Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Saturday, January 3, 2015

Европската одисеја на ФК Вардар во летото 2003 година

И самиот кога ќе се сетам на Вардаровата Европска епизода во летото 2003 година, се прашувам дали одново ќе бидеме толку блиску до пласман во групната фаза од лигата на шампионите. За оние помладите ќе се обидеме да барем малце да ви отсликаме што се случуваше во тоа лето 2003 година.

Вардар во 5-ти пат ја освои титулата шампион на Македонија и се здоби со правото за настап во квалификациите од ЛШ. Непосредно по завршувањето на сезоната, кормилото на Вардар го превзема Зоран Стратев, кој доаѓа како замена на најтрофејниот наш тренер, Ѓоко Хаџиевски.
Клубот на почетокот не покажува големи амбиции за Евриоската сцена. Екипата е составена од млади играчи кои бараат шанса за трансфер во некоја посилна Европска лига, а тука се наоѓаат и неколку интернационалци во составот кои го чинат костурот на тимот.
Во Вардар веќе се наоѓаат Брага, Петков и Оливеира, а клубот дополнително го засилуваат Блесинг и Вандаир кои во изминатата сезона како позајмени играчи играа во Цементарница, која истотака беше спонзорирана од нашиот спонзор Слободан Вујчиќ - Брацо. Цементарница беше актуелен освојувач на купот, кога во историското финале благодарение на головите на Вандаир успеа да ја совлада Слога и да дојде до првиот трофеј во независна Македонија. Од тоа што го имавме видено од Вандаир, сите очекувавме дека ќе бидат одличен тандем со Оливеира и Бугаринот Марио Петков. Во клубот дојде и Бранковиќ како засилување на одбраната кое за воља на вистината не беше засилување од највисок калибар.

Вардар беше носител во ждребката од првото коло и како противник го доби Велшкиот првак, Бери Таун. На 16 јули 2003 година се одигра натпреварот од првото квалификационо коло на Градскиот стадион во Скопје. Полуаматерите од Велс беа лесен залак за нашиот тим кој со победа од 3-0 веќе си го обезбеди пласманот понатаму и дуелот со Руската ЦСКА Москва.
Вандаир одлично се покажа на деби мечот кога постигна 2 погодоци, а еднаш стрелаше Дејан Ристовски. Вардар можеше да слави и поубедливо откако Начевски промаши неколку изгледни шанси, но истотака резултатот можеше да биде и поинаков откако на 0-0, Муарем Зекир успеа да одбрани сто процентна шанса за гостите од Велс.

Извештај од мечот:
Стрелци: 1-0 Вандеир 37. минута, 2-0 Ристовски 49., 3-0 Вандеир 69. минута. Градски стадион во Скопје. Гледачи: 7.500. Судии: Асаф Кенан (главен), Абед Ал-Рамили и Нимир Абу-Заид (сите од Израел).

Вардар: Зекир, Ристовски, Ѓошевски, Бранковиќ, Веселиноски, Блесинг, Грозданоски (од 78. минута Тасевски), Герогиевски, Петков (63. Оливеира), Захариевски, Вандеир (81. Начевски). Тренер: Зоран Стратев.

Бери таун: Овендејл, Џарман, Лојд (67. Котерејл), Јенкинс, Морган, Филипс, Малој (75. Кенеди), Френч, Морали, Рамасут, Акинфенва (62. Окуае). Тренер: Кенет Браун.

Македонските екипи кои играа во квалификациите за ЛШ сеуште чекаа на првата гостинска победа и јавноста беше убедена дека Вардар ќе ја донесе првата победа од гостувањето во Велс. Меѓутоа, очекувањата за понатамошен успех на Вардар се намалија откако во Велс бевме непријатно изненадени и игубивме со 2-1.
Уште на стартот од мечот губевме со 1-0, но Оливеира израмни на 1-1 во вториот дел и предвреме ги отпиша домаќините. Велшаните погодија за пирова победа, додека ние со вкпен резултат од 4-2 веќе со мислите бевме на гостувањето во Москва.

