Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Saturday, January 17, 2015

Вујо мајсторе!!!

Целосна спортивност на нашиот сегашен тренер на РК Вардар е човекот кој остави огромна трага во нашиот ракометен клуб во изминативе години. Веселин Вујовиќ е име кое има големо значење во ракометниот свет, ракометар кој своевремено е прогласуван за најдобар играч на светот, ракометар со кој се поврзани најголемите успеси на екс Југославија.

Роден во Црногорскиот град Цетиње во далечната 1961 година, Вујо својата ракометна кариера ја започнува во неговиот локален клуб, Ловќен. Интересно, покрај за ракометниот клуб на Ловќен, настапува и за истоимениот кошаркарски клуб. Пред ракометот и кошарката, прва љубов му била каратето, а како што и самиот вели, со каратето научил да се контролира и да го почитува противникот. За нашата јавност Вујо е познат како најтемпераментниот тренер во Македонскиот ракомет, па сите овие лични признанија дека од каратето научил да се контролира ги земаме со мала резерва. Самиот си признава дека во младоста бил доста темпераментен, низ смеа велејќи дека бранејќи ги девојките од Цетиње од "нападите" на врсниците од Будва, научил како машки да трпи ќотек. При еден ревијален дуел меѓу КК Босна и КК Ловќен во кој настапил и легендарниот Делибашиќ, Вујо добил комплименти дека е време да заигра за една кошаркарска екипа која има големи амбиции во Европа. Истовремено добил покана за настап во јуниорите на ракометната селекција на Југославија, покана за настап во кошаркарскиот клуб Босна од Сараево и покана од ракометниот клуб на Железничар од Сараево. На подготовките на јуниорската репрезентација, неколку негови колеги од Металопластика му раскажуваат за одличните услови во Шабац, а непосредно после тоа квалитетите на Вујо се забележани од екипата, која во тој период полека го превзема приматот во Југославија, Металопластика од Шабац. На 18 годишна возраст преминува во тимот кој понатаму ќе направи вистински бум во Европа, тимот кој ќе ја даде скоро комплетната прва постава на репрезентацијата на Југославија која ќе ги постигне своите најголеми успеси и која е главен виновник за понатамошниот развој на овој спорт на Балканот. Интересно, паралелно со настапите во Металопластика, Вујо тајно игра и кошарка за КК Ловќен. Во тоа време бил помал протокот на информации, па тешко можеле да се откријат вакви работи, иако полека сите сфаќале на кое место оди Вујо после завршувањето на ракометните натпревари на Металопластика. Откако еден локален весник напишал цела статија за кошаркарскиот дуел кој Вујо го решил во последните секунди, веќе се било кристално јасно. Од овие моменти неговата кариера и дефинитивно е само во ракометна насока.

Металопластика во тие години дава голем дел од јуниорските репрезентативци на Југославија, па генерацијата предводена од Вујовиќ станува светски јуниорски шампион. За прв пат во својата историја Металопластика ја освојува титулата во првенството на Југославија, а притоа шампионската титула не ја препушта на друг од 1981/82 до 1987/88. Во овој период Вујо освојува 7 последователни титули во составот на Металопластика, како и два куп трофеја. Клубот не застанува овде, во Европски рамки ја освојува титулата во ракометната лига на шампиони, и тоа на два пати во сезоните 1984/1985 и 1985/1986. Повредата на Вујо за финалето против Дукла од Прага е главната причина зошто Металопластика го губи финалето во сезоната 1983/84. Вујовиќ е опишуван како еден можеби најдобриот ракометар на сите времиња и со сигурност најдобриот лев бек во негово време. Одличен шутер кој разбива од 9 метри, торпедо со огромна креативност со која маестрално ги разигрува своите соиграчи и ги остава во зицер позиции за постигнување лесен погодок, тежок за чување, одличен во одбрана. Сите карактеристики на добар ракометар, собрани на едно место. Прогласен е за најдобар спортист на Југославија во 1985 година, а според ИХФ е прогласен за најдобар ракометар во 1988 година. На сениорската репрезентација на Југославија и носи сребро на СП во 1982 година, злато на СП во 1986 година во составот во кој игра заедно со Башиќ, Елезовиќ, Вуковиќ, Рниќ, Мемиќ, Портнер итн. На олимписките игри освојува злато во 1984 година и бронза во 1988 година. На олимпијадата во 1984 година, Вујо бил во постојан контакт со Мајкл Џордан кој бил на почетокот од својата кариера и вели дека токму од него ги научил "кошаркарските елементи" кои ги применувал во ракометната игра.
Вујовиќ е предводник во златните години на Југословенскиот ракомет, годините во кои ракометен центар била екс Југославија. 
Својата натамошна кариера ја продолжува во Барселона со која освојува уште една лига на шампиони, а истотака и еден куп други трофеи во домашното првенство. Играчката кариера ја завршува во Грањолерс.
На Македонската јавност, во тој период и е познат и по еден дуел кој вечно ќе остане запаметен во Македонската ракометна историја. Во последните години на доминацијата на Металопластика, токму Битолски Пелистер им е главниот ривал на теренот. Меѓусебниот дуел во Битола завршува со општа тепачка во која подебелиот крај го извлекуваат гостинските ракометари кои на крај успеваат да ја одбраната титулата. Овој текст добро ги опишува настаните на дуелот одигран во 1988 година. Тоа е и причината поради која Вујо како тренер на Вардар, секогаш имаше "топол" пречек во салата Младост.

За Битолчани сум сигурен дека и покрај се имаат голем респект за Вујовиќ, меѓутоа во тој период никој не можел да насети каква икона ќе стане Вујо за навивачите на Вардар. Михајло Михајловски во 2006 година го поставува Вујо за тренер на Вардар. Вардар станува двократен шампион на Македонија, по што Вујо ја превзема и јуниорската и сениорската репрезентација на Македонија. Сениорите ги води само во баражот против Словенија, додека на јуниорите е предводник во текот на целото првенство кое се одржува во Охрид. Доминацијата на Вардар во сениорскиот ракомет полека ја прекинува Металург кој посериозно почнува да вложува во своите редови. Го надиминуваат буџетот на Вардар и успеваат да ни одземат титула во сезоната 2007/08. Сезоната е одбележана со три нерешени натпревари и само еден триум од еден разлика на Металург во нашата сала. Притоа, во првото коло Вардар пропушти десет голови предност на полувреме во Автокоманда. Решавачкиот дуел се играше на наш терен и ни беше потребна само победа од еден разлика за да станеме шампиони. Дуелот заврши нерешено, а го одбележа тепачката од невидени размери во која специјалците удрија по нашите ракометари и ги избуткаа позади заштитната мрежа зад головите. Инцидентот се случи меѓу Вујо и судијата Ѓорѓи Начевски кој во текот на натреварот судеше во корист на Металург. Откако Начевски го бутна Вујо, овој се обиде да се пресмета физички, по што се приклучија и играчите на двата клуба, а мораше да интервенираат и специјалците кои потоа влегоа во клинч со нашите ракометари. Сметката беше наплатена во купот кој го добивме во нашата сала. 
Наредната сезона се сменија улогите. Првите два натпревари одново завршија со нерешен резултат, а решавачки беше третиот меч во кој после неколку одложени термини славевме со 8 разлика. Победивме и во четвртиот дуел, меѓутоа го загубивме купот.
Вујо донесе два првенствени трофеи и два купа во период од 3 и пол години, а клупата ја напушти на полусезоната од наредната сезона. Во сезоната 2008/09 ривалите од Автокоманда почнаа многу посериозно да вложуваат во ракометот, на нивната клупа седна Лино Червар, ни го купија капитенот Мојсоски како и неколку други играчи и направија подобар состав од нашиот. Ги загубивме првите два двобои во сезоната па шампионот веќе беше познат, уште пред да замине Вујо. Во овој период Вујо не однесе во ракометната ЛШ иако имавме доста лимитиран состав, а притоа заработи и неколку месечна суспензија откако одново го покажа својот темпарамент на едно Вардарово гостување во Швајцарија. 
Во Вардар се врати откако не успеавме да го победиме Гумерсбах во полуфиналето на Купот на ЕХФ во 2011 година. Единствената цел беше да се направи тим кој конечно ќе го симне засилениот Металург од тронот. Во Вардар во овие години се работеше доста лошо, се сменија многу играчи, имаше неправилна селекција, па Вујо доби задача да направи еден млад тим со играчи од целиот Балкан кои подоцна ќе бидат лидери на нашиот ракометен состав. Започна и проектот наречен регионална лига.
Она што никој не го очекуваше беше дека Вардар ќе стане првиот регионален шампион со победа над тогаш големиот Загреб на нивни терен и со триумф над Металург во финалето. Полека се наѕираше крајот на владеењето на Металург. Стравот во нивните редови беше се повпечатлив, па постојано на пресконференции пробуваа да го оцрнат името на Вујо преставувајќи го како насилник кој не дозволува фер ракомет. Своето си го одработуваа и медиумите на Минчо, како и судиите од нашата федерација, иако претседател на РФМ беше токму нашиот Михајло Михајловски. Пред дерби дуелот од првенството, ривалите од Автокоманда прати инспекција за да ги провери странците во нашиот состав, а истотака ни го купија и капитенот Тихомир Додер. Во меч со лошо судење и никакви услови за игра, по нерешеното прво полувреме, на крај загубивме со 9 разлика и уште тогаш се откажавме од титулата. Како последен дуел со нив, ни остана куп финалето. Одново Вардар доби срамно судење, а судиите и делегатот се правеа неми на константниот притисок од клупата на Металург. Како вистински лидер на една екипа, Вујо им врати со иста мера. Ја собра цела екипа и му се нафрли на судијата, на кого не му беше сеедно дали ќе продолжи со смешното судење во противничка корист. Штом добивме фер судење, буквално ги прегазивме и после долги години, освоениот куп во 2011/2012 беше првиот трофеј кој успеавме да им го украдеме од витрините. Нормално, во медиумите контролирани од Минчо, Вујо беше претставен како насилник, а Вардар како тим кој само со насилство може да стигне до титула. Ракометните лаици уште еднаш останаа излажани и не ја дознаа вистинската слика од теренот. Многу од фановите на Вардар му замеруваа на темпераментноста, му замеруваа што применуваше тактика во која го вадеше голманот за да имаме играч повеќе во напад, му замеруваа за купувањето странци, меѓутоа за Комити секогаш Вујо бил број еден. Прославата во парк остана запаметена по изјавата на Вујо:
-Можеби јас не сум најдобриот тренер на светот, но вие дефинитивно сте најдобрите навивачи на светот.


Наредната сезона беше сезона од соништата. Никој не очекуваше дека Вардар за брзо време ќе направи состав кој ќе стане страв и трепет во иднина. Вујо им даваше шанса на младите играчи како Карачиќ и Милиќ од кои првиот прерасна во бек од светски калибар, го врати во живот нашиот репрезентативен пикер Стоилов, го пронајде одбранбениот џин Абутовиќ, како и неговиот сонародник Драгаш, а што е најважно на секој играч му даваше подеднаква минутажа со цел постојано да имаме свеж состав на теренот. Често во неговите интервјуа знае да каже дека ракометот кој се игра денеска го нема вистинскиот шмек како раометот кој се играл во негово време. Порано судиите не толерирале брз центар, а во позициона игра е многу потешко да се постигне погодок. Вујо низ смеа знае да каже дека во оваа бркотница на теренот се изгубила убавината на играта, но токму под негова палка Вардар почна да игра модерен ракомет и и овозможи на Македонската јавност на дело да се увери што значи играње на брз центар. После долги години Металург конечно падна во Кале и тоа во првиот меч од СЕХА лигата. Гол на повратникот Прибак од 9 метри со удар по завршувањето на мечот. Еуфорија во Кале, гостите не знаат што им се случило, а во целиот тој хаос, се случува и инцидент меѓу навивачките групи по кои Вујо го остава печатот кој со ништо не може да се избрише од нашите срца. Својата храброст најубаво ја покажа кога се изложи на опасност за да ги спаси Вардаровите навивачи од полициските пендреци. Многу членови на Комити му должат голема благодарност, бидејќи Вујо во тие моменти не се постави како тренер на Вардар, туку како дел од нас, како најголемиот Комита меѓу нас. Вујо мајсторе, слоган кој се скандираше веќе подолго време, сега доби една сосема нова димензија. Во полуфиналето од СЕХА лигата во одлична атмосфера го елиминираме Металург, но го губиме финалето против Загреб. Металурзите слават што успеаа да ни го земат купот, после нашиот кикс во Струмица се уверени дека ќе ја освојат титулата уште на нивни терен, меѓутоа Вардар вади нерешено и цело првенство се решава на наш терен. Гостите не бираат начин да предизвикаат прекин на мечот и празнење на трибините, по што во 15-та минута доаѓа до тепачка на теренот и прекин на мечот. Судијата решава дека покрај другите, црвен картон треба да добие и Вујо, Исто како и во 2008 година, така и тогаш Вујо истрча еден почесен круг околу салата во кој се поздрави со сите во првите редови, а остатокот од мечот го водеше заедно со Комити на навивачката трибина. Металург конечно падна, Вардар е новиот шампион на Македонија.


И после се, федерацијата му доделува едногодишна казна на Вујо, по која тој спогодбено го раскинува договорот со нашиот клуб. Покрај неговото заминување, на почетокот од секој меч се скандира Вујо мајсторе, а изработен е и бајрак со неговиот лик, чест која досега не ја добил никој од играчите и тренерите на Вардар во било кој спорт. Кога би се прашувале фановите на Вардар, Вујо веројатно би бил и прв кандидат за претседател на СД Вардар. Македонските спортисти имаат многу да учат од овој великан на ракометната игра. Судбината сакаше токму тој да биде противнички тренер во последниот меч на РК Вардар во салата во која ја испишавме нашата историја. Гостување на Загреб на Вујо против Вардар во СЕХА лигата, како опростување со Кале и преселба во новиот спортски комплекс Јане Сандански. Натпревар кој предизвика бура од емоции на теренот и на трибините. "Вујо мајсторе", "Еден е Вујо", ечи од трибините во текот на целиот натпревар. Ниту една грамада како Вујо не успева да ги задржи емоциите и се расплакува, воодушевен од пречекот кој му го приредија оние за кои секогаш ќе биде најдобар, оние кои секогаш ќе му бидат број еден во срцето.


Да додадеме и еден мал податок кој е можеби помалку познат во нашата јавност. Имено, се смета дека нашиот моментален голман, Арпад Штербик, токму поради Вујо ја напуштил Српската национална селекција, бидејќи наводно како селектор на Србија, Вујо барал да им пуштат на Хрватите во меч на ЕП 2006 кој немал никакво значење за Србија, но победа на коцкастите им носела полуфинале. Штербик бил гласен во јавноста, по што бил избркан од репрезентацијата. Долги години двајцата не контактираат, па дури на дуелите во кои се среќаваат како противнички тренер и играч, воопшто не си пружале рака. После одредено време, Штербик вели дека за него Вујо е најдобриот тренер, а Вујо му испраќа честитки во моментите кога Штербик станува татко. 

На крај, Вујо фала ти за се што стори за нашиот ракометен состав и се надеваме дека еден ден одново ќе те видиме во црвено-црните бои.

No comments:

Post a Comment