Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Thursday, February 12, 2015

Кој е Сенијад Ибричиќ?

Досегашните засилувања на фудбалскиот клуб Вардар беа испланирани и однапред договорени уште пред да се отиде на зимските подготовки кои веќе години наназад, стандардно се одвиваат во Анталија, Турција. По потпишувањето на голманот Пачовски, левиот бек Попов, играчот кој игра на повеќе позиции, Дејан Блажевски, и играчот од средината Стефан Спировски, Вардар донесе уште едно засилување коешто ја разбранува нашата спортска јавност во последните недела дена.



Пред десетина дена со Вардар беше поврзан играч кој до пред половина година беше редовен репрезентативец на Босна и Херцеговина, играч кој беше дел од СП во Бразил, играч кој е легенда на еден гигант од екс Југославија. Сенијад Ибрачиќ е 29 годишен играч кој може да игра на неколку позиции во средината на теренот, стана последното засилување на нашиот фудбалски клуб. Една од легендите на Хајдук од Сплит, откако не успеа да потпише со Хрватскиот клуб, од Турскиот Ерчијеспор премина во нашите редови до крајот на оваа сезона. Сеуште нема информации од клубот на колкав период е потпишан договор со Ибричиќ. Низ порталите се шпекулираше со најразлични договори, договор од 2.5 години, договор од 2 години, за на крај да се дојде до некој заклучок дека Сенијад ќе биде дел од Вардар до крајот на сезоната, со тоа што се остава простор за продолжување на договорот.
Овој договор за Ибричиќ веројатно преставува последна шанса за да ја врати препознатливата форма која ја имаше пред неколку години кога повеќе Европски клубови имаа неуспешни обиди да го донесат во своите редови, за на крај да заврши во Локомотив Москва, период во кој кариерата му оди во надолна линија.

Својата кариера Сенијад ја почнува во својот локален клуб, Босанскиот Подгрмеч. На 18 годишна возраст добива шанса да заигра за првиот тим и на 23 меча постигнува 16 погодоци во  втората Босанска лига. После само една сезона, преминува во Хрватскиот прволигаш Загреб. Во Загреб минува 4 години, во кои блесува во последните две сезони. Најпрвин стигнува до третата позиција со Загреб, а во неговата последна сезона во нивниот дрес, ја завршува сезоната 2007/2008 со 12 погодоци, по што се наоѓа на 6-тата позиција на листата на стрелци во Хрватската прва лига со само еден погодок помалку од Лука Модриќ. Во периодот од 2005 до 2008, Ибричиќ одиграл 99 натпревари во Загреб во кои постигнува 22 погодока.
Последната сезона во дресот на Загреб е доволна причина да се најде на радарот на еден од посилните клубови во екс Југославија, екипата на Хајдук од Сплит.
Ибричиќ на свои 23 години доживува голем напредок во својата кариера. Веднаш добива шанса да се покаже во првиот состав на Хајдук и на крајот успева да му помогне на тимот да заврши на втората позиција, постигнувајќи 12 погодоци, само 4 погодоци помалку од најдобриот стрелец во лигата, Марио Манџукиќ.
Веќе во наредната сезона 2009/10, Ибричиќ е вистински лидер на екипата, завршувајќи го првенството со 17 погодоци кое му ја носи втората позиција на листата на стрелците. Динамо Загреб е тимот кој доминира во овие години, па Хајдук се задоволува само со втората позиција во првенството.
Но, во истата сезона Ибричиќ е човекот која му ја носи петтата куп титула на Хајдук.
Во полуфиналето го постигнува единствениот и решавачки погодок во двобојот со лутиот ривал Динамо, а во финалето е стрелец на два погодока против Шибеник и е главниот виновник за прекинувањето на 6 годишниот пост без освоен трофеј на Хајдук.
Во две и пол сезони минати во Хајдук статистичарите пресметале дека само на првенствените натпревари има постигнато 35 погодоци и има 20 асистенции. 
Откако Хајдук ги одбива понудите од Галатасарај и Газиантепспор, на крај се решава да го продаде несомнено својот најдобар играч во моментот, на Рускиот прволигаш Локомотив Москва.
Од тука неговата кариера оди само во надолна линија. Наместо на 26 годишна возраст да го достигне зенитот на својата кариера, после сезона и пол, период во кој на 28 натпревари, постигнува 2 погодоци, заминува на позајмица во Газиантепспор.
Од таму, оди на позајмица во Касимпаша, за последните две сезони да ги мине во Ерчијеспор.
Во последната полусезона во Ерчијеспор, Ибричиќ има одиграно само 10 мечеви во кои нема постигнато ниту еден погодок, ниту пак забележано некоја асистенција.