Извештај од реваншот со Бери Таун:
Стрелци: 1-0 Џарман во 1. минута, 1-1 Оливеира во 60., 2-1 Морали во 62. минута. Жолти картони: Рамасут (Бери таун), Оливеира, Вандеир и Захариевски (Вардар). Стадион: Џенер парк. Гледачи: 1.000. Судија: Сергеј Капанин (Казахстан).

Бери таун: Овендејл, Џарман, Кенеди, Морган, Филипс, Френч, Морали, Рамасут (од 85. минута Џенкинс), Акинфенва, Котерал (76. Малој), Окуае (76. Мос). Тренер: Кени Браун.

Вардар: Зекир, Веселиноски, Ѓошевски, Блесинг, Трајчев, Петков (46. Оливеира), Захариевски, Ристовски, Георгиевски (83. Божиновски), Бранковиќ, Вандеир (90. Милевски). Тренер: Зоран Стратев

Клубот во тие моменти имаше и конфликт со младиот Дарко Тасевски од кого се очекуваше многу во престојната сезона, играч кој се обиде да потпише за Земун во преодниот период правдајќи се дека мислел дека не е под договор со Вардар. Сепак, недоразбирањата беа решени и тој му се стави на располагање на Зоран Стратев.
Пред заминувањето во Москва скоро никој немаше никакви очекувања за триумф во Руската престолнина, Изјавите беа умерени иако потајно сите се надеваа на поволен резултат. Додуша под поволен резултат се подразбираше што поподнослив пораз, односно негатива која би се надополнила пред полниот Градски.

- Неблагодарно е да се прогнозира резултатот, но ако дадеме еден, а не примиме повеќе од три гола, тоа ќе биде добар резултат пред реваншот следната недела. А, потоа, пред полн стадион во Скопје, можеме да се надеваме и на пласман понатаму. Но, во дуелот со Русите се е можно. Не треба да се залетуваме, туку треба да бидеме умерени оптимисти. Најверојатно ќе отстапам од играњето со три играчи во линија одзади. Против брзи играчи како тие од ЦСКА, страв ми е да играм во линија. Затоа, капитенот Веселиноски, ќе игра малку поповлечено, на позицијата либеро. И средниот ред ќе биде со повеќе фудбалери, а во нападот сигурен е Вандеир. Ако играм со втор шпиц, Оливеира има предност пред Петков за овој меч, но и тој би играл повеќе во средината - вели Стратев.

За разлика од сегашноста кога можеме да најдеме резултати и од Пакистанска четврта фудбалска лига, во тоа време ретко кој можеше да се пофали со добар интернет, а ниту Македонската телевизија не беше заинтересирана за вршење на директен пренос од Москва. Сепак, постоеше радио пренос на Македонското национално радио.
На денот се сеќавам како да беше вчера. Топло време, крај на јули, испразнето Скопје и попладне кое секогаш го минувавме во маалски фудбал. Еден од другарите носеше радио со кое од време на време го слушавме натпреварот. ЦСКА доминираше во првиот дел и само стативата беше виновник што не губевме со 2-0. Во второ полувреме Вардар се консолидираше и стануваше опасен по контра напади.
- Вардар води 0-1, Гроздановски дал гол - на цел глас вика другарот кој беше најблиску до радиото.
Уште не се соземавме од радост по првиот гол, а веќе се слушаше и радоста за вториот погодок за Вардар. Одново од контра напад, Вандаир дојде до третиот Европски погодок за големо водство од 0-2.
За жал пред последниот свиреж на судијата примивме погодок за да се задржи неизвесноста пред дуелот во Скопје. Кој очекуваше дека првиот триумф на Македонска екипа на гостински меч од квалификации во ЛШ ќе го оствариме токму против екипа како ЦСКА и тоа сред Москва?
Руските медиуми го прогласија Чинеду Блесинг за играч на натпреварот, а играчите имаа еден куп пофалби за одличната тактика на Стратев.

-Тренерот не насочи кон победата, и покрај високата класа на противникот - изјави  Грозданоски.
-Вардар победи благодарение на стриктната примена на тактиката на Стратев - прецизна одбрана и брзи контри- изјави Дос Сантос Вандаир.

Валери Газаев, тренерот на ЦСКА Москва, сеуште се надеваше на повисок триумф во Скопје, додека изјавите на Стратев истотака беа претпазливи:
- Сакавме да ги загрозиме со контранапади и имавме среќа што постигнавме два гола од три шанси. Знаевме дека ЦСКА е силен тим и затоа ја поставив таа тактика. Сепак, таква игра нема двапати да даде плод. Ќе имаме екстремно тежок меч в среда, бидејќи овој резултат не гарантира ништо - рече Стратев.

головите од натпреварот:

Извештај од мечот:
Стрелци: 0-1 Грозданоски 54. минута, 0-2 Вандеир 64., 1-2 Кириченко 90. минута. Жолти картони: Кусов кај ЦСКА, а Захаревски и Зекир кај Вардар. Стадион на Динамо Москва. Гледачи: 12.000. Судија: Стефано Фарина (Италија).

ЦСКА: Акинфеев - Шемберас, Шершун, Евсиков - Гусев, Рахимиќ, Лајзанс (од 58. минута Кусов), Јарошик, Јановски, Гониев (од 34. Кириченко) - Попов (од 78. Самодин). Тренер: Валериј Газаев.

Вардар: Зекир - Веселиноски, Блесинг, Бранковиќ - Ристовски, Георгиевски (од 77. Божиновски), Гроздановски (од 85. Милевски), Захариевски, Ѓошевски - Трајчев, Вандеир (од 79. Оливеира). Тренер: Зоран Стратев.

Скопје е во фудбалска еуфорија. Картите за натпреварот се по популарна цена, 200 денари за јужната трибина и по 100 за северната. Пуштени во продажба се 11 500 карти, а голем проблем е тоа што се реновираат западната и источната трибина, па дополнително е смален вкупниот капацитет на Градскиот стадион. Продажбата оди како алва и Русите веќе знаат дека во Скопје ќе ги чека пекол.
Вардар се соочува со повреди на неколку играчи, Васоски и Спасовски се аут, на повреди се жалат Грозданоски и Јовица Трајчев, но затоа како џокер се спрема Брага кој не настапи на досегашните мечеви од квалификациите во ЛШ.
ЦСКА Москва го купува Ивица Олиќ, но за наша среќа не успева да го регистрира на време за возвратниот дуел во Скопје.
Изјавите на нашите играчи се претпазливи. Стратев знае дека Газаев е стар лисец и нема да нападне безглаво уште од самиот старт на мечот. Сите се свесни дека победата од 1-2 не е никаква гаранција за пласман понатаму, но знаат дека ние сме оние кои имаме поголеми шанси да просперираме.
Клубот се наоѓа во карантин во текот на целата недела, а истотака бележиме и настап во Македонскиот куп, во кој постигнуваме победа од 1-16 против Пролетер од Македонски Брод, меч во кој Бугарскиот интернационалец Петков постигнува дури 8 погодоци, а 4 пати на листата се запишува и Мисердовски.
Пролетер - Вардар 1-16 (Косановски 88 - Петков 11, 25, 28, 32, 46, 57, 59, 60, Мисердовски 54, 75, 82, 85, Начевски 13, 41, Божиновски 79, Георгиевски 29)

Дојде денот за историски пласман во третата квалификациска фаза од лигата на шампионите!
Шести август 2003 година беше денот кога една Македонска екипа за прв пат помина две кола во квалификациите од ЛШ. Стадионот беше исполнет неколку часови пред почетокот на натпреварот. Место за паркирање не можеше да се најде во радиус од неколку километри од стадионот. Штама на секоја улица во Скопје, оние кои не стигнале до карти се пред радијата во очекување на преносот од мечот, бидејќи во согласност со управата на Вардар беше решено да нема телевизиски пренос. На натпреварот му претходат низа инциденти низ Скопје. Најпрвин навивачите на ЦСКА се нападнати од навивачите на Слога на Бит пазар, а потоа има масвона тепачка меѓу Комити и Руските навивачи сред кафулињата на плоштадот во Скопје. Четворица Руси со повреди се префрлени во болница, а еден е задржан на повеќедневно лекување. Стадионот е преполн, наместо 11 500 гледачи, има повеќе од 15 000 луѓе од слободна проценка. Свое место на трибините има и претседателот Борис Трајковски кој беше голем љубител на спортот. На јужната трибина нема место ни игла да се фрли. Скалите се преполни со луѓе кои седат на истите. Комити се наоѓаат во делот до западната трибина, додека навивачите на ЦСКА се наоѓаат во импровизираниот кафез до источната трибина.
Гостите притиснаа уште на стартот и како на филмска лента се нижеа шансите пред нашиот гол. Голманот Зекир на три пати ја спасуваше нашата мрежа при налетот на Попов и Гогниев. Конечно по една грешка на Блесинг, Гогниев една одбиена топка ја спроведе во нашата мрежа за шок на трибините. Вандаир имаше шанса да израмни набрзо, но со глава го промаши празниот противнички гол. Крвта во вените на Вардаровите навивачи се замрзна на два пати откако ЦСКА Москва постигнуваше погодоци кои беа поништувани поради офсајд.
На полувреме Руските навивачи запалија пиротехника и истата ја фрлија накај фановите на Вардар. Одново се случи огромен инцидент кога имаше масовна тепачка меѓу Руските навивачи и публиката на Вардар, како и членови на Комити кои успеаа од едниот крај да стигнат на другиот за да се пресметаат со противниците. Стартот на второто полувреме доцнеше, бидејќи делегатот не дозволуваше да стартува мечот дури не се смират страстите на трибините.
Откако се среди ситуацијата, започнаа и решавачките 45 минути. Нашите пулени на крилјата на црвено-црните навивачи почнаа да играат многу подобро. Најпрвин Оливеира изби сам пред противничкиот гол, меѓутоа биеше крај стативата. Потоа пресеовме една противничка акција, имаше двојно проигрување меѓу Захариевски и Оливеира, а вториот несебично додаде до Вандаир кој погоди за 1-1.
До ден денес се ежам кога ќе ми текне каква експлозија имаше на трибините. Вандаир го фрли својот дрес и ја покажа својата добро препознатлива маица 100% JESUS.


И во моментиве кога го постирам ова видео, сеуште ми течат солзи радосници. Момент кој сигурно ќе го памети секој искрен Вардаров фан. Предноста на гостинот беше анулирана, но сега требаше да се одбраниме. Гостите на два пати се заканија, меѓутоа среќата ги следи храбрите. При последната шанса на ЦСКА, топката го погоди Бранковиќ на гол линијата, по што судијата свирна крај на двомечот и славјето можеше да почне.
Загрми ОЈ ВАРДАР МАКЕДОНСКИ, додека набрзо улиците се обоија во црвено-црните Вардарови бои.

- Да ви кажам право, се исплашив кога Русите постигнаа гол. Потоа, во вториот дел, на ризик ставив уште еден напаѓач. Имаме плашливи фудбалери, кои кога во второто полувреме собраа храброст покажаа дека и тоа како знаат да играат фудбал. Во првото полувреме бевме во подредена ситуација, но не по наша желба, туку ЦСКА не ни дозволи да развиеме игра. Ова е историски пласман. Пред нас се уште натпревари во Европа и, како и досега, нема да се предадеме лесно - рече Стратев.

Извештај од реваншот:
Стрелци: 0-1 Гогниев 31. минута, 1-1 Вандеир 65. минута. Жолти картони: Зекир (неџентлменски однос) кај Вардар, а Евсиков и Шершун (двајцата за груба игра) кај ЦСКА Москва. Градски стадион во Скопје. Гледачи: 14.000. Судии: Виктор Хозе Ескинас Торес (главен), Ривера Чирино и Кос Мендоса - сите од Шпанија. Делегат: Роберт Стерк (Белгија). Контролор на УЕФА: Питер Џонс (Англија).

Вардар: Зекир - Веселиноски, Блесинг, Бранковиќ - Трајчев, Ристовски (од 75. минута Брага), Захариевски, Грозданоски (56. Оливеира), Георгиевски, Ѓошевски - Вандеир (70. Петков). Тренер: Зоран Стратев. Статистика: корнери: 3; удари: 5; удари во гол: 2; офсајди: 2.

ЦСКА Москва: Мандракин - А. Березуцкиј, Шершун (63. Лајзанс), Евсиков - В. Березуцкиј, Рахимиќ, Јановски (46. Кириченко, 72. Самодин), Јарошик, Гусев - Гогниев, Попов. Тренер: Валериј Газаев. Статистика: корнери: 3; удари: 8; удари во гол: 4; офсајди: 5.


Немаше простор за долго славење, бидејќи веќе за една недела ни доаѓаше на гости Чешкиот великан Спарта од Прага. Вардар можеше да добие многу потежок противник во оваа фаза, па затоа оваа ждребка се сметаше за поволна.
Пред првиот дуел со Спарта, го игравме првото коло со Брегалница во првенството кога пред 2000 гледачи на Градски, со голот на Вандаир во последната секунда славевме со 2-1.
Лацио, Бенфика, Њукасл, Челзи беа само дел од екипите со кои можеше да игра Вардар, меѓутоа и Спарта Прага предводена од великанот на Чешкиот фудбал, Карел Поборски не беше воопшто наивен противник. Ги имаа репрезентативците Томаш Хубшман и Јаромир Блажек, како и опасните Немец, Сионко и Глушчевиќ,
Пред мечот УЕФА неколку пати апелираше дека овојпат нема да толерира преполнување на стадионот и дека ќе следуваат драконски казни за Вардар ако одново биде надминат капацитетот. Мерките особено беа заострени по низата инциденти во претходниот меч со ЦСКА Москва. Картите за првиот дуел беа по цена од 200 денари за југ и 150 за север. На мечот со ЦСКА Москва дури 2000 фанови со платени карти не успеаа да влезат на стадионот, па затоа Вардар како клуб воведе низа безбедносни мерки со цел сите кои набавиле карти да успеат да влезат на трибина. Се бараше карта повеќе, па дури и купената карта не беше никаква гаранција дека сигурно ќе го проследиш овој историски меч за Вардар. Клубот најави премија од 2500 евра по играч во случај на победа над Спарта Прага во првиот дуел.
Гостите беа воодушевени од атмосферата на мечот Вардар-ЦСКА, но очекуваа да одат понатаму.

- Нема да ни биде лесно во Скопје. Сепак, нашиот тим е искусен за да подлегне на таква атмосфера. Поголем проблем може да ни претставува жешкото време. Вардар е квалитетен штом ја елиминира ЦСКА, но со недостатоци кои ние ќе се потрудиме да ги искористиме. Нема да го потцениме противникот, што беше грешка на ЦСКА - изјави Котрба за чешките медиуми по мечот Вардар - ЦСКА Москва, кој го следеше во Скопје минатата среда,
воодушевен од атмосферата во публиката

Ако сите мислевме дека точката на вриење беше постигната на дуелот со ЦСКА Москва, тогаш не можевме ни да пртепоставиме што ќе се случува на дуелот со Спарта Прага. Трибините беа уште по исполнети од дуелот со ЦСКА, еден куп луѓе со карти останаа пред затворените врати, потоа протестираќи и барајќи клубот да им ги врати парите, а кај полицијата владееше тотален немоќ за да ги спречи навивачите на Вардар да го прескокнат ѕидот позади западната трибина и да ја наполнат истата многу повеќе од вкупниот капацитет.  Стадионот крцаше, и веројатно имаше околу 20 000 гледачи, а верувам дека и 100 000 да собираше Градски, истиот ќе беше наполнет. Под будното око на подоцна познатиот судија од Норвешка, Терје Хауге и пред огромна поддршка од Вардаровите фанови започна и решавачкото трето коло.
Мечот почна мирно, иако Спарта имаше неколку полушанси преку Сионко. На првата поголема возбуда се чекаше до 30-тата минута. Се можеше да биде поинаку доколку Оливеира ја реализираше 100% шанса. Доби топка во празно, непречен од никого имаше дуел еден на еден со голманот Блажек, меѓутоа се заплетка и топката му избега од нозете. Оној кој беше една од најаките алки во нашиот состав, голманот Зекир, овојпат потфрли. Спарта преку Поборски имаше навидум безопасен слободен удар од страна, но топката отскокна во нашиот шеснаесетник и покрај заспаниот Вардаров голман, заврши во стативата, а потоа и во мрежата. Уште не се соземавме од овој шок, а набрзо се случи и клучниот момент кој практично го реши овој двомеч.
Скандал и неправда за која сеуште не можеме да му опростиме на Терје Хауге. Најпрвин Хауге досуди непостоечки слободен удар за Спарта на 20-тина метра од нашиот гол. Зекир сеуште го местеше нашиот жив ѕид, а Веселиновски ги местеше чорапите на едно метро од изведувачот на слободниот. Судијата стоеше до изведувачот Глушчевиќ и не даде никаков знак да биде изведен слободен удар. Изненадно Глушчевиќ биеше и лесно ја погоди не бранетата мрежа. Дури и самите гостински играчи очекуваа голот да биде поништен, меѓутоа Хауге покажа на центарот. Лавина од негодувања имаше од нашите играчи, а полицијата спречи поголем инцидент откако неколку гледачи од јужна ја прерипаа оградата и пробаа да го нападнат Норвешкиот судија. Кога судиите се упатија кон соблекувалните, од трибините беа фрлени еден куп тврди предмети кои го скршија плексигласот на тунелот кој од тревата водеше до соблекувалните.
Во второт полувреме проработе Македонскиот инает.
Начевски и Оливеира играат одлична акција, која Бразилецот со прекрасен волеј ја користи за намалување на водството на 1-2.
Во игра влегуваат Брага и Петков, а Брага на два пати е грубо фаулиран од Поледица по што Спарта Прага на дваесетина минути до крајот останува со играч помалку.
На теренот влегува и младиот Дарко Тасевски кој веднаш го покажува својот квалитет. Изнуди слободен удар, нафрли и го погоди Славчо Георгиевски на кого не му беше тешко да израмни на 2-2. Нова експлозија на трибините, Славчо доаѓа до јужна додека трибината е практично пред целосно распаѓање од славјето на навивачите. Запад и север грмат, а Вардар добива поддршка од тогаш двете разделени групи Комити и Лојал Фанс. Сите се желни за пресврт, бидејќи остануваат 15 минути во кои Вардар има и играч повеќе на теренот. Меѓутоа, наместо целосен пресврт, на сцена стапува нашето неискуство, па Блесинг губи една топка, Поборски доаѓа во шанса и бие крај лошо поставениот Зекир за студен туш во последната 90-та минута.
Победа на Спарта од 2-3, меѓутоа нашите момчиња изиграа херојски и никој не им замеруваше за поразот. Напротив, сите беа убедени дека имаме што да понудиме на реваншот и дека можеме да дојдеме до изненадување.



- Тоа е неспортски гол. Нема да ја коментирам неговата регуларност, но Спарта се покажа како нефер тим. УЕФА се залага за фер плеј и големите екипи секогаш треба да бидат големи. Тоа вечерва не се случи со Спарта. Апсолутно сум незадоволен од судењето. За разлика од претходните мечеви, сега имавме необјективно судење. Ни недостасуваше среќа, која во претходните мечеви ја имавме. Имавме голем противник, искусен, кој знаеше да ги казни нашите грешки. Примивме три гола, кои не требаше да ги примиме. На играчите не треба да им се забележи на играта, борбеноста, храброста. Гинеа на теренот. Задоволен сум и од играчите и од публиката, му дадовме достоен отпор на еден европски гигант. Вториот дел го одигравме фантастично, борбено, не им допуштивме да излезат од 16-никот. Битката ја загубивме во средниот ред. Немаме доволно квалитетни играчи за врска - рече Стратев.

Извештај од мечот со Спарта Прага:
ВАРДАР - СПАРТА 2-3 (0-2)

Стрелци: Оливеира во 60 и Георгиевски во 73 за Вардар, Поборски во 36 и 90 и Глушчевиќ во 40 за Спарта. Жолти картони: Зекир, Ристовски (Вардар); Поледица (Спарта). Црвен картон: Поледица (Спарта) во 70. мин. Градски стадион во Скопје. Гледачи околу 18.000. Судии: Терје Хојге (главен), Стеинар Холвик, Оле Херман (помошници). Делегат: Адријан Титкомб (Англија)

ВАРДАР: Зекир - Веселиноски, Блесинг, Бранковиќ - Ристовски, Захариевски, Георгиевски, Грозданоски (Тасевски од 67.), Начевски (Петков од 60.) - Оливеира (Брага од 60.), Вандеир. Тренер: Стратев.

СПАРТА: Блажек - Петраш, Хибшман, Јохана, Поледица - Поборски, Немец, Ковач, Јежек (Михалик од 68.) - Сионко, Глушчевиќ (Флахбарт од 74.). Тренер: Котрба.

Како увертира за реваншот во Прага имаме дерби дуел со Слога Југомагнат во првенството. Пред 3000 гледачи, Чаирскиот ривал паѓа со 1-0 на Градски, а стрелец на голот е Марио Петков. Голем хендикеп од овој меч е што се повредува Тасевски кој само што влезе во одлична форма, но добрата вест е што по суспензијата се враќа Ѓошевски, како и претходно повредените Александар Васоски и Спасовски.

Реваншот во Прага конечно беше пренесуван на телевизија. Нашите момци тргнаа како да им е последен меч во животот, Вандаир промаши две шанси по додавањата на разиграниот Ристовски, за потоа да му даде одличен пас на Захариевски, кој мораше да бие подобро од одличната шанса. И покрај лошиот удар, домашниот голман Блажек со крајни напори спаси сигурен погодок. Во моментите на целосна доминација на Вардар, Славчо Георгиевски погоди за 0-1, за враќање на надежта во нашите редови. Но, одново среќата не беше на нашата страна. Ако некој е виновен што не го почувствувавме настапот во групната фаза од ЛШ, тоа сигурно е Карел Поборски. Практично, сам ја однесе Спарта во нареднта фаза. Од навидум безопасна акција извади одличен удар од далечина и постигна вистински еврогол. Гого Јовчев кој го замени Зекир на овој меч бранеше одлично до тој момент, но во оваа ситуација беше немоќен да стори нешто по ударот на екс играчот на Манчестер Јунајтед и Лацио.
Во второто полувреме ние како сеуште да бевме под шок од израмнувачкиот гол на домашните, па мораше Јовчев на два пати да го спасува нашиот гол. Одличните интервенции на Јовчев како да ги осоколија нашите играчи, па тргнавме во нов поход кон противничкиот гол. При еден корнер, Оливеира одлично врато до Блесинг кој со силен удар ја искина мрежата на Блажек, за ново водство на Вардар. Тука требаше да го зададеме крајниот удар, особено што домаќините паднаа на физички план. Замислете, во не толку далечно минато сме имале состав кој бил физички доминантен против еден познат Европски противник, нешто што не можеме да го замислиме во сегашноста. Одново, човекот на одлука е Поборски, по нова не толку опасна акција на Спарта, ги измамува Блесинг и Бранковиќ, кои лошо покриваат и дозволуваат топката да дојде до Сионко на кого не му е тешко да го совлада Јовчев од одлична позиција. Резултатот е одново во егал, 2-2. На Вардар му треба уште еден гол за да обезбедиме продолжение. Стратев фрла се на нападот, па шанса добива и Мисердовски. Сепак, никогаш не добивме 100% шанса за постигнување на трет гол. Во последната акција, имаше неколку добри комбинации пред противничкиот гол, но Петков не се реши да бие туку додаде до Оливеира, па шансата пропадна. Последниот удар го имавме преку Мисердовски кој во 95-тата минута можеше да стане херој во нашите редови, меѓутоа биеше млако крај противничкиот гол.
Славјето на Чесите можеше да почне, а тука беше и крајот на нашата одисеја во квалификациите за ЛШ. Нашите момчиња ги заслужија сите аплаузи за тоа што цело лето не држеа во голема Европска еуфорија, што ни ја вратија вербата дека и ние можеме да направиме некој успех во ЛШ. За жал, најдобрите играчи понатаму беа распродадени, а и самите знаевме колку години чекавме за наредната титула...

- Наивноста и неискуството беа пресудни за нашата елиминација. Примивме премногу наивен втор гол, по низа врзани грешки. Спарта е искусен тим, знаеше да го искористи тоа, впрочем нејзините играчи имаат безброј вакви средби во нозете. Се на се, јас сум задоволен како ги одигравме квалификациите. Задоволен сум од вчерашниот резултат, бидејќи и нерешено со Спарта на гости е успех. Незадоволен сум воопшто од севкупниот резултат, бидејќи бевме многу блиску до групите во Лигата на шампионите. Вториот гол од Скопје многу не оддалечи. Можеби малку се уплашија нашите играчи во моментите кога требаше да се зададе решавачкиот удар. Сето тоа е плод на неискуството. Токму тоа неискуство си го направи своето. Имаше еден вид психички притисок. Морам да бидам задоволен, бидејќи сепак покажавме дека не сме далеку од европската елита. Отсуството на Ѓошевски, Васоски и Тасевски беше ненадоместливо. Како и да е, остануваме во Европа, со надеж дека ќе добиеме атрактивен противник за нови спектакли  - вели Зоран Стратев, тренерот на Вардар.

Каде ќе ни беше крајот ако за овој меч го имавме на располагање целиот наш состав...

Извештај од мечот:
СПАРТА ПРАГА - ВАРДАР 

2-2 (1-1)

Стрелци: 0-1 Георгиевски 30. минута, 1-1 Поборски 34., 1-2 Блесинг 64., 2-2 Сионко 83. Жолти картони: Петраш, Збончак (Спарта), Оливеира и Бранковиќ (Вардар) - сите за груба игра. Стадион: "Тојота арена". Гледачи: 12.500. Судии: Стефан Бре (главен), Лионел Дагорн и Паскал Желбер - сите од Франција

Спарта Прага: Блажек - Петраш, Хибшман, Јохана, Збончак - Поборски, Ковач, Немец, Јежек (од 59. Михалик) - Глушчевиќ (од 70. Сионко), Јун (од 90. Кинцл). Тренер: Јиржи Котрба.

Вардар: Јовчев - Блесинг, Веселиноски, Бранковиќ - Ристовски, Брага - Грозданоски (од 64. Петков), Захариевски, Георгиевски - Оливеира, Вандаир (од 82. Мисердовски). Тренер: Зоран Стратев.

Во случај да се пласиравме во групите на ЛШ, во Скопје ќе гостуваа екипите на Челзи, Лацио и Бешикташ. Сепак, настапите ги продолживме во купот на УЕФА каде што во Рим против Рома загубивме со 4-0, а на Градски извадивме нерешено 1-1, со прекрасниот погодок на Захариевски.

Да се надеваме дека во наредната сезона ќе го подобриме ова достигнување, бидејќи Вардаровите навивачи заслужуваат еден нов ваков успех.

No comments:

Post a Comment