постари од генерација 1995. Дејан Лазаревски беше МВП на младинското финале уште пред 3-4 сезони, а истиот играч и денеска настапи во младинскиот куп.
Тие играчи си придонеле доволно за нивните генерации, веќе имаат прволигашко искуство и нема потреба да им фаќаат место на помладите кои сигурно се желни да изиграат еден меч кој решава за титула. Ако не го осетат притисокот на 18 години, кога би го осетиле друг пат?
На крај тие ќе бидат младинци на 22 години, па ќе дебитираат на 25, и во репрезентација ќе заиграат на 30 години. Овие смешни одлуки на федерацијата придонесуваат да нема никаков развој во младинската кошарка, бидејќи истите играчи се младинци по пет сезони, бидејќи клубовите ги интересира дали ќе освојат титула, а не со кои играчи ќе ја освојат.
Ако Вардар денес настапи со играчи кои барем потекнуваат од нашата младинска академија, МЗТ играше со играчи кои веќе се промовирани во нивниот прв тим, биле на подготовки и со репрезентацијата, а повеќето не се ниту нивно производство.
Така, денес за МЗТ настапи Бобан Стајиќ кој веќе 2-3 сезони е редовен играч во Македонската сениорска прва лига, блескаше и во дресот на Лирија пред две сезони и е далеку од некаков младинец кој би требал да се промовира во младинската лига. Притоа, до денеска Стајиќ немаше изиграно ниту минута за младинскиот тим на МЗТ, но сепак беше вратен во младинци само за да се освои титулата. За младинците настапија и Адем Мекиќ кој до лани играше во нашиот дрес, истотака има сениорско искуство и истотака нема настапувано досега за младинците на МЗТ. Тука беа и Љубо Младеновиќ и Михајло Арсовски, кои истотака само за финалето беа прекомандувани од прв состав, во младински. И двајцата потекнуваат од академијата на Работнички, а дојдоа во МЗТ пред една сезона.
И додека во МЗТ играчи на иста возраст како Стајиќ го носат тимот на свој грб, Бобан ќе може да се пофали дека бил лидер во младинското куп финале. Ќе повториме, истово ќе го кажевме ако освоеше Вардар, бидејќи ние бевме уште полоши со тоа во прв тим ни играа тројца играчи кои се вон овие генерации, а тоа се Дејан Лазаревски и Игор Ивановиќ, но ако ништо друго, овие барем играат за младинци на Вардар во текот на сезоната и потекнуваат од нашиот младински погон. 

