Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Monday, December 1, 2014

РК Вардар како дел од истоименото спортско друштво

Нашата голема ракометна љубов, РК Вардар, уште еден член на спортското друштво. Клубот е формиран во 1961 година кога и настапувал во ракометната лига на Македонија и во тогашната Втора југословенска лига. За воља на вистината Вардар немал некоја значајна улога во шампионатите на Југославија. Во првите години од Југословенската ракометна прва лига, РК Работнички бил клубот кој ја бранел честа на Македонија и заедно со РК Борец од Велес се двата клубови од Македонија кои успеваат да стигнат до финалето на купот на Југославија. Сепак, најголема трага од Македонските клубови во Југославија има оставено Пелистер, кој во годините пред распадот на Југославија, на два пати не успева да дојде до титулата, тесно губејќи од тогашниот Европски шампион Металопластика. По осамостојувањето на Македонија, Вардар ги бележи своите најголеми успеси од формирањето на клубот, при што успеал да ја прекине зелено-белата доминација на РК Пелистер во Македонија, кои всушност претставуваат најголеми ривали на Вардарци и вистинска штета е што веќе долги години немаат кадарен состав, па така и долги години немаме можност да проследиме вистинско дерби. Успесите на Вардар се тесно поврзани со доаѓањето на Ватростална како спонзор, заедно со спонзорот Михајло Михајловски кој несомнено ќе остави голема трага во историјата на Вардар. Убаво е да се спомне дека за Вардар играле голем број на макеоднски ѕвезди и легенди во македонскиот ракомет како што се Пепи Манасков, Аце Станковски, Ванчо Јовановски, Зоран Петковски, Љубомир Савевски, Игор Котевски, Горан Андоновски и многу други репрезентативци на Македонија. Исто така и голем број на денешни репрезентативци кои преминуваат во Металург, кога клубот од Автокоманда станува финансиски моќен и ги носи голем дел од играчите на Вардар во своите редови.  РК Вардар има рекордни осум шампионски титули во Македонија (1998/1999, 2000/2001, 2001/2002, 2002,2003, 2003/2004, 2006/2007, 2008/2009 и 2012/2013) и девет титули во купот на Македонија (1997, 2000, 2001, 2003, 2004, 2007, 2008, 2012 и 2014) со што е најтрофеен клуб во Македонија. 
На европска сцена, Вардар го има својот прв настап во сезоната 1993/1994 во купот на ЕХФ. Во ЕХФ Лигата на шампионите веќе го има деветиот настап оваа сезона. Вардар има голем број на успени настапи и на европска сцена, вреди да се спомне дека три пати беше полуфиналист во Купот на победници на Купови во сезоните 1998/1999, 2004/2005 и 2010/2011, еднаш играше четврт-финале на КПК во сезоната 2006/2007, а еднаш во Челинџ купот во сезоната 2005/2006. Првото Европско полуфинале Вардар го доживеа во годините кога полека ја добиваше поддршката од Комити, кои како и останатите групи од соседството репија да го бодрат клубот на позначајните натпревари, додека примарен спорт да им остане фудбалот. Вардар во таа сезона играше во салата Расадник во Кисела вода, а во полуфиналето налета на непремостливата пречка наречена Адемар Леон, Сезоната ќе остане запаметена по феноменалните партии на Игор Котевски, Македонскиот репрезентативец кој за жал во истата сезона доживеа голема семејна трагедија, и доби огромна поддршка од сите ракометни фанови од Македонија за да ја преброди трагедијата. Второто полуфинале Вардар го играше во својот втор дом, салата Кале. Тогаш силниот Загреб падна во Скопје, но на реваншот победи со поголема разлика. Комити беа сопрени на Хрватска граница, но и оние алкумина кои успеаа да стигнат до Загреб му дадоа безрезервна поддршка на тимот. Декласирањето на Медвешчак во четврт финалето беше прогласено за сензација на четата на Ѓукиќ, во Хрватските медиуми. Последниот настап во полуфиналето, за жал беше само еден рутински двомеч за идниот шампион, Германскиот Гумерсбах. Ракометот во државава доживеа бум откако одредени медиуми спонзорирани од спонзорот на Металург, форсираа муабети за нивните големи успеси во Европа, никогаш не спомнувајќи ја историјата на останатите Македонски клубови, па некако новопечените ракометни експерти малку се запознаени за тоа какви се имиња имаат паднато во Скопско Кале. Во препознатливата атмосфера во нашата тврдина, паѓале Кил, Магдебург извади бод во годините кога беше алфа и омега во Европа, Иври падна иако во Франција победи со 8 разлика, падна Загреб кој значеше многу во тие години во Европа и многу други Европски екипи. Минатата сезона (2013/2014) Вардар го имаше најголемиот успех во својата историја, откако најпрвин после 8 обиди успеа да ја мине групата (порано беше подруг системот на натпреварување и беше скоро невозможно да се мине групата), а потоа успеа во 1/8 финалето да го елиминира тогашниот Европскиот шампион Хамбург, предводен од голем број ѕвезди, Вардар, беше елиминиран во Скопје од Фленсбург (24:22, 25:27) кој имаше повеќе постигнати голови на гостински терен и успеа да обезбеди место на завршниот турнир во Келн, каде што и го освои истиот. 



Голема тага владееше во салата "Борис Трајковски" каде што Вардар ги играше натпреварите од Лигата на Шампионите во оваа сезона. Навивачите на Вардар им пееа  уште 30 минути по завршувањето на натпреварот на своите играчи. 

Вардар во СЕХА лига

Вардар остави трага и во СЕХА лигата, која се оформи во 2011 година и во неа имаат учество клубови од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Словачка, Белорусија, а од оваа сезона лигата доби на квалитет и со унгарски Веспрем кој и те како ќе и даде дополнителна ракометна убавина на лигата. Првата завршница се одигра во Загреб каде што Вардар на големо изненадување го елиминираше фаворитот и домаќинот Загреб, за во финалето да го победи Металург со резултат 21:18 и така Вардар стана прв освојувач на СЕХА лигата. Следниот турнир се одигра во Скопје, Вардар на голема жалост, претрпе реванш од Загреб и по завршувањето на регуларните 60 минути во продолженијата Загреб успеа да слави со 25:24. Минатата сезона Вардар ја играше третата сезона во СЕХА лигата, и успеа повторно да ја освои во Нови Сад, победувајќи го Брест Мешков со резултат 29:27, за големо салвје на Вардарци со што станаа најтрофеен клуб и во ова натпреварување.



02.06.2013 - Денот за памтење

Денот кој ќе го памти секој Вардарец. Откако на "Градски" се прослави титулата во фудбалското првенство, немаше многу време за славење, после околу едночасовно славје на кејот на Вардар со трубачи и вардарови песни, време беше да се тргне кон Кале, тврдината на Вардарци и да се нападне на уште една титула. Вардар во оваа сезона на харитја имаше далеку послаб тим од Металург,и не беше ни малку лесно да се освои титулата. Но Вардар го имаше човекот кој мора да се спомне, а тоа е Веселин Вујовиќ - познат како Вујо кај вардаровите фанови.


Човекот кој несомнено стана вардарова легенда, успеа да го порази Металург во пеколната атмосфера на Кале, каде што по двајца стоеа на едно столче, и по славењето на терен на неколку 1 000 Вардарци, трибините пак беа полни...Целиот тој тим ќе биде легендарен за фановите на Вардар со голема доза на благодарност до нив. Хемијата помеѓу клубот, играчите и навивачите беше посилна од се. Тој ден беше празник за Вардар и Скопјани, вреди да се живее за вакви денови. Но покрај Вујо, играчите и страствените навивачи кои ги имаше Вардар, голема заслуга имаше и господинот Михајло, за сите оние успеси што ги имаше клубот, и затоа што Вардар без него немаше да биде ова што е денес. Голема почит и благодарност до него, за се што направи за овој клуб, што успеа да го направи Вардар и ракометен бренд во државава. После оваа сезона, клубот привлече уште поголемо внимание, па како последица на сето тоа, во Вардар се случија неколку пормени. Кога сме кај промените вреди да се спомне дека клубот во својата историја имаше промени на своето име. Најпрво Вардар Ватростална, потоа Вардар ПРО, а денеска се користи само името Вардар. Клубот имаше свои промени и на салите во кои играше како домаќин. Прва сала на Вардар беше салата "Расадник" потоа клубот за своја домашна сала ја зема легендарната сала "Кале" каде што се одигра и последниот натпревар  со екипата на Загреб, каде што посебно задоволство имаа и навивачите на Вардар - "Комитите" да го пречекаат нивниот миленик Вујо, но овој пат како тренер од спротивниот табор. И овој меч беше ден за памтење, на стотици фанови во салата им се насолзија лицата, ежењето на кожата, адреналинот и силното чукање на срцето е неизбежно во вакви моменти. 

