Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Tuesday, December 23, 2014

Кој е најдобриот поединец од екипите на СД Вардар за 2014 година?

Во деновите пред новата 2015 година, спроведуваме анкета со која би го избрале најдобриот играч на екипите од СД Вардар (екипните спортови). Во прилог на анкетата ви ги претставуваме кандидатите за кои сметавме дека треба да се најдат на листата.

1. Артак Дашијан (ФК Вардар)


Сезонава Вардар се засилии со двајца репрезентативци на Ерменија. Артак Дашијан е 25 годишен играч од средниот ред кој практично беше моторот на екипата во оваа полусезона. Често пати знаевме да кажеме дека доколку "му оди" на Дашијан, ќе "му оди" и на Вардар. На дебито на Градски против Шкендија ги воодушеви сите гледачи, покажувајќи дека е класа за нашето првенство. Постигна 4 погодоци за Вардар во првенството и еден погодок во купот, но што е најважно имаше и солиден број на асистенции. Често пати противниците својата тактика ја кроеа за да го задржат него, а со оглед на тоа што целиот товар за организација на играта паѓаше на него, во случаите кога ќе успееа да го затворат, Вардар се мачеше да дојде до позиција за гол. Како и останатите и тој имаше мечеви во кои беше невидлив, но сепак со добрата форма и прикажаното заслужи да се најде на листата.

2. Бобан Грнчаров (ФК Вардар)


Слично како и Дашијан, така и Грне го засили Вардар во новата сезона. Повратникот во Вардар одигра добра полусезона и беше столбот во нашата одбрана. Вардар прими само 7 гола во првенството во сезонава, а најголеми заслуги за тоа одат токму зад името на Грнчаров.  Тоа што ни недостасуваше минатата сезона кога имавме многу променлива игра на играчите од одбраната, беше надополнето со неговото доаѓање. Покрај одбранбените задачи, постигна и 2 погодоци во пренството и 1 во купот.

3. Јасир Асани (ФК Вардар)


Асани е ставен на листата пред се поради добрите настапи во пролетната полусезона од сезоната 2013/14. Во целата таа катастрофална полусезона на тимски план, единственото неговото откритие беше светлата точка во тимот. Одигра неколку одлични мечеви, постигна важни погодоци, а потоа се повреди и во тие моменти падна и играта на клубот. Сезонава имаше слаб старт, но како одминуваше времето врати задоволителна форма и постигна истотака неколку важни погодоци. Во календарската 2014, Асани е најдобриот стрелец на ФК Вардар.


4. Игор Карачиќ (РК Вардар)


За Карачиќ не треба да се трошат многу зборови. Момчето кое го донесе Вујо како тотален анонимец, прерасна во еден од најдобрите светски средни бекови. Продорен играч, со одлично изработен удар од зглоб. Игор беше еден од најзаслужните за ланскиот најголем успех на РК Вардар во ракометната лига на шампиони, постигнувајќи 69 погодоци во сезоната. Во СЕХА лигата постигна 12 погодоци во фајнл-форот одигран во Нови Сад и беше еден од најзаслужните за втората титула во регионалното натпреварување. Беше меѓу најдобрите стрелци и во дуелите од Македонското првенство, Во новата сезона имаше неколку послаби натпревари во почетокот, но потоа прерасна во вистински лидер на екипата, играч околу кој се врти се. На најважните мечеви беше најдобар во нашиот состав и досега има постигнато 40 погодоци.

5. Арпад Штербик (РК Вардар)


Многумина велат дека ако Арпад беше дел од нашиот состав во минатата сезона, сега веќе ќе имавме запишано едно учество во фајнл-форот од лигата на шампионите. Не сакаме да го минимизираме придонесот на останатите голмани, но сепак со доаѓањето на Штербик добивме светска класа на голманската позиција. Тоа најдобро се виде на мечевите со Цеље на гости и со Рајн Некар во Јане Сандански, каде што благодарение на неговите одбрани екипата дојде до максимални 6 бодови. Од Арпад допрва се очекува најдоброто, кое се надеваме ќе го видиме во нокаут натпреварите. До пред некоја година можевме само да сонуваме да имаме ваков великан на нашиот гол, но сега веќе бараме да даде уште повеќе од себе на теренот за да ни донесе нови успеси во ЛШ.


6. Тимур Дибиров (РК Вардар)


Дибиров беше право откритие во минатата сезона 2013/14. Со неговата атрактивна и брза игра придонесе да стане миленик на навивачите на Вардар и секогаш да се скандира неговото име. Иако на последните мечеви од ЛШ во минатата сезона не одигра на нивото како што сме навикнале, сепак се искупи со натпреварите во СЕХА лигата каде што беше најефикасен во фајнл-форот, натпреварите во Македонското првенство и куп, како и со натпреварите одиграни во тековнава сезона. Во минатата сезона беше најдобар стелец на РК Вардар во ЛШ со постигнати 72 погодоци, а и во тековнава сезона има највеќе погодоци од сите Вардарци, постигнувајќи 51 погодок со кој е на делба на шестата позиција. Веќе сме навикнати да го гледаме во идеалнаа седморка на колото во ЛШ или пак на листата за најатрактивен погодок, а во минатата сезона го освои и признанието за најдобро лево крило во ЛШ.

7. Андреа Лекиќ (ЖРК Вардар)


Најдобрата светска ракометарка за 2013 година беше една од најзаслужните за бронзениот медал на ЖРК Вардар во лигата на шампионите. Лекиќ повлекуваше кога е најтешко и само благодарение на нејзината одлична игра и индивидуални погодоци, успеавме да се пласираме во фајнл-форот во Будимпешта. Таму, ракометарките на Будуќност знаеа по кого да удрат највеќе, но и покрај претпрените удари беше најдобра во нашиот состав постигнувајќи 6 погодоци. Гол помалце постигна во мечот за бронзата, за на крај со 79 погодоци да заврши како втора на листата на стрелци во сеоната 2013/14. Покрај големиот број на погодоци, често пати знае и одлично да асистира. И во новата сезона во која ЖРК Вардар игра во стилот топло-ладно, Лекиќ е стрелец на 20 погодоци во ЛШ и е втора по број на голови во нашиот состав.

8. Ина Суслина (ЖРК Вардар)


Стариот мајстор на нашиот гол имаше исклучително добра календарска 2014 година во дресот на нашиот клуб. Во минатата сