Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Friday, January 2, 2015

ХК Вардар како дел од СД Вардар

Во овие студени и снежни постновогодишни денови решивме да претставиме една секција од СД Вардар во спорт кој е еден од популарните во оваа доба од годината. Иако беше прилично тешко да се најдат податоци за хокеарскиот клуб Вардар и општо за хокејот како спорт, сепак податоците од најразлични статии и веб страни ги составивме во еден пост.
Првиот хокеарски клуб на територијата на Македонија е формиран во 1959 година, но останува дилемата дали е формиран под името Скопје или под името Вардар. Некои извори велат дека е формиран под името Вардар, а после неколку години се преименува во Вардар, додека други извори велат дека хокеарите од Македонија се групирале во два клуба, Скопје и Вардар. Хокејот го донеле иселеници од тогашната Чехословачка, држава во која хокејот одамна бил на високо ниво.  Првите хокеарски потези биле направени на замрзнатото езерце во Градскиот парк, а тренинзи се вршеле и на замрзнатото Мавровско езеро. Едноставно, се чекале да дојдат пониски температури за да замрзне водата од вештачките езера, за да може да се тренира хокеј на мраз. Во тој период во Скопје постојат две екипи, екипите од Скопје своите натпревари ги играат воглавно низ салите во Југославија, претежно во Белград. Во Југославија во тој период доминирале екипите од северниот дел, односно од Словенија и од Хрватска. Затоа не е ни чудно што од вкупно 47 првенства одиграни во Југославија, Словенските клубови Јесенице и Олимпија имаат заедно освоено 34 титули. Јесенице има тотална доминација со освоени 23 трофеи. Екипата на Вардар во тие години игра во втората сојузна лига, а подобри денови за клубот следуваат во периодот кога Скопје ја добива првата сала која е дел од спортскиот комплекс Кале. Југославија во 1969 година е организатор на светското првенство во хокеј на мраз, а една од групите се игра токму во салата Кале во Скопје. Трибините биле преполни и на натпреварите на Југославија, а потоа и на натпреварите на Вардар. Управата на Вардар ја користи популаризацијата на хокејот во Македонија по организацијата на една од групите на СП во хокеј, за да привлече неколку Македонски иселеници кои професионално се занимавле со хокеј во странство. Паралелно со сениорската екипа, клубот со полна пареа работи и со младите хокеари, па така во 1974 година, во младинска конкуренција ХК Вардар финишира како вицешампион, зад екипата на Крањска Гора. Сениорскиот клуб се натпреварува во лигите на Југославија, кои се поделени во неколку квалитативни групи во тој период. Во 1971 година, Вардар завршува како 11-ти на севкупниот пласман на ниво на Југославија, со само еден освоен бод во групата Ц која квалитативно била трета по ранг. Останува запаметено дека на отварањето на хокеарската сала во Нови Сад, Вардар ја совладува Војводина со 5-8 кон крајот на 1972 година, во натпревар кој е дел од групата Ц. Системот на наптреварување со поделби во квалитативни групи продолжува и во наредните сезони, па така во 1974/75 е 11-ти од 14 екипи во Југославија односно завршува како прв во групата Ц, во 1975/76 завршува како 11-ти од 13 екипи во Југославија, а наредната сезона 1976/77 завршува како 13-ти од 14 екипи. Во случај на прво место во соодветната група се играле бараж средби за влез во едно квалитативно ниво погоре. Со тек на времето Југословенската хокеарска лига се дели на прва лига и две втори лиги кои се поделени во западна и источна зона. Во сезоната 1978/79 во првите две лиги на Југославија играат вкупно 17 тимови, а Вардар со 15 бодови завршува како трет во втората лига - Исток, додека последен во групата со 2 бодови е ХК Скопје. Во најсилната лига учестувале само 6 екипи, додека шампионите од двете втори лиги потоа играле дополнителен бараж дуел за влез во најсилната лига. Еве дел од табелите од повеќе сезони:


Во 1985 година ХК Вардар се наоѓа пред влез во најсилната Југословенска лига, меѓутоа во клучниот дуел губи со 6-5 против ХК Босна од Сараево. Интересно Вардар повел со 0-5, меѓутоа на лизгалиштето истрчал тренерот на Босна, Јарослав Јандурек, кој бил регистриран и како играч и бил главен виновник за пресвртот и победата на домаќините. Конечно во 1986 година Вардар како шампион во втората лига - Исток добива право да игра во првата лига. Меѓутоа, поради административна грешка со погрешно регистрирање на играчи, клубот е дисквалификуван и престанува да постои. Всушност се формира клубот Макотекс со спојување на играчите од ХК Вардар и ХК Скопје, и истиот потоа игра во најсилната Југословенска лига.

Низ годините во Вардар освен домашни хокеари играле и хокеари од странство. Како попознати хокеари кои настапувале за Вардар се легендите на овој спорт од нашата држава, браќата Васко и Ѓорѓи Грчеви кои првите хокеарски чекори ги направиле во Чехословачка, а потоа се доселиле во Македонија, Ристо Аиновски, директорот на хокеарската репрезентација Томислав Атанасовски итн.
Интересно, дел од нив сеуште играат хокеј низ лигите во Европа, иако се на возраст од над 55 години. 

По осамостојувањето на Македонија, во годините од 1991 до 1999 година во Македонија воопшто не постои хокеарска федерација. Истата се формира во 2000 година, но престанува да постои во 2002 година, за конечно во 2006 да се формира одново и да застане на поцврсти нозе. Со оглед на немањето на услови за играње хокеј во Македонија, во овој период практично не егзистира ниту една екипа во хокеј на мраз. Со пуштањето на употреба на лизгалиштето кое е во состав на спортскиот центар Борис Трајковски, во 2011 година се реоформува хокеарскиот клуб Вардар, овојпат со додавката СЦБТ.

Клубот го одржуваат истите оние хокеари кои играле и пред 30-тина години. Се формира и хокеарскиот клуб Металург, а хокеарите на двата клуба тренираат заедно во салата Борис Трајковски. Клубовите играат на најразни турнири, а само Металург продолжува да игра вон границите на Македонија, постигнувајќи солидни успеси во оваа сезона. Вардар првите официјални настапи ги има во хокеарската лига на Македонија која за прв пат се одржува во сезоната 2013/14. 
Се одржува мини лига од 4 екипи во која учестуваат Вардар, Металург, Фаворит Кико и гостинот Ред Стар од соседна Бугарија. Металург ги совладува сите екипи, додека останатите остваруваат по 1 победа и 2 порази, но поради најлоша гол-разлика Вардар финишира како последен. Овие лиги немаат толкаво компетитивно значење, впрочем и самите играчи како што веќе напоменавме одржуваат заеднички тренинзи. Металург во меѓувреме игра и во Балканската лига, се приклучува и на Хрватската лига, и притоа е засилен и со неколку странски хокеари. 

Сезоната 2014/2015 е во тек и веќе се одиграа 4 кола.
Засега Вардар е прв со 9 бода, односно со скор од 3 победи во 4 натпревари.
Совладани беа Фаворит Кико на два пати со 4-3 и 3-1, Скопје Капиталс со 6-2, а беше забележан пораз против Металург од 4-1. Благодарение на двете нерешени натпревари на Металург со Фаворит Кико и Скопје Капитолс, Вардар е прв на табелата со бод предност пред Металург. Токму во наредното коло, противник ни е екипата на Металург.
Клубот во моментов се вика Вардар Вингс, а натпреварите ги игра во отворената хокеарска сала во состав на спортскиот центар Борис Трајковски.


Македонската репрезентација пред извесно време го одигра својот прв официјален натпревар против селекцијата на Бугарија. Во последните години овој спорт бележи благ напредок, па со тек на време се надеваме дека ќе видиме покомпетитивни натпревари во нашата лига или пак да очекуваме настап на ХК Вардар во Балканста лига. 

No comments:

Post a Comment