Вака нашата "Кале" замина во историјата за нашиот клуб.





Многу промени се случија со доаѓањето на Сергеј Самсоненко, човекот кој е енигма за многумина во државава како се најде како главен спонзор на клубот. Дека клубот ќе има големи амбиции најави уште со доведувањето на врвни светски имиња како Тимур Дибиров и Алекс Дујшебаев. Вардар првата сезона имаше многу промени и на тренерската позиција, тимот не беше доволно воигран, доаѓањето на многу нови играчи и одново градење на костурот на тимот не ни даваше огромни надежи. Но, сепак Вардар имаше огромен успех во Лигата на шампионите, своите натпревари ги играше во СЦ Борис Трајковски и овде остана непоразен од огромни ракометни великани како што беа Барселона, ПСЖ, Хамбург, Фленсбург, победувајќи ги и Вакер Тун и Динамо Минск, со вториот македонски претставник на Металург забележаа по една победа и еден пораз. Разочарување на сезоната беше што Вардар не успеа да ја освои титулата во домашното првенство, како мелем на раната беше освојувањето на Купот на Македонија. За оваа сезона Вардар најави уште поголеми амбиции, во своите редови го доведоа еден од најдобрите голамни во светот, Арпад Штербик, како големи засилувања во тимот беа и Лацковиќ како и двајцата руски репрезентативци Горбок и Шишкарев. За оваа сезона Вардарци добија и свој спортски центар, салата "Јане Сандански" современа сала по сите стандарди, како и помала сала од 1 000 гледачи. Салата се отвори со натпреварот во Лигата на Шампионите помеѓу Вардар и Чеховски Медведи од Русија. Вардар успеа да слави и одлично да ја отвори својата нова сала.  Во оваа сала Вардарци ги играат натпреварите од Лигата на Шампионите како и натрпеварите во СЕХА лигата. Исто така во Јане Санданси се натпреварува и женскиот ракометен клуб Вардар, а понатаму очекувајте нешто подетално и за овој член на спортското друштво. Им посакуваме многу титули и голем број на успеси како на машкиот така и на женскиот ракометен клуб, во новиот црвено - црн храм. 



Целта на клубот за оваа сезона е двојна титула во домашниот шампионат, одбрана на титулата во СЕХА лига, како и чекор повеќе од ланското 1/4 финале во Лигата на Шампионите, веруваме дека овој тим во иднина уште повеќе ќе се надградува и ќе бележи успеси во сите натпреварувања, а зошто и да не се радуваме еден ден на трофеј од Лигата на Шампионите! Вардар и оваа сезона на крилјата на своите Комити успеаа да слават на домашен терен против Чеховски Медведи, бундеслигашот Рајн Некар, како и Целје. Во една несреќна завршница загубивме од Веспрем, при што го забележивме првиот пораз сезонава на домашен терен, на европската сецена. Цела Европа знае како е да се биде дел од вулканот кога игра Вардар, па со безрезервната поддршка на Комити, обичната публика која на моменти и таа запаѓа во делириум, нашите момци кои гинат за светиот дрес можеме се да очекуваме, бидејќи Вардар многу пати до сега не увери дека со било кој клуб знае да се носи и дека не постои непобедлив клуб за црвено-црните. 



Па, уште еднаш да им посакаме многу среќа и успех на момците кои ги бранат боите на Вардар на ракометната сцена!


No comments:

Post a Comment