Ќе се повикаме на пишувањата во некои Хрватски портали, како најкомпетентни за опишување на неговите настапи во Хрватската лига.
Ибричиќ е опишан како најдобриот играч на Хајдук во периодот кога го носи нивниот дрес. Играч од средината на теренот кој поседува огромна имагинација, играч кој со еден потег може да го матира противникот, давајќи одлична топка до напаѓачите, но и играч кој непотребно предолго ја држи топката во своите нозе. Хрватските аналитичари процениле дека тренерите во Хајдук му дале преголема слобода во играта на Ибричиќ, односно клубот премногу се потпирал на неговата игра. Проценет како епицентар на креацијата во средниот ред на Хајдук, честопати противничките тренери знаеле да постават тактика со која одлично ќе го покријат и ќе биде невидлив на теренот. Ние можеме да го споредиме со настапите на Пандев во репрезентацијата пред неговото пензионирање од истата. Сите играч му додаваат на Пандев во средината на теренот и очекуваат дека ќе креира шанса за напаѓачите. Пандев најчесто ќе заградеше неколку играчи, ќе успееше да помине неколку од нив, за на крај да му биде направен фаул. Токму поради честите фаули кои ги правеле врз Ибричиќ и поради фактот што цела игра била оставена на него, доста често имал дуели со противничките дефанзивци и средњаци, а тоа е само потврдено со фактот што во 76 настапи во Хајдук, заработува 14 жолти картони.
Накратко, Ибричиќ е опишан како играч од стариот калибар на играчи, одличен фантазер на теренот, но и играч кој не може да следи брзо темпо на играта, бидејќи со предолгото задржување на топката константно го успорува темпото на игра.
Овој податок е особено поткрепен со неговиот понатамошен тек на кариерата, кој навистина е разочарувачки за играч кој од навивачката група Торцида е избран за најдобар во периодот од 2000-2010 година.

Luka Kaliterna (1911.-1920.)
Ljubomir Benčić (1921.-1930.)
Jozo Matošić (1931.-1940.)
Frane Matošić (1941.-1950.)
Bernard Vukas (1951.-1960.)
Pero Nadoveza (1961.-1970.)
Jurica Jerković (1971.-1980.)
Blaž Slišković (1981.-1990.)
Milan Rapaić (1991.-2000.)
Senijad Ibričić (2001.-2010.)

Голема е честа да се влезе во друштво на најдобрите играчи на Хајдук на сите времиња. 
За некого е доста чудно што токму Сенијад Ибричиќ е избран за најдобар играч на Хајдук во минатата деценија, пред имиња како Стипе Плетикоса или Дарио Срна. Како што знаат низ смеа да кажат членовите на Торцида, двата гола на Ибричиќ во дуелот со Униреа од Романија, непосредно пред цртањето на графитот биле решавачки за Сенијад да ја добие оваа огромна чест од навивачите.
Од Торцида велат дека играчите ги бирале не само според перформансите на теренот, туку и заради играњето со срце за боите на нивниот клуб. Од овој аспект, Ибричиќ е вистински херој на навивачите на Хајдук и нивен најголем миленик во последните години. 


Неговата слика се наоѓа на големиот графит во Сплит, посветен на горенаведените играчи кои се одбрани за најдобри во 100-годишната историја на фудбалскиот клуб Хајдук.
Познавајќи ја фанатичноста на навивачите на Хајдук, не само на Торцидашите, туку и на сите негови фанови, навистина е голема чест да се најдеш во едно вакво друштво.

Неговото заминување од Ерчијеспор беше примено со големо задоволство во редовите на навивачката група Торцида, откако се шпекулираше за враќање на Ибричиќ во Хајдук. Самиот им се понудил на челниците на Хајдук, велејќи дека би играл и без пари во дресот на Сплитскиот клуб. 
Интересно, од клубот сметаат дека тој воопшто не им е потребен во моментов и дека негово враќање во клубот, би значело стагнација во кариерата на Балиќ и Влашиќ, млади играчи кои играат на истата позиција како и Ибричиќ. Со оваа констатација се сложуваат и некои Хрватски портали кои велат дека Ибричиќ е далеку од онаа форма која ја имал пред 5 години. Дури и по потпишувањето за Вардар, во Хрватските медиуми се води вистинска борба помеѓу Ибричиќ и Тудор. Имено, нашиот играч Ибричиќ го обвини Тудор дека поради неговите комплекси заработени од причина што не е почитуван од навивачите околку колку што е почитуван Сенијад, иако е Сплитско дете, не дозволил да премине во редовите на неговиот омилен клуб. Тренерот на Хајдук одговара дека сите во клубот биле против негово враќање во екипата, и нагласува дека во годините минати во Хајдук, Ибричиќ на два пати имал жестока расправија со екс тренерот Едуардо Реја, караница во која испраќал и непристојни зборови на сметка на тренерот.
Во разните коментари за Ибричиќ може да се прочита дека станува збор за играч кој нема влакна на јазикот и знае да влезе во конфликт со авторитетите.
Коментарите под вестите говорат дека неговите последни постапки се осудени од навивачите на Хајдук и голем дел од нив застануваат зад Тудор. Тоа дефинитивно им се допаѓа на фановите на Динамо Загреб кои ги исмејуваат нивните ривали, бидејќи не можат да се одлучат дали го обожаваат Ибричиќ или не го сакаат.
Ибричиќ е доста почитуван и во градот во кој ја почнува кариерата, Сански Мост. За време на неговите репрезентативни мечеви во дресот на БиХ, луѓето од овој град често го следат со транспарент кој е наменет за него. Во негова чест е отворена зграда во самиот град.

Неговата репрезентативна приказна е истотака завршена од неодамна. Во дресот на БиХ, Ибричиќ дебитира во 2005 година и истиот го носи се до јули 2014 година. На 42 настапи за БиХ постигнува 4 погодоци. Дел е и од репрезентацијата на Бих на СП во Бразил, но е еден од трите играчи кои не добиваат шанса да го покажат своето фудбалско знаење. Навреден од критиките дека во дресот на БиХ е земен само заради големото пријателство со Един Џеко, по завршувањето на СП, Ибричиќ официјално се пензионира од настапите во репрезентација.




Приказната меѓу Хајдук и Ибричиќ се чини дека истотака е завршена, иако Ибричиќ повреќепати има нагласено дека тоа е тимот во кој сака да ја заврши својата кариера, иако како клуб за кој навива ја потенцира Италијанска Рома. Тоа што нас не интересира во моментов се неговите настапи во Вардаровиот дрес. Низ годините, Ибричиќ доживува трансформација од играч кој игра како поофанзивен средњак, до играч кој е вратен малце поназад во средината на теренот. Веќе на првиот подготвителен натпревар за Вардар забележа асистенција зад своето име. Ибричиќ, несомнено е играч кој може многу да придонесе во нашиот дрес, особено ако ја врати својата стара форма. Ова ќе биде да се биде или не за него. Сеуште не е толку стар, се работи за играч кој има 29 години и е во позрелите фудбалски години. Има големо искуство зад себе, нешто што е одлична препорака за него. Можеби тој е играчот што го бараме со години, играчот кој ќе знае да даде топка со очи за колегите од нападот и играч кој одлично ќе знае да ја задржи топката во свои нозе, нешто што навистина му недостасуваше на Вардар во изминативе сезони.
Андреев ќе има слатки маки при изборот на играчите од средината, особено што тука се и Глигоров, Дашијан, Спировски, Деспотовски и уште неколку млади имиња во нашиот состав. 
Веројатно формацијата со Глигоров, Дашијан и Ибричиќ во средината, како и Блажевски и Асани на крилните позиции ќе биде првиот избор на нашиот тренер.

Вардар одамна немал состав каков што поседува во моментов, и веројатно фали уште еден класа напаѓач, па да можеме посериозно да ја напаѓаме и Европа. 
Сенијад во едно интервју нагласи дека се надева дека ќе стане миленик и на Комити, а ние истотака се надеваме дека со неговите игри на теренот ќе придонесе да се случи ова. Вардар одамна немал играч кој е вистински лидер на теренот, играч кој ќе остане вечно запаметен меѓу црвено-црните фанови. Да видиме дали Ибричиќ ќе ги оправда очекувањата и ќе ни помогне да прославиме нови успеси.

No comments:

Post a Comment