Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Saturday, December 27, 2014

Кои се новите засилувања на ФК Вардар?




1. Томе Пачовски (голман, 32 години)
Пачовски е играч кој е добро познат на Македонската јавност. Станува збор за голманот кој веќе долги години е дел од Македонската репрезентација и голман кој после 5 и пол години се враќа во составот на Вардар. Роден е во Битола и ги има поминато младинските школи на нашиот ривал Пелистер. Од 17 годишна возраст е дел од нивниот сениорски клуб, а после неколку години оди на позајмица во Илионис. Својата најголема афирмација ја доживува како голман на Работнички, во годините кога нашиот градски ривал беше спонзориран од Трифун Костовски и имаше најсилен состав во првенството. Со своите настапи во Работнички, Пачовски на 24 години дебитира за Македонската репрезентација на пријателскиот меч со Турција. Од тогаш има 36 настапи во дресот на репрезентацијата, а во последните години е капитен на истата. После блескавите настапи во Работнички, со преминувањето на Трифун Костовски во Вардар, Пачовски дебитира и за нашиот клуб во сезоната 2008/2009. Како и целокупниот состав, така и Пачовски не се прослави баш највеќе во дресот на Вардар. Играчите беа преплатени, имаа одлични услови за игра, но по одличниот старт во првенството, ги зафати голема криза и долго време чекавме на победа, нешто што се одрази врз конечниот пласман. Интересно, на мечот против Милано на Градски (2-4 за Милано), Пачовски постигна гол од пенал, но потоа прими гол по негова вина кога го погоди во грб еден од нашите дефанзивци, топката се одби до осамениот Глигоровски, кој стрелаше во нашата мрежа. Неговата следна екипа беше Белгиски Беершот, каде што Томе се задржа 3 сезони и забележа 50-тина настапи како стандарден прв голман во составот, за потоа да премине во Мехелен, каде за 2 сезони запиша 40-тина настапи. Мора да се напомене дека Пачовски имаше големи проблеми со повредите во изминатите години во Белгија и среќата не беше баш на негова страна. Сега му посакуваме повеќе среќа на тоа поле, и секако подобри настапи од првиот пат кога го носеше нашиот дрес. За разлика од младите голмански имиња кои се споменуваа како можни засилувања на Вардар, Пачовски е проверен квалитетен голман, веројатно најдобриот кој го има Македонија во моментов. Голема ќе биде конкуренцијата меѓу него и Павловиќ и може да се каже дека на голманската позиција сме класи над другите екипи од првенството. Интересно е дека Пачовски се стекна со УЕФА Б тренерска лиценца и јасно искажа дека по завршувањето на голманската кариера, ќе заплови во тренерски води.

2. Горан Попов (лев бек, 30 години)
Попов е играчот кој потпиша за Вардар уште пред неколку месеци и веќе одамна им е на располагање на нашиот стручен штаб, само што немаше дозвола за настап во есенскиот дел, бидејќи не го потпишавме во законските рокови. Попов е уште еден одиграчите кои излегоа во најдобрите години на Струмичка Беласица. На 18 години дебитира за тимот од Струмица, а потоа ја почнува својата интернационална кариера во Грчките Продефтики и славниот АЕК. Потоа оди во Црвена Ѕвезда каде што не добива шанса и на полусезона му е понуден на Вардар на шестмесечна позајмица. Тогашниот спонзор на Вардар, Слободан Вујчиќ - Брацо решава дека на Вардар не му се потребни играчи на позајмица, па пробува целосно да го откупи Попов. Трансферот не успева, па Попов оди на позајмица во Одра, за потоа да потпише во Грчки Егалео. Кариерата почнува да му оди во нагорна линија откако потпишува за Холанскиот Херенвен, клуб во кој прераснува во одличен играч, нешто што му носи трансфер во Динамо Киев. Попов уште на почетокот ја добива стандардната улога во првиот состав на Украинскиот великан, за во 2012 да биде позајмен во Премиерлигашот Вест Бромвич Албион. Стана третиот Македонец кој заиграл во Премиер лигата после Христов кој играше за Барнсли и Шаќири кој истотака го носеше дресот на ВБА. Попов имаше проблеми да дојде до првиот настап за ВБА, но откако почна да игра стандардно, ја оправда довербата на тренерот, а стана и миленик на навивачите кои дури му посветија и песна. Кариерата во Англија му тргнува во надолна линија откако на мечот против Тотенхем, го плука противничкиот играч Кајл Вокер, потег по кој го губи местото во првиот состав на ВБА. По крајот на сезоната потпишува уште едно годишна позајмица во јули 2013 година, но во целата сезон а 2013/2014 настапува само на 2 натпревари во Премиер лигата, од кои во едниот влегува како резерва. По крајот на сезоната се враќа во Динамо Киев, но го раскинува договорот и доаѓа во Вардар. Одигра и еден меч за Вардар Б во изминативе неколку месеци. Во репрезентацијата дебитира во 2004 година, и на 46 мечеви постигнува 2 погодоци. Пред неколку години беше сметан за еден од најдобрите играчи во целиот состав, а беше неприкословен на својата позиција. Препознатлив беше по одличното изнесување на топката во противничката половина, па иако има улога на дефанзивец, сепак беше опасен и по противничкиот гол. И кариерата во репрезентацијата му оди во надолна линија откако влегува во конфликт со селекторот Чедо Јаневски, по слабото издание на дуелот со Хрватска. Отстранет е од репрезентацијата заедно со Ристиќ и повеќе не добива шанса да заигра за истата се додека е селектор Јаневски. По заминувањето на Јаневски, Попов е одново повикан во репрезентацијата, но поради повреда ги пропушта настапите во тековниот квалификациски циклус. Од додесгашното искуство, добиваме квалитетен, но играч кој често влегува во конфликти. Неговото носење за Вардар е меч со две острици. Од една страна добиваме играч кој сигурно ни носи голем квалитет во пресрет на Европските натпревари, но од друга страна се надеваме дека нема да има некој нов конфликт помеѓу него и некој од останатите играчи или стручниот штаб.

3. Стефан Спироски (средина, 24 години)
Уште еден од засилувањата кое е дете на ФК Пелистер. На 17 години дебитира за Битолскиот клуб и во две сезони прераснува во лидер на нивната средина. Тоа му отвара пат да потпише за екипа од странство. Се решава за Борац од Чачак, клуб во кој останува во наредните 4 сезони. Како предводник на средината на младинската репрезентација, јавноста има големи очекувања од него, и мора да признаеме дека сме прилично разочарани за текот на неговата клубска кариера особено што беше на тестирање во Германскиот Енерџи Котбус, а за него имаше заинтересираност и од Ханза Рошток. Веруваме дека ако останеше да игра во некој од подобрите Македонски клубови, многу повеќе ќе напредуваше, отколку што напредуваше по неговото заминување во Српската прва лига. Со Борац Чачак игра и во втората Српска лига, една полусезона минува на позајмица во Работнички, а кариерата потоа ја продолжува во втората Бугарска лига, во клубот на Берое од Стара Загора. Откако ги минува сите возрасни селекции на Македонската репрезентација, одигрува и 8 мечеви за сениорскиот тим. Беше дел од составот и на последните репрезентативни натпревари на А селекцијата. Трансферот во Вардар е последната шанса за Спировски да го оправда талентот кој го поседува и да прерасне во лидер на средината во репрезентацијата. Несомнено е дека има талент, а време е истиот да го демонстрира на теренот. Се надеваме дека ќе ги исполни очекувањата и конечно Дашијан ќе добие помош на средината од теренот, со што Вардар би добил да опасни играчи во средината од кои би стравувала секоја одбрана.


4. Дејан Блажевски (напад/лево крило, 29 години)
Дејан Блажевски или популарниот Шиле е единствениот играч кој потекнува од младинските погони на нашиот клуб. Но, иако е дел од нашата младинска школа, сепак прв сениорски клуб му е Битолски Пелистер. Во Пелистер останува две сезони во кои е стандарден првотимец. За разлика од останатите засилувања, во сениорските клубови Блажевски дебитира на 20 години и својот "бум" во кариерата го доживува малку подоцна. По одличните две сезони во Пелистер во кои е стандарден првотимец, заминува во Грција, каде што 4 сезони е стандарден првотимец во три различни Грчки клубови. На 27 години е на прагот на враќање во Македонското првенство. Добива понуди од неколку клубови, но се решава да замине во екипата на Турново. Таму е вистински лидер на тимот, робусен и корпулентен играч кој игра и како лево крило и како напаѓач. Со 18 погодоци е најдобар стрелец во првенството и му го носи најголемиот успех на Турново, односно втората позиција во Македонското првенство. Турново со него го има и првиот настап во Европски рамки и е на прагот да го елиминира Хајдук, Од Хрватскиот клуб се изненадени од неговата игра и пројавуваат интерес за негово потпишување. но сепак до крајот на полусезоната останува во Турново. Одново е нивен лидер со 19 погодоци на 18 дуели. Во таква форма можеше и мораше да потпише за многу подобар клуб, но се реши за трансфер во Азербејџан, во екипата на Ланкаран. За една година постигнува 3 гола на 19 дуели. Се надеваме дека не ја има истата форма како Ивановски откако се врати од Казахстан, затоа што во таква форма не би ни бил многу од корист. Сепак, за разлика од Фичо, Блажевски е играч кој повеќе е индивидуалец и веројатно побрзо би си ја вратил препознатливата форма. И покрај одличните настапи, за репрезентацијата има само 2 настапа во кои постигна еден погодок на пријателската против Полска. Блажевски е одлично засилување, особено ако нашата управа го планира на левата крилна позиција. Всушност требаше да го доведеме уште пред да заимне во Азербејџан пред една година. Одлично е што можеме да го користиме и како играч во нападот.

Како останати засилувања се очекуваат и некое засилување од Бразил, како и репрезентативецот Мирко Ивановски. Мирко би дошол одлично во нападот, особено што ни фали играч од негов тип, брз играч кој сам може да заврши една акција, без да чека да му сервираат топка пред гол. Во случај да дојде Мирко Ивановски, во очекување сме стартните 11 за следната полусезона да бидат:

Асани би морал да игра како стартер поради правилото за еден играч под 21 година во составот во првото полувреме. Секако, овој состав би доживеал и некои варијации. Деспотовски може да игра место Спировски, ако не дојде Мирко Ивановски, може Фичо или Петковски да играат напад, или пак Блажевски напад, Асани лево крило, Петров десно.

После сите засилувања, останува прашањето дали Сергеј Андреев е достоен тренер за еден ваков состав?

No comments:

Post a Comment