Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Sunday, November 30, 2014

Есенски шампиони во фудбалска конкуренција

Вардар-Работнички 0-0!
Само бод за ФК Вардар во дербито на град Скопје, кое требаше да го одбележи крајот на првенствената полусезона. Вардар е новиот есенски шампион, но денес не постои фудбалски фан кој си отиде задоволен од Градскиот стадион во Скопје. Работата на делот од управата која треба да ја врши маркетиншката работа на клубот, овојпат ја изврши, членовите на Комитската подгрупа, Лојал фанс .
Дечките веќе подолго време се подготвуваа за прославата на јубилејот од 15 години постоење. 
По тој повод, веќе недела дена Скопје беше преплавено со плакати како најава на денешниот натпревар, а на повеќе видни локации низ Скопјево беа истакнати и пароли кои истотака имаа цел да придонесат на што помасовно присуство на Вардаровите фанови на овој меч.
Можеби повеќето велат дека исто е кога има реклама и кога нема, бидејќи Скопјани одамна имаат изгубено желба за присуство на мечевите од домашното првенство, но сепак убаво е да се забележи дека некој се потрудил да ги информира останатите, а верувајте дека имаше многу луѓе на трибина кои рекоа дека досега немале никаква информација за Вардаровите мечеви.
Да се рабереме, тој што го сака Вардар секако ќе се потруди да дознае кога Вардар го игра наредниот меч, но да не заборавиме во каква ситуација беше клубот изминативе години, т.ш. сега веќе треба да се размислува на придобивање на нови генерации на фанови, бидејќи оние од минатото се одамна испуштени и загубени.
Да напоменеме дека билетарата која стоеше на стандардното место повеќе не постои!
Вакви информации се објавуваат со време, на повидно место, а оваа неинформираност доведе до збрка и конфузија меѓу луѓето кои сакаа да си купат карти за северната трибина. Картите ги продаваа одредени лица од клубот кои беа сместени на најтемното место помеѓу северната и источната трибина. 
Денес Вардаровата прослава започна уште во раните попладневни часови од збирното место на Лојал Фанс, кои набрзо ги обоија улиците во црвено-црна боја, имајќи и добро пиротехничко шоу на патот кон стадионот.
Вардар конечно мрдна барем малце од бројката од 500 гледачи на домашните мечеви и на стадион може да се каже дека имаше околу 2500 гледачи, од кои над 1000 беа на западната трибина.
Од западот беше направена феноменална атмосфера и ако нешто беше за пофалба на денешниот меч тоа беа единствено Комитите!
Да ја искористиме приликата да им го честитаме роденденот на Лојал фанс и да им посакаме уште долги години да бидат присутни на нашата навивачка сцена.
По атлетската патека продефилираа неколку момчиња со Комитски знамиња, а мечот почна со едно минутно молчење. 
Фештата на западот почна во 15-тата минута кога симболично, со одлична баклијада беше прославен роденденот на Лојал фанс.
"15 години институција во Комитската револуција"!

Во текот на мечот имаше уште неколку одлични кореографии, проследени со добри пароли и одлично пиротехничко шоу, кое доведе до повеќе прекини на играта на теренот, што резултираше со 10-минутно продолжение на второто полувреме.
Но, на теренот да се играше и 3 дена, тешко дека некоја од екипите ќе постигнеше погодок.
Бескрајна безидејност во Вардаровите напади, 
Нашите играчи како да не се навикнати пред поголем број на гледачи? Наместо тие да бидат оние кои на крилјата на навивачите ќе изиграат далеку помотивирано отколку во утакмиците кои не го носат предзнакот дерби, дозволија да изиграат максимално неангажирано, без никаков мотив за победа. И не само Вардарци, ниту Романтичарите не беа на ниво денеска.
Секој што денес за прв пат дошол на трибина, би си поставил прашање "Ако овие се првите две екипи во лигата, тогаш какви се другите"?
За тие што сме редовни знаеме дека ова денес не беше максималниот потенцијал на играчите, но изгледа влогот беше преголем па постоеше страв дека би останале и без оној сигурен бод на кој одеа и двата тима. 
Работнички дури и беше подобар на теренот, иако ни едната ни другата екипа не може да се пофали дека направила нешто повеќе од пар полушанси кои беа лесна задача за голманите.
Македонските спортисти постојано се лутат ако бидат искритикувани за својот не квалитет и токму поради фактот дека не знаат да претрпат основана критика, никогаш и нема да станат големи играчи.
На нас целта не ни е да плукаме по одредени фудбалери, туку да им укажеме каде грешат, а доколку тие сметаат дека не сме во право, нека не демантираат на терен.
Тренерот Андреев веднаш по мечот даде изјава во која им се извинува на навивачите на Вардар, велејќи дека денес не заслужиле ваква игра од своите пулени.
Нашето прашање е дали Андреев воопшто заслужува да го води овој тим???
Русинот во минатата сезона доживеа фијаско и успеа од делба на првото место на полусезона, да не донесе на 5-тата позиција на крајот на првенството.
Постојано доаѓаа критики за неговото водење на тимот, за исцрпните тренизни кои им ги дава на фудбалерите по кои тие беа подложни на многу повреди, но за сезонава вети дека ќе ја спреми екипата да биде физички далеку поспремна од противниците.
Кога се прави еден сериозен проект, логично е прво да се почне со поставување на добар тренер кој би работел на подолгорочен план. Поставување на тренер кој нема скоро никаков тренерски успех во кариерата и тренер кој во последните години предводел исклучиво младински категории, скоро никогаш не е паметно решение за тоа што го бараме ние.
Клубот или требаше да му даде шанса на некој помлад тренер или пак на некој веќе искусен стратег. Самсоненко лани згреши и во изборот на тренерот на машкиот ракометарски клуб, но брзо ја поправи грешката и доведе подолгорочно решение чии резултати со тек на време се надеваме дека ќе излезат на виделина.
Дали неговото немо следење на настаните во фудбалскиот клуб значи дека управата е задоволно од досегашната работа на Сергеј Андреев?
Дали клубот пред се е задоволен од играта која ја прикажа Вардар во оваа есенска полусезона?
Да бидеме искрени, Вардар има на хартија најдобар тим во лигата, особено во одбранбената линија. Вистина е дека сме први на табела со три бода предност пред Работнички, вистина е дека во дуелите со екипите кои се над средината на табелата единствени изгубени бодови се денешните 2 против Работнички, но истотака фер е да се каже дека Вардар се мачи против екипите кои му играат бункер, дека на гостинските мечеви вон Скопје, Вардар е скоро безидеен и на прсти се бројат добро изиграните партии.
А играта на теренот не ја поставува никој друг туку тренерот на екипата!
Во оваа полусезона, тимот премногу се потпре на индивидуалните квалитети на одредени играчи, особено на Дашијан и Хамбарџумијан кои навистина после подолго време се покажаа како одлични странски засилувања кои се класа за нашето пренство.

И денеска како сите да чекаа од Дашијан да стори нешто, и веќе се навикнавме дека ако не му оди на Артак тогаш Вардар нема што да бара на теренот.
Прво и најосновно, Вардар НЕМА КЛАСА НАПАЃАЧИ.
Филип Петковски беше откритието на полусезоната, но за жал крајот секогаш го краси делото, а неговиот крај на полусезонава беше доста блед и ја наруши сликата за неговиот придонес во оваа полусезона. Сите знавме дека Петковски има квалитети како џокер да ги решава мечевите и сите сме му благодарни што како стартер ги матираше и Шкендија и Пелистер и Работнички и ни донесе многу важни победи во овие мечеви, како резервист ни донесе три многу важни бодови од Штип и сите бевме пресреќни кога потпиша нов тригодишен договор, но од тогаш не видовме буквално ништо од него. Се потврди она непишано правило кое важи за сите многу спортисти, а тоа е дека даваат се од себе на теренот се до моментот кога ќе си обезбедат нов договор, а потоа како да гледаме други играчи.
Филип Ивановски е дефинитивно разочарувањето на оваа полусезона. Ех драг наш Фичо, беше идол на Вардаровите фанови во првата сезона во која се вративме на тронот, сите ја памтиме твојата симултанка со Работнички во Маџари, но не напушти во моментите кога највеќе му требаше на клубот, само од финансиски причини за сега да не бидеш ниту бледа сенка од тоа време. Сигурни сме дека во случај Ивановски да останеше барем уште една сезона во Вардар, само ќе напредуваше во формата, наместо да грее клупа во Казахстан и сега можеби ќе играше во некоја добра Европска лига.
Цела полусезона се потроши за да се овозможи Фичо да се врати во форма. Но, форсирањето беше напразно, Фичо ја изгубил брзината, контролата на топката му е сведена на минимум, тешко се открива за да му биде сервирана добра шанса, се изнапромаши зицери и ќе треба премногу да работи доколку сака да задржи место во овој тим на Вардар. И самото тоа што е резерва на Петковски, зборува до каде паднала формата на Ивановски. Од репрезентативен материјал, до просечен играч од Македонското првенство.
На Вардар му треба експлозивен шпиц, играч кој сам ќе наниже неколку противнички играчи и ќе го матира противничкиот голман. Брз играч, кој ќе трча многу на теренот и постојано ќе прави проблеми во противничкиот шеснаесетник. На Вардар му требаат играчи како што некогаш беа Вандаир и сега покојниот Оливеира.
На крај краева, добро би било и да играме со двајца напаѓачи. Едниот може да биде играч кој подобар во игра со глава, како Петковски или Ивановски, а другиот треба да се бара на светсиот пазар на играчи.
Кога дојде Миранјан повеќето беа среќни бидејќи се најавуваше како играч од профилот кој му е потребен на Вардар. Но, најавуваниот најдобар играч од фудбалската академија на Шахтјор Донетск се покажа како голема утка.
Човекот не прикажа апсолутно ништо, слободно може да се стави во низата промашувања од изминативе години како што беа Бонифачио, Огбона, Али, Гешоски итн.
Не гледаме причина зошто овој играч би бил задржан во клубот.
Слично важи и за играчот од средината, Темеков кој во моментов не му е потребен на нашиот клуб. Да можевме само да го вратиме Стјепановиќ... Би биле одличен тандем со Глигиров во подефанзивната средина.
Деспотовски е играчот кој е најголема енигма за фановите на Вардар. Доста променлива форма, некогаш игра добро, некогаш послабо, но останува впечатокот дека нема некој витален придонес во тимот, особено што недостасуваат голови од негова страна. Деспотовски би бил добар за ротација, но на Дашијан во моментов му треба подобар партнер во средината од Филип. 
Дашијан беше моторот на екипата во оваа полусезона, но и тој во неколку мечеви како да немаше никаква мотивација на теренот, па и за денешниот меч беше обвинет дека со мислите веќе бил на одмор. Сепак, Артак има преголем товар во средината од теренот, и затоа треба да му се донесе партнер кој ќе го симне товарот од неговиот грб и ќе донесе поголема слобода во неговата игра. Едно е ако треба противникот да се фокусира само на Дашијан, подруго е ако треба да запрат повеќе играчи со подобар квалитет.
Останува констатацијата дека Вардар мора да се засили и на крилните позиции.
Секоја чест за придонесот на Петров и Асани, но освен како играчи за ротација, тешко дека Вардар би просперирал со вакви крила во Европските мечеви.
И двајцата се слаби по коснтитуција и најчесто се лесен плен за противничките дефанзивци. Асани е играчот кој доста ја бранува пошироката јавност, бидејќи јавно изрази желба да игра за најголемиот вардаров ривал, Чаирска Слога.
Кај Вардаровата публика може да се каже дека претставува младинецот од кого се очекува највеќе на теренот и не е напразно што токму тој ја добива онаа улога на младинец кој мора приморано да биде во првиот состав.
Иако немаше баш најдобар почеток на сезоната, сепак одлично ја заврши оваа полусезона и луѓето од нашиот табор сериозно треба да размислуваат да му посветат посериозно внимание. Дали ќе напредува во кариерата, дали ќе прерасне во добар играч, нешто за кое најпрвин треба физички да се припреми во теретана, бидејќи во моментов е инфериорен во дуелите, или пак ќе остане еден просечен талент од нашето првенство.
Веројатно заради правилото за младинци Јаско до крајот на сезоната ќе има можност да се надоградува како стартер во екипата, па ќе видиме дали конечно ќе излезе еден подобар играч од Вардар. Тука вреди да се споменат и уште неколку Вардарови деца како Серафимовски, Иванов, Стојановски, па и Ацевски на кои им треба што повеќе да играат за да напредуваат во кариерата. За нив, сеуште е рано да се тврди колкав им е квалитетот.
Едно е заедничко за сите, а тоа е многу слабата физичка конституција, нешто што изгледа е голем проблем во нашите младински категории.
Петров е играчот кој веројатно пропушти да стане голем играч во кариерата. Остана лимитиран, иако и од него се очекуваше да биде предводник на една Вардарова генерација. Промногу шанса доби Петров во изминативе години во Вардар, а остана запаметен само како играч кој ги решава куп утакмиците. Петров би му бил сеуште од корист на Вардар, но за крилната позиција обавезно мора да се размислува на некое засилување од повисок калибар.
Па во Врдаровиот тим сеуште мака мачиме со лошите центаршутеви. Толку време помина, а играчите сеуште не се научија да нафрлуваат прецизно. Сами да ги оставиш да центрираат без препрека, би утнале во 50% од случаевите.
Љамчевски од кого се очекуваше премногу за крилните позиции истотака се покажа како лошо засилување, со многу грешки на теренот. И на него треба да му се покаже излезната врата.
Одбраната засега функционира одлично, а со доаѓањето на Попов и оздравувањето на Глишиќ ќе бидеме уште поцврсти во овој дел. Затоа и останува енигма зошто раководството размислува за носење на играчи токму од овој дел од теренот и тоа играчи кои се на пониско ниво од оние кои веќе ги имаме.

Честитки за есенската титула, но играчите мора да знаат дека на мечевите како денешниот треба душата да ја остават на теренот, на мечевите против послабите екипи, победата нема сама да дојде, туку треба добро да си ги испотите дресовите, особено што заработувате многу поголеми плати од остатокот од екипите во лигата. Вардар треба да гази на теренот, а не да се мачи со екипи кои немале ниту подговотки пред почетокот на сезоната. Никакви лоши терени не смеат да бидат оправдување, со целосна посветеност на теренот може да се постигнат многу подобри резултати, особено во случај кога ниту противниците не се на потребното квалитативно ниво. За мечевите во Европа, покрај мотивација, ќе ни треба и квалитет, кој за жал во моментов го немаме во доволна мерка. 
Тимот за Европа се гради уште од сега, затоа засилувања мора да се донесат уште на полусезона.

No comments:

Post a Comment