Да се вратиме на натпреварот...
Вардар денес имаше огромен хендикеп, поради тоа што во составот не беше Димитар Ивановски (кој не потекнува од нашиот младински погон, туку помина низ повеќе клубови и од Куманово дојде кај нас) кој требаше да ја бие битката со високите Младеновски и Арсовски. Вардар остана на само еден висок играч, Мартин Шалев кој слично како и во ланското младинско првенствено финале, не беше достоен да се носи со противникот. 
Тренер на МЗТ беше довчерашниот наш младински тренер Владимир Мирковски, а помошник е играчот на Вардар во третата лига, Мартин Петровски. Овој меч беше дуел на тренери кој цел живот работеле заедно (Крстиќ, Андриевски и Кочов на едната страна, Мирковски на другата) и играч кој во трета лига игра со дел од младинците на Вардар во ист состав. 
Прашањето беше кој ќе го добие дуелот меѓу Лазаревски и Стајиќ, а одговорот го добивме многу брзо. 
Стајиќ лесно се пробиваше низ нашите редови и имаше 16 поени уште по првата четвртина која ја загубивме со 32-19 за противникот. Играта на Вардар не вреди да се коментира, никакви акции, промашувања од чисти позиции, нешто што не смее да им се случува на играчи кои со години играат заедно. Со оглед на тоа што редовно го следиме КК Вардар, на натпреварите од трета лига сме навикнале на вакви промашувања, какви што ни во маалски баскет не се гледаат, но поголемиот дел од салата се фаќаше за глава при дел од шутевите. Така, Лазаревски неколку пати ја закова топката во долниот дел од таблата при шутеви од три, а при лошите удари од тројка особено се истакна Шалев. Вардар форсираше тројки, бидејќи немавме центри за игра под кошот. Единствено Нацевски одржуваше каква-таква неизвесност во дуелот. Во втора четвртина заигравме малце подобро, Лазаревски почна да му игра агресивна и дрска одбрана на Стајиќ, па успеавме да играме многу подобра одбрана, по која од -17 дојдовме на само -8. Тоа беше најмалата разлика на која се приближивме. МЗТ ја сменија тактиката, па Младеновски излегуваше на висок блок на Лазаревски кој во чекор го следеше Стајиќ, останатите од Вардар не ја следеа играта и тоа беше доволно да ни прават вишок во секоја ситуација, по што МЗТ ја врати серијата и одново се одлепи на 16 разлика. Вардарци успеаа на полувреме да намалат на 47-35.
Стајиќ, Младеновски и Цветановски беа тројцата играчи кои ни правеа големи проблеми, додека кај нас му одеше шутот само на Ристовски, а својата задача во оваа четвртина одлично си ја одработи и Лазаревски.
Крстиќ мораше да менува многу во играта, но константно ги правеше истите грешки оставајќи ги индиспонираните Шалев и Бешлиовски на теренот. Разбирливо беше дека ни недостасува Илиевски и со тоа губевме под кошевите, но сепак мораше да се проба некоја друга варијанта.
Впрочем, Вардар играше убаво со брза петорка на теренот, и константно да правевме голем притисок вон рекетот, играјќи со ниска шутерска петорка, многу подобро ќе одигравме отколку вака. Напразно имавме високи играчи на теренот, кои ниту беа од корист во одбраната, а најмалце во нападот, кога се случуваше баш тие да мора да шутнат за тројка.
Мала надеж беше фактот што Стајиќ имаше три лични грешки, па можеше да заработи уште некоја и да треба да биде седнат на клупа. Без Стајиќ на теренот, и кошаркарите на МЗТ делуваа многу лошо, па тој беше клучна алка во нивната игра денеска.
Спортивно на нашите очекувања, започна и третата четвртина. Вардар со тројката на Ивановиќ намали на 9 разлика и тоа беше се од нас. Започна фуриозна игра на МЗТ, буквално не демолираа бегајќи на разлика поголема од 20 поени. 
Се разигра и Мекиќ кој долго време беше само на еден поен, додека ние веќе ја предадовме титулата и ги испробувавме сите играчи.
Многу порано шанса требаше да добијат играчи како Струја (Филип Јанковски) и особено Дамјан Робев.
Единствена светла точка во нашиот состав денеска беше токму Робев. 
Дечкото одигра одлично во минутите кои ги доби. Постигна 13 поени и само Ристовски со 15 беше подобар од него, асистираше, имаше и една одлична блокада, беше нерешлива енигма за противничките чувари, а и во одбрана беше добар. Да не мислите дека играл против послаби играчи, Мирковски на овој меч се реши дека докрај треба да игра скоро со целосната прва петорка. Така дури и на +30, во составот можевме да ги видиме Стајиќ и Младеновски...
Робев има и добри настапи во трета лига за Вардар и се надеваме дека во иднина ќе биде нешто подобар од добар играч од младинското првенство. Е, за вакви играчи треба да бидат овие финалиња, за играчи кои допрва треба да тропнат на вратите на првите екипи, (Робев е роден во 1997), а не за играчи кои одамна се дел од првите состави.
Колку лош шут имавме денес, говори фактот што завршивме со 14/32 од линијата за слободни и 2/25 во ударите за три поени.

Се додека на клубовите им е поважно да освојат титула, а не да извадат играчи ќе бидеме последни во втората дивизија во младинската кошарка. 

Покрај Робев, друга светла точка на црвено-црната страна беа навивачката група Комбат која во бројка од 50-тина луѓе му даде добра поддршка на нашиот клуб. Поддршката во прво полувреме беше одлична, а потоа поради разочарувачкиот резултат, атмосферата малце падна. 
На крај честитки за титулата на кошаркарите на МЗТ!

No comments:

Post a Comment