Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Wednesday, January 7, 2015

Тивкиот Раул

Не знам дали се согласувате со тезата дека добар тренер е услов за успешен спортски колектив, но знам дека ќе се согласите дека РК Вардар го води тип на тренер кој знае да биде клучен фактор во остварување на победа во натпреварите. Сите се сеќаваме на трите сменети тренери на клупата на Вардар по само седум одиграни кола во групната фаза од ракометната ЛШ, но наеднаш тивко, без голема помпезност, каква што впрочем е целата негова кариера, Раул Гонзалез е именуван за прв тренер во клубот што докажа дека не е лесен залак ниту за Барселона, ниту за милионскиот ПСЖ и е со амбиции да се наметне за пласман меѓу најдобрите во ракометната ЛШ. На 22 Јануари беше презентиран пред македонската јавност и скромно пред медиумите ја изрази својата доверба во проектот наречен РК Вардар.

„-Благодарност до Сергеј кој ми даде прилика да работам во клуб со големи амбиции на меѓународната сцена. Ова е шанса која не се пропушта. Сигурен сум дека ќе го дадам максимумот за да ги исполнам задачите и целите кои се очекуваат од мене. Се заблагодарувам и за топлиот пречек се верувам дека брзо ќе се адаптирам во Скопје"
Не требаше да мине долго време пред Раул да стане тренер за почит, но најпрвин да се навратиме во годините од неговата играчка кариера.

Раул потекнува од градот Ваљадолид. Целата ракометна кариера ја поминува во истоимениот клуб од родниот град и игра на позицијата среден бек. Реалноста е дека во тој период во шпанскиот и европскиот ракомет доминира екипата на Барселона и во некои периоди Адемар Леон и Портланд Сан Антонио, па така Раул се нема радувано на многу трофеи. Со екипата на Ваљадолид успева само еднаш да го освои купот на Шпанија и тоа во крајно интересна завршница, каде во полуфинале ги надигруваат Сиудад Реал, а подоцна во финалето и екипата на Барселона која таа година е европски вицешампион.
Член е и на шпанската репрезентација со која настапува на европските и светските првенства, и има освоено сребрен медал од европското првенство што се одржува во Шпанија во 1996 година. Но, како најголем успех на неговата генерација е освојувањето на третото место и бронзениот медал на летните Олимписките игри во истата 1996 година во Атланта, САД.

Во 2005 година Раул се решава да стави крај на својата ракометна кариера. Дресот со број 14 кој го носел е повлечен од употреба во чест на неговата 17 годишна лојалност кон клубот. Доколку ги прашате симпатизерите на Ваљадолид кој е најдобар среден бек според нив, без размислување ќе ви одговорат Раул Гонзалез. За публиката на Ваљадолид, Раул важи за еден од најугледните амбасадори на клубот. Неговата скромност иде до таму што при една анализа на шпанските медиуми за тоа кои личности ги имаат одбележано последните 20 години во ракометот во Шпанија, он е номиниран во друштво со Талант Душебаев и Енрик Масип, вест на која скромно одговара со:
 „Сеќавањата се тесно поврзани со времето во кое што живееме, па луѓето често сакаат да го направат да изгледа најдобро она што во моментот го гледаат. Почестен сум од споредбата што ја правите, но јас и понатаму сметам дека Мануел Мартин е најдобар шпански ракометар.“


Раул во тренерските води:

Познато е дека како тренер Раул се каратеризира со особини како скромност, коректнoст, трудељубивост и посветеност во работата која ја врши, исклучително воспитана личност која не се вмешува во инциденти на теренот и вон него, а особено воодушевува како интелегентен аналитичар кој знае што е лојалност спрема клубот. Два месеци после завршувањето на играчката кариера Раул станува дел од стручниот штаб на Суидад Реал. Тој ја добива довербата уште од самиот старт, па сега не само што е задолжен за физичкиот дел од подготовките и тренинзите на тимот, тој добива задолженија и за стратегиската подготвка на тимот. Главен тренер на екипата е ексцентричниот Талант Душебаев. Двата тренери се разликуваат во голема мера, но вистината е дека Раул го кроеше тренерскиот занает под палката на Талант, иако јасно е дека не превземал многу од неговите манири. Сепак, беше помошник во екипата која запиша три титули во ЛШ од кои две беа освоени една по друга.


По турбуленциите што се случија со банкротот на Реал Суидад и подоцна на Атлетико Мадрид, РК Вардар и Самсоненко превземаат храбар потег и Раул Гонзалез станува главен тренер на РК Вардар.

Во оваа една година Раул го издигна клубот на едно поинакво ниво. Професионалноста и желбата за победа станаа препознатлива особина на овој тим на Вардар. Превземањето на тренерската позиција во РК Вардар беше меч со две острици за Раул. Прва работна задача како главен тренер на една екипа и тоа во екипа која смени голем број на тренери во краток период и екипа од која јавноста има се поголеми очекувања.Но, уште потешко беше да ја добие довербата на фановите поради легендата Веселин Вујовиќ кој го водеше Вардар во минатото и секогаш беше опција број еден за тренереската позиција според Вардаровите фанови. Раул одлично се справи со притисокот што му го донесе тренерското сточле па уште во првата сезона нанижа неколку успеси. На колена пред Вардар се најде актуелниот европски првак Хамбург и тоа по победа во гости која во голема мера одеше на името на Раул Гонзалез. Европа дозна за дрскоста на Вардар и веќе сите беа претпазливи кога играа против нашиот ракометен миленик. Бевме толку блиску до завршницата во Келн, но екипата на германскиот Фленсбург како и во целата завршница и освоената титула европски првак, така и во четврт-финалниот натпревар со Вардар едноставно се провлече поради факторот среќа. До крај  на сезоната и последиците од несреќното збогување со завршницата во Келн, Раул и екипата ја оставија можеби единствената црна дамка во неговиот престој во Скопје. Вардар ја загуби домашната титула која гарантираше учество во групната фаза на ЛШ. Вистината е дека вината не можеме да ја префрлиме само на Раул, тие два првенствени натпревари против главниот конкурент беа проследени со низа преседани од кои едниот беше одлуката на управата, домашниот натпревар да го играме во салата „Борис Трајковски“. Ја загубивме битката, но не и војната. Вардар продолжи да расте како клуб, а ЕХФ го препозна тоа и наредната година Вардар доби директно место во групите на ЛШ.


Годинава имаме екипа по мерак, започнавме фуриозно, но после првите проблеми со повреди екипата западна во мала криза. Зимската пауза дојде во вистински момент, па за очекување е дека тимот ќе се врати на нивото од почетокот на сезоната. Вистината е дека Раул ги доби симпатиите на фановите на Вардар, добивме и впечаток дека го надминавме германското проклетство кога е во прашање ракометот. Вардар стана симбол за убав ракомет и често сме дел од изборот на најдобрите потези на колото. Одбраната како да затаи кога беше најпотребно, но за воља на вистината одбраната беше на најголем удар после проблемите со повредите. Се надеваме дека нема да останеме така куси и во продолжението па додека целата јавност е свртена кон СП во Катар, Раул цели некое засилување што ќе донесе поголеми успеси во иднина.

No comments:

Post a Comment