Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Tuesday, December 2, 2014

Разликата помеѓу клупски и репрезентативни натпревари

Сигурни сме дека како фанови на РК Вардар во последните години постојано ви било поставувано прашањето, дали се радувате на головите на репрезентацијата, бидејќи во истата повеќето играчи биле дел на Металург?!
Една од причините зошто фановите на Вардар ги нарекуваат Металурзите вештачки тим, е фактот што управата на Автокомандоси со помош на медиумската машинерија ширеше еднолично мислење во јавноста, мислење од кое новопечените ракометни фанови си направија слика дека пред влегувањето на Минчо во Металург, не постоел ракомет во нашава држава.
Од истата причина фановите на Вардар посакуваат воскреснување на традиционалниот ривал од Битола, бидејќи ако ништо друго, Битолчани се познати како големи познавачи на ракометната игра, па вакви испади од нив ретко би се очекувале.

Еве го составот на Вардар во сезоната 2006/07.
Од ракометарите на сликата, од црвено-црниот дрес во сино-белиот преминаа браќата Мојсоски, Велко Маркоски, Додер, Јовиќ, Алушовски и Ракчевиќ.
Во моменталниот состав на Металург има играчи кои претходно го носеле дресот на Вардар, а тоа се Наумче Мојсоски, Велко Маркоски и Никола Маркоски, Ацо Јоноски, Ванчо Димовски, Милорад Кукоски и Гоце Ојлески. Дел од нив се деца на Вардар, другиот дел своите први успеси ги постигнале во нашиот клуб. Ретко кој од новопечените ракометни експерти памети дека Јоноски беше најдобар стрелец во единствената сезона мината во Вардар, постигнувајќи по 6-7 гола во просек? Дали знаат дека Ракчевиќ долго време изјавуваше дека не постои навивачка група како Комити и откако го напушти Вардар постојано беше присутен на нашите мечеви? Дали знаат дека Велко Маркоски истотака беше играч кој не беше стриктно дефанзивен бек, туку беше и добар шутер. Дали знаат дека Ојлески и Кукоски, како и повеќе други ракометари се излезени од МРК Вардар кој на времето бележеше слични резултати како и Металург Јуниор, но во јавноста не постоеше толкава пренапумпаност во вестите како денеска?
Во Металург и Вардар си преминуваа уште многу други играчи како Макалоски, Левов, Пецаковски, Ристовски, Мите и Столе Стоилови, Филип Лазаров, Ангеловски, Ангелов итн. Ретки се оние играчи кои играле за едниот клуб, но не го облекле дресот на противничкиот тим.
Дали новопечените ракометни фанови ја паметат паролата на Пирати наменета за Ангеловски и Пецаковски, која гласеше дека "Гомната од Металург, одат во Вардар"?
Нормално, нешто вакво е непознаница за нив, со оглед на тоа што своето ракометно знаење го црпеле од емисии како Бекстејџ или разно-разни весници и портали спонзорирани од Минчо.
Меѓу нив е позната и констатацијата дека го бодреле Металург, бидејќи бил тим кој бил изграден исклучиво од Македонци, за разлика од Вардар.

Метаург својот подем го направи кога доби огромна финансиска инекција, кога склопи буџет кој дотогаш беше мисловна именка за Македонските екипи. Со тој буџет Металурзите успеаа да ги купат сите Македонци кои имаа ракометна вредност, со исклучок на Кире Лазаров кој е преквалитетен за нашата Македонска лига. Малку беше што направија една силна постава, малку беше што направија и одлична клупа, туку успеаа да изнакупат се што вреди во Македонската лига, се со цел да ги ослабат конкурентите.
Никој не можеше да парира на нивниот буџет. Никола Митрески кој доживеа бум со своите настапи во дресот на Вардар во ракометната ЛШ, за поголема плата замина да ја грее клупата во Автокоманда.
Наумче Мојсоски беше капитен на шампионската генерација на Вардар во сезоната 2008/09, за прв пат во својата кариера имаше можност да настапува во ракометната ЛШ, но се реши за непопуларен потег,  го напушти клубот и за двојно поголема плата премина во Автокоманда, каде што почека уште две години за конечно да дебитира во најквалитетното натпреварување.
Вардар остана кус и на позицијата десно крило, па за квалификациите во ЛШ мораше да го позајмува Милан Левов од Винарска Визба Тиквеш. После позајмицата се очекуваше и целосно да премине во Вардар, или пак да биде отстапен за Европските мечеви. Како и претходните двајца, така и Милан се реши да ја уништи својата кариера преминувајќи во Металург каде што никогаш не доби вистинска шанса.
Столе Стоилов влезе во конфликт со Лино Червар, а за да не премине во Вардар, беше праќан на позајмици во Романија, со кои кариерата му беше падната на многу ниско ниво. За среќа се реши да дојде во клуб каде што ќе добие соодветна минутажа, со што достигна врвна форма за континенталните натпреварувања во кои настапуваше Македонија.
Вардар често беше осудуван дека ги уништувал кариерите на Македонците, бидејќи во составот немало ракометари од Македонија.
Како може да уништиш нечија кариера, доколку тој играч воопшто не е член на твојот клуб?
Вистина е дека во годините на експанзија на Металург, во Вардар се работеше многу лошо. Се правеа хокеарски замени во составот на клубот во секоја сезона, но тука голема улога имаше и не можноста да се исплатат играчите, па странците ги раскинуваа договорите поради доцнењето на платите. Наша замерка кон клубот е што успеа да испушти цела школа на МРК Вардар пробувајќи да направи инстант успех, не гледајќи на подолгорочен план. Но и покрај се имавме доблест да ги пуштиме Македонците, а не да ги држиме присилно во тимот.
Вардар не се реши да ги чува на клупа сите Македонски играчи, само за во јавноста да гради имиџ на Македонска репрезентација, туку во Вардар играа оние кои имаат квалитет, а вишокот играчи, без разлика на националноста добиваше отворена врата.
Вардар секако немаше потреба да гради имиџ на Македонска ракометна репрезентација, бидејќи сам по себе Вардар е бренд, и не му требаат алтернативни начини да привлекува публика.
Металург точно знаеше каква група на фанови да таргетира. Ракометот во државата беше во подем, а истовремено во подем е и лажниот патриотизам кој го пропагираат Македонските партии. Ставањето на Македонското знаме на амблемот на клубот, купувањето на сите Македонски репрезентативци, кампањите водени од платените медиуми во кои фановите на Вардар беа претставувани како дивјаци, навистина им донесе голем број на гледачи. Гледачи кои претходно не следеле ракомет, гледачи кои во сала не искажуваат никаква емоција кон клубот, гледачи кои дошле да гледаат квалитетен ракомет и пред се голем број на дечиња кои беа привлекувани со навистина одличен клупски маркетинг. Секоја чест за маркетингот кој го имаа, барем на ова поле било кој клуб од нашето СД може да учи како се работи.

Медиумите на Металург никогаш не објавија дека на два пати во Автокоманда имаше прекин на мечевите откако Пирати фрлаа со предмети по фанови на Вардар, односно кон ракометарите од младите категории на црвено-црните. Никогаш не објавија дека во Кале беше нападнат фан на Вардар блиску до записничката маса. Никогаш не објавија дека на купот во 2012 година мечот беше во прекин откако со рачка од тапан беа погодени ракометарите на Вардар кои седеа на клупата. Никогаш не објавија дека на годинешниов меч во Кале, Пирати со полно шише вода и рачка од тапан гаѓаа постарата публика на Вардар на истата трибина,
Никогаш не кажаа како оваа група од екскурзијанти која немаше никаква допирна точка со ракометот пред Минчо да ги спонзорира нивните прошетки низ цела Европа, тероризираа недолжни фанови на ракометот со нивното однесување. Никогаш не објавија дека клупата на Металург влегуваше на терен при секоја судиска одлука, дека ги тргаа судиите за облека и доста често им даваа инструкции како да судат. Никогаш не објавија дека од таборот на Металург пред секое дерби се пушташе инспекција во Вардар за да се проверат работните дозволи на странците. Не објавија ни дека непосредно пред дербито во 2012 година, од таборот на Металург тајно беше откупен капитенот на Вардар, Тихомир Додер. Не објавија дека тајно им беа нудени договори на сите Македонци од Вардар, во годините кога Вардар финансиски не можеше да му парира на Металург.
Но, затоа нивните медиуми беа преплавени со слики од Комити фатени во моменти кога скокаат и со срце и длабоки емоции ги слават победите на својот клуб претставувајќи ги како дивјаци, наспорти сликите од најразни дечиња дојдени со своите родители облечени во дресови на Металург. При секоја победа на Вардар, вината беше исклучиво кај судиите, Лино Червар не ги почитуваше ракометните фанови и одбиваше да ги земе сребрените медали или пак да излезе на прес конференција. При секоја победа на Вардар се даваа слики од Вујо како се буни кај судиите, Комити во позадина и наслови дека Вардар само на тој начин знае да ги добие мечевите, заборавајќи во кои услови Металург ја освои ланската титула. Судијата не го прекина мечот по напад врз еден од Вардаровите играчи, во салата во која во 70% од натпреварите секако им е забранет влез на Комити, беше оставена провокаторска парола од Пирати, која да беше поставена во Кале, судиите немаше никогаш да го започнат мечот.
Секој член од управата на Металург во своите интервјуа по медиумите, задолжително одделуваа голем простор за нашиот тим, нарекувајќи го легија на странци, а во последно време тоа е пропратено со бескрајните приказни на Давид и Голијат, на сиромашниот тим од преградието на Скопје.
Каде беа господата од Металург, пред влегувањето на Самс во Вардар?
Зошто тогаш не кажуваа приказни за нивната финансиска надмоќ? Додуша Металург токму сега може да се нарече сиромашен тим, бидејќи до пред месец дена имаа играчи кои бараат буџет од минимум милион евра годишно, заедно со тренерот кој во тимот дојде исклучиво од финансиски причини.


На секој меч на кој нетпреливо очекуваа да видат дали конечно собрале повеќе фанови од Вардар им се случуваше дебакл, откако и на домашните мечеви, во сала во која не им беше дозволен влез на навивачите на Вардар, се наоѓаа алтернативни начини за Вардар да ја добие потребната поддршка. Којзнае колку ги болеше атмосферата од меѓусебните мечеви во ЛШ, колку ги болеше атмосферата на полуфиналето од СЕХА купот во 2013 година. Колку ги болеше атмосферата секојпат кога во Кале ќе наидеа на пречек по кој мораа да молат да не бидат свирени затоа што биле Македонци.
Момци и девојки, во клупскиот ракомет НЕ ПОСТОЈАТ НАЦИОНАЛНОСТИ.
Постојат квалитетни, просечни и неквалитени играчи, но Македонец, Грк, Бугарин, Русин, Германец, такво нешто нема.
Среќа што вон оваа наша држава постои разум, па можеме да кажеме дека секој од високорангираните клубови во Европа има состав со мешани националности, а за волја на вистината поважните играчи на Металург секако беа странци.

