Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Thursday, December 4, 2014

Хаџиевски Ѓоко

По осамостојувањето на Република Македонија, првите успеси на Вардар во фудбалското првенство на нашата држава, несомнено се поврзани со Хаџиевски Ѓоко, тренерот кој му ги донесе првите 5 титули на нашиот клуб. Неговиот скор во Македонското првенство никој не може да го оспори. 
Во мечевите од првта Македонска лига неговата статистика отпилика е следнава:
сезона             натпревари        победи       нерешени       порази      гол-разлика          поени
1992/93                     34                     27                 7                    0                119-16                61
1993/94                     15                     10                 4                    1                     ?                    24
1994/95                     30                     23                 7                    0                 85-16                 72
2001/02                     32                     19                 5                    8                 46-24                 62
2002/03                     33                     22                 6                    5                 73-37                 72

Или вкупно, во 144 првенствени мечеви на кормилото на Вардар, Хаџиевски остварил 101 победа, 29 нерешени и 14 порази. Во сите сезони, Хаџиевски освојувал титула, односно има скор од 5 титули во 5 првенства. Да се напомене дека во сезоната 1993/94, Ѓоко ја превзема екипата на полусезона, и поради немањето на доволни статистики од тие години, не можеме да ја утврдиме гол-разликата во тие 15 меча. Истотака, да нема забуни, во Македонското првенство, во првите две сезони победата се бодуваше со 2 поени, а понатаму со 3 поени.
Импресивниот скор вели дека во три сезони, Хаџиевски претпрел само еден пораз на кормилото на Вардар. Во овие 5 сезони, само една екипа успева да си замине со трите бода од Градскиот стадион, и тоа комшиите од Работнички кои успеваат да слават со 1-2 во сезоната 2001/2002.

Првите сезони на Хаџиевски беа годините во кои Вардар беше неприкословен во фудбалската лига на Македонија, а со неговото заминување почна и агонијата која западна тимот, а истата заврши токму со враќањето на овој тренерски великан на кормилото на нашиот клуб.
Во меѓувреме како селектор на Македонската репрезентација, беше многу блиску да не одведе на фудбалскиот светски мундијал 1998 година, кога ни требаа две победи во последниот двомеч со Литванија, натпревари кои на жалост ги загубивме. 
Одново, по неговото второ заминување од тренерското место на Вардар, почна новиот пад на нашиот клуб. На челото на Вардар застана Зоран Стратев, и за прв момент изгледаше дека Вардар ќе продолжи да гази во Македонската лига, откако беа направени најголемите успеси на Европска сцена и за малку не се пласиравме во лигата на шампионите. Но, резултатите во Македонското првенство беа многу слаби и клубот го заврши првенството дури на третото место.
Од тогаш, кога и да споменеше дека Вардар добива нов спонзор, дека Вардар ќе се враќа на старите патеки, фановите на црвено-црните секогаш имаа една единствена желба за човекот кој ќе ја крои новата екипа.
Секогаш кај фановите на Вардар, Ѓоко Хаџиевски бил решение број еден, кога се барало новото тренерско име.
За жал, управите на Вардар никогаш не беа на иста фрекфенција како и навивачите. Во Вардар се сменија 20-тина тренери, во најслабите години од постоењето на клубот, своите тренерски способности ги испробуваа избраници кои во минатото не би биле ни кабињери во тимот, но никогаш не се најде време да се седне на маса со Ѓоко. А не е дека Вардар во сите овие сезони бил сиромашен клуб, напротив во годините на Трифун, па и во последните години на Брацо, да не споменуваме во времето на Град Скопје како спонзор, Вардар можеше да си дозволи да преговара со овој тренерски великан. 
Ѓоко Хаџиевски секогаш изјавувал дека Вардар му е во срцето и за помалку финансиски средства би се нафатил одново да гради една силна екипа.
По отпуштањето на Илчо, сите беа едногласни дека го посакуваат Ѓоко на чело на Вардар, но клубот се реши да го назначи помошникот Милевски, а потоа да направи кардинална грешка со носењето на Џиџи, и одново да го назначи Милевски.
Кога Самсоненко го превзема клубот, конечно бевме на работ желбите на навивачите да станат реалност.
Името на Хаџиевски постојано се вртеше низ фудбалските кулоари како човекот кој ќе гради еден нов Вардар, Европски Вардар.
Разочарувањето беше големо кога за нас анонимниот Андреев ја превзема екипата, но сепак добивме мала надеж кога Хаџиевски беше поставен како спортски директор на Вардар.
Ѓоко беше назад, сите беа радосни, а повеќето претпоставуваа дека после слабата пролетна полусезона на Андреев, токму Хаџиевски ќе биде негов заменик. Сите мислеа дека Хаџиевски добива една полусезона да го скаутира клубот, да направи една замисла за понатамошниот изглед на состав, а потоа и поконкретно да се нафати со работа како тренер на екипата.

„Се договоривме за заедничка соработка во наредниот период. Имав пријатен состанок со сопственикот Сергеј Самсоненко, на кој се договоривме да ја добијам функцијата спортски директор на ФК Вардар. Добив една пријатна слика за новиот сопственик, дека е решен да направи европски клуб, а јас треба да го пренесам своето искуство и да го спроведам во нашиот најтрофеен клуб, што ми е посебно драго“, вели за ЕКИПА, Ѓоко Хаџиевски

„Имаме мотивација и енергија за да направиме нешто што ќе биде видливо, нешто што ќе го врати Вардар во оние славни денови. Секој од нас има свој дел во кој ќе делува, но сите ќе имаме иста одговорност. Имаме идеи, разговаравме за она што треба да биде приоритет на Вардар. Околу тимот не би сакал да зборувам, тоа е работа на тренерот. Главна цел ќе биде Вардар секогаш да игра во Европа, тоа е и желбата на Самсоненко, но и тој знае дека резултати не се постигнуваат за шест месеци. Наша задача е клубот, со нашите критериуми да го издигнеме на едно повисоко ниво“, рече Хаџиевски.


Еуфорични беа најавите во моментите кога Хаџиевски беше поставен за спортски директор во екипата на Вардар.  Јасно беше поставена целта дека ќе се гради Европски Вардар, цел која треба да биде на долгорочен план, а не нешто кое ќе се оствари за 6 месеци.
Токму тие 6 месеци беа клучни за она што следеше летото.
Вардар како да се реши Европскиот тим да го гради од оваа сезона, а ланската ја играше колку да се доигра. Не само што не се почна со градење на Европски тим, туку сезоната беше завршена на катастрофалното 5-то место, губејќи го и пласманот во Европа, а тимот на крајот од сезоната се ослободи скоро од повеќе од половина играчи.
Покрај играчите, клубот за жал го напушти и Ѓоко Хаџиевски.
Никогаш не ја дознавме причината за неговото заминување. Ѓоко беше скромен, изјави дека е разочаран бидејќи не бил доволно искористен на функцијата спортски директор, а веројатно најголемата причина беше одлуката на Самсоненко да не го менува Андреев на позицијата тренер на нашиот фудбалски клуб.
Многу медиуми напишаа дека Ѓоко сфатил колку е часот, дека после толку години минати надвор од Македонскиот фудбал, доволно му биле 6 месеци да ја согледа суровата реалност во која за лични интереси се форсираат фудбалери на одредени менаџери, се фрлаат пари во празно без некоја јасна слика и цел за долгорочен успех и други работи кои го доведоа Македонскиот фудбал на денешното дереџе.
Коментарите беа спортиставени во тој период. Имаше фанови на Вардар кои сметаа дека Хаџиевски е потрошена роба и дека дури и да го ставеле на кормилото на Вардар, немало повеќе да биде она што бил пред 15-тина години, но кај повеќето сепак владееше разочараност што не го видоа Ѓоко на кормилото на Вардар и што пред се не доби шанса да не врати во оние златни времиња на Македонскиот фудбал. Помеѓу повеќето фанови на Вардар остана заклучокот дека нашата управа си поигра со Хаџиевски и го постави на дадената позиција само од причина да ги задоволи апетите на Вардаровите фанови. 
А која е всушност улогата на спортскиот директор? За наследник на Ѓоко беше поставен Седлоски, играч кој е прв по бројот на настапи во нашата селекција, но реално нема никаква поврзаност со нашиот клуб, ниту е легенда на клубот како што беше Хаџиевски.
Во мода е фудбалските клубови да поставуваат некои познати имиња на оваа функција, но истите си заминуваат по брзо време, откако гледаат дека таа функција не им носи буквално никаква улога во раководењето на клубот, туку повеќе се искористени за да клубовите покажат пред фаовите дека ангажирале за нас познати имиња, како доказ дека стварно имаат сериозни планови за иднината.
Примерот на Ѓоко, го следеше и Игор Митревски во тимот на Шкендија.

За нас Хаџиевски секогаш ќе остане тренерската легенда на Вардар, тренерот број еден по осамостојувањето на Македонија, тренерот за кого секогаш ќе бидат отворени вратите на нашиот клуб, доколку по ова прашање би решавале Вардаровите фанови.
Дали Хаџиевски ги задржал тренерските квалитети после долги години поминати надвор од Македонскиот фудбал, не успеавме да се увериме во периодот кога беше дел од нашиот клуб, но ќе се увериме во блиска иднина, откако денеска Ѓоко беше презентиран како прв човек на клупата на нашиот лут ривал од Битола, фудбалскиот клуб Пелистер.


Што се однесува до нас, ни останува само да му посакаме успех во новиот клуб и да се надеваме дека ќе им покаже на нашата управа што испуштиле во изминатава година. Се надеваме дека ќе го врати Пелистер онаму каде што му е местото и дека одново ќе имаме дуели како оние од фудбалскиот куп 1992 година, куп кој Вардар го освои, токму на чело со него.

No comments:

Post a Comment