Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Friday, December 26, 2014

Играчите кои разочараа во календарската 2014 година

Често се оддава признание на оние кои најдобри во една календарска година, па и ние веќе направивме анкета со која фановите ќе го изгласаат најдобриот поединец од екипите на СД Вардар, но интересно е да се види кои се играчите кои не ги исполнија нашите очекувања во 2014 година. Целта е да се издвојат играчите од кои се очекувало многу, а прикажале малку. Нема да набројуваме играчи кои не се квалитетни, бидејќи има разлика помеѓу играч кој не го бидува и играч кој имал потенцијал, фановите очекувале да го дигне квалитетот на играта, но на крајот не добиле ништо од очекувањата.

Ќе почнеме од фудбалската екипа. Во пролетната полусезона имаше неколку играчи кои потфрлија во нивната игра, но искрено и не очекувавме многу од нив. Ќе тргнеме од "засилувањата" Трниниќ и Ловречич. Доколку Ловречич имаше мечеви во кои покажа барем мало фудбалско знаење, Трниниќ беше најголемата утка во ланската сезона. Можеби најбавниот играч кој сме го виделе во нашето првенство. На негова душа одат голем дел од головите, а притоа вреди да се напомене дека нашиот тренер и покрај се го играше на голем дел на натпреварите и тоа неколку пати на неприродна позиција. 

Играчот од кој сите очекувавме многу со оглед на неговиот минат настап во клубот е напаѓачот Филип Ивановски.
Фичо се врати после неуспешната одисеја во Казахстан и сите очекувавме дека одново ќе биде главната алка во нашиот напад и дека ќе ги тресе противничките мрежи на секој натпревар. 
Најпрвин пропушти неколку натпревари поради повреда која ја влечел од претходно. Но, и по неговото враќање на терените се уверивме дека Фичо е светлосни години далеку од формата која ја имаше пред да го напушти Вардар. Бавно движење во нападот, слаба реализација, никаква опасност за противникот доколку прими топка вон шеснаесетникот, доколку не му се намести гол на тацна, Фичо нема никаква улога во играта, а единствено нешто што ќе се памети е прекрасниот гол кој му го даде на Турново во минатата сезона. Во тековнава сезона дури го загуби местото во почетниот состав, откако на неколку мечеви не ја оправда довербата на тренерот, и тогаш разиграниот Филип Петковски му го превзеде местото во стартните 11.
Ивановски во сезоната 2011/12 постигна 24 погодоци во дресот на Вардар и беше најдобар стрелец во лигата. Во календарската 2014, односно во пролетната полусезона од минатата фудбалска сезона  и тековната есенска полусезона, Ивановски постигна само 9 погодоци, што е скоро три пати помал учинок. 
Според нас, Фичо направи катастрофална грешка со напуштањето на Вардар. Ќе беше наш лидер во Европа, ќе беше наш лидер и во новата сезона, а ќе му беа отворени и вратите за настап во репрезентацијата. Освен од финансиски аспект, остана без никакви придобивки од заминувањето во странство. Притоа, во моментов е светлосни години далеку од дресот на Македонската репрезентација. Иако посакуваме да го видиме стариот Ивановски кој одново би бил наша ударна игла во нападот, сепак од сегашен аспект сме скептици дека тоа ќе се случи некогаш.


Вториот напаѓач кој тотално разочара е засилувањето од Украинскиот Шахтјор, Артур Миранјан. На сите ни е јасно дека на Вардар му недостасува тип на напаѓач кој е различен од Ивановски и Петковски кои се добри во играта со глава и кои постигнуваат голови во акции кои треба други да ги изработат. На Вардар му треба напаѓач кој поседува голема брзина и добар дриблинг со кој и самиот би правел дар-мар во противничката одбрана, а не да чека некој друг да му направи добра позиција за погодок. Како таков тип на напаѓач беше најавуван третиот Ерменец кој го засили Вардар. Најавуван како најдобар младинец во академијата на Шахтјор, сите очекувавме многу од него, особено што Вардар како клуб плати за да го доведе, нешто што ретко се сучува. Ако Хабарџумијан и Дашијан ни дојдоа како "кец на десетка", нивниот сонародник воопшто не се прослави. Миранјан доби минимална миниутажа во која и онака не покажа апсолутно ништо. Не видлив на теренот во сите минути кои ги доби од тренерот Андреев. Воопшто не успеа да се наметне кај тренерот, а од тоа што го видовме не знам само од каде дојдоа информациите дека се работи за брз играч кога на теренот видовме нешто сосема спротивно. Очекуваме да го напушти клубот во најбрзо време.