Си заминаа странците, и што доби Металург со тоа?
Го загуби еден од најквалитетните млади пикери Марсениќ за кого допрва ќе се борат Европските тимови, го загуби Лука Циндриќ кој беше во неверојатно форма и беше предводник на тимот, го загуби голманот позади чие име стојат сите успеси на Металург во овие години, голманот без кој Металург немаше ни групите да ги мине во изминативе години, а богми немаше ни што да скандира публиката во салата. За жал, дури сега го сфаќаат недостатокот на Станиќ. Мислеа дека со самото тоа што Македонец ќе застане на голот, ќе се реши ситуацијата, но заборавија дека истиот тој Македонец со години го заборавија на клупата, му ја уништија кариерата откако во најдобрите години имаше функција на водо-носач во нивниот состав, па на крај уште да му лепат недостојни етикати дека бил сакат, фатен во рацете, подобро трупче да ставеле на голот, повеќе топки ќе фатело...
Не ви е крив Николче, што сте биле слепи во изминативе години.
Клубот го загуби и најдобриот играч од лани, Павел Атман.
Главни инцијатори на бојкотот беа токму оние играчи кои ги преплатија во изминатите сезони за да ги доведат во своите редови, екс Вардарците Наумче и Ванчо.
Ако ништо друго, барем се среќни што на домашен терен со судни маки успеаа да слават над тим како Ла Риоха, кој со полн состав ќе го декласираа и на противнички терен.

За доброто на репрезентацијата, убаво е сите играчи да добиваат полна минутажа во своите тимови. Убаво е да повеќето да играат во еден ист состав, ама не мора да е неопходно. Тоа што во моментов се погодило повеќето да играат во Металург, не значи дека сите треба да станеме фанови на Металург.
Зошто не ги бодрите чисто Македонските екипи Тинекс Пролет, Преспа, Работнички или Прилеп? Ете они немаат странци во екипата?
Ако омилениот тим го бирате по таа логика, дали тоа значи дека во времето пред Минчо сте навивале за Вардар или за Пелистер кои своевремено ја претставуваа скоро целата Македонска репрезентација?
Љубовта кон еден клуб е токму тоа, ЉУБОВТА КОН КЛУБОТ, без разлика кој игра за него.
Ако Вардарци не ја сакале репрезентацијата, тогаш не знам чиви навивачи со години правеа пеколна атмосфера на мечевите на репрезентацијата. Откако РФМ се сврти против нашиот клуб, откако медиумите почнаа да нарекуваат со најразни навредливи зборови, поддршката секако се намали.
Ние можеби имаме против некои репрезентативци кои го носат дресот на Металург, но исклучиво од клупски причини. Сигурно еден навивач на Вардар не може да му опрости на Наумче што го остави нашиот тим на цедило кога беше најпотребно. Сигурно не може да го обожава Миркуловски кој неколку пати покажувал недолични гестови накај Вардаровите фанови, а не пропуштил ни прилика да не оцрни во медиумите.
Сите ќе речат дека и ние сме го навредувале и веројатно е така, но тоа што биле свирени некои играчи кога играле во противничкиот дрес на клупски план, ни најмалку не значи дека требало да покажуваат непристојни гестови кон оние кои ги бодрат на репрезентативните мечеви.
Никаде во светот не постои мешање на клупски и репрезентативен спорт, освен во Македонија. Многупати сме биле сведоци како во соседството навивачки групи напаѓале капитени на нивните репрезентации, бидејќи играле во ривалски клуб.
Жерард секогаш бил исмеван од фановите на противниците на Ливерпул, а истото важи и за Тоти. Баерн ја има цела Германска репрезентација, но каде и да гостува е дочекан во пеколна атмосфера, а сличното може да го кажеме и за Барселона, Реал и било кој друг попознат клуб.
Во нашите срца има само еден клуб, затоа и правиот Вардарец не може да каже дека сака некој друг клуб освен Вардар, а најмалку клубот кој врз наш грб се обидуваше да изгради име во Македонскиот ракомет.
Околу ситуацијата во нивниот клуб, имаме само едно нешто да кажеме.
Сите знаевме дека кругот еднаш ќе се сврти, сите знаевме дека вечно нема да останете на врвот, ниту пак ќе бидете финансиски најмоќни. Но и сите знаевме дека кога ќе дојде овој ден, нема да имате армија навивачи која ќе застане зад вас и ќе покрене инцијатива за спас на клубот, затоа што разликата меѓу БРЕНД и инстант популарен клуб е токму она што е поуката од паролата "Не можеш да уништиш нешто, што не умира"!

No comments:

Post a Comment