На ракометно поле имавме одлични резултати во изминатава година и сите играчи беа на ниво. Единствениот од кого сме разочарани е голманот Страхиња Милиќ. Џамбо не не разочарал со неговото залагање на теренот, но од играч од кој се очекува голем напредок особено кога го има Штербик како великан од кого може многу да научи, разочарувачка беше неговата стагнација во кариерата, како и однесувањето вон теренот. Милиќ се помалку добива шанса кај Раул Гонзалес, па ако лани барем беше стандарден чувар на мрежата во ракометната регионална лига, сега покрај Штербик нема шанси да брани во лигата на шампионите, но и во СЕХА лигата е втор избор после Ангелов. Остана како црна дамка казната која ја доби од раководството на клубот, откако еден месец беше под суспензија поради непрофесионалното однесување во Српскиот национален состав. На млад играч со голем потенцијал за напредок во иднината, не смее да му се случи да го затекнуваат пијан на репрезентативните собири, па макар што не планирал повеќе да биде дел од репрезентацијата. Само со макотрпна работа може да напредува и веруваме дека ја сфати грешката, па во иднина во полн потенцијал да го видиме како прв избор на голот на РК Вардар.
Доколку кај мажите нема многу играчи кои разочарале, кај жените имаме неколку помеѓу кои би бирале.  На крајот одбравме две, од кои бевме највеќе разочарани.
Јованка Радичевиќ сметаме дека е најголемо разочарување од сите играчи на екипите од СД Вардар во календарската 2014 година. Македонската снаа, најдоброто десно крило на светот во моментите кога потпиша за Вардар, доживеа голем пад во играта во оваа година. Есенската полусезона од минатата сезона 2013/2014 Јока беше можеби и најдобриот играч во нашиот дрес, редовно мечевите ги завршуваше како најдобар стрелец, па беше и еден од најголемите виновници што натпреварите во првата фаза ги завршивме на првото место. Тогаш следуваа настапите во дресот на Црна Гора на минатото светско првенство, првенство по кое Јока не успеа да ја врати својата форма. Не можевме да ја препознаеме на натпреварите од пролетната полусезона од минатата сезона. Многу од фановите бараа да биде ставена на клупата на резерви, па Костјукова се повеќе добиваше шанса. Иако беше избор број еден на Кастратовиќ, сепак никогаш не ја видовме во препознатливата форма. Секако дека има ракометарки кои во календарската 2014 година изиграа на пониско ниво од нејзе, но сепак од Јока ние очекуваме да биде лидер на екипата заедно со Лекиќ, а не да има само минимален придонес во играта, да ги нема нејзините препознатливи влезови од крило, па да не збориме и за контрите кои беа нејзин специјалитет, а сега се веќе минато. Последните натпревари во дресот на ЖРК Вардар и натпреварите во дресот на Црна Гора (каде што на неколку мечеви принудно играше и како пикер) ни даваат надеж дека сега ќе видиме пресврт спортивно на минатиот. Ако после минато СП, Јока се врати во многу лоша форма, сега се надеваме дека после тукушто завршеното ЕП ќе ја видиме вистинската сила на Радиќевиќ.

Тука ја вбројуваме и Ања Алтхаус. Ѓокиќ имаше одлична сезона во дресот на ЖРК Вардар, но по крајот на сезоната реши да стави крај на кариерата. Никој не ни помислуваше дека премногу ќе ни недостасува во новата сезона, бидејќи управата на Вардар реагираше брзо и се засили со Германската репрезентативка, познатиот пикер на Турингер, Ања Алтхаус. Веќе во составот ја имаме Бегоња Фернандез како специјалист во одбраната, па очекувавме дека Алтхаус ќе ја замени улогата на Ѓокиќ во нападот. Сепак, добивме уште еден ист тип на пикер кој подобро игра во одбрана отколку во напад. Бегоња заработи тешка повреда и ќе биде надвор од теренот до крај на сезоната, па останавме само на Алтхаус во нападот. Германката во 6-те настапи во лигата на шампионите, постигна само еден погодок во нашиот дрес иако најчесто она беше изборот на Кастратовиќ во моментите кога бевме во напад. Немаше правење на простор за бековите од нејзина страна, ниту пак многу изнудени пенали што е одлика на пикерите. Ќе мора да се поправи во нападот, бидејќи Вардар нема друга опција освен младата Гакидова која засега сеуште не е вистински избор за во лигата на шампионите.

Во кошарката највеќе разочара играчот од кого сите очекувавме дека ќе ја подобри играта под кошевите и со неговото потпишување во пролетниот дел на сезоната 2013/2014 потајно се надевавме дека ќе избориме опстанок во првата лига. Драган Керкез, центарот од Србија, веќе имаше настап во дресот на КК Вардар кога беше лидер на екипата пред две сезони. Истото го очекувавме и сега, но за жал видовме нешто сосема спортивно. Не можеше да се препознае играчот кој доминираше под кошевите, често беше натскокуван од пониски играчи, брзината му беше најголем проблем, утнуваше чисти положувања, а во еден наврат промаши и забивање, иако беше сам пред обрачот, додека во одбраната беше тотално неупотреблив, откако играчите кои ги чуваше му бегаа по рекетот и постигнуваа лесни поени откако противникот ќе направеше вишок. Преслаб настап имаше и во клучниот натпревар против Фени, па често главен центар ни беше ветеранот Кралевски. Керкез веќе не е дел од Вардар, а ако ништо друго ќе остане запаметен како човек кој ги обожаваше навивачите на КК Вардар и беше голем пријател со нив.

No comments:

Post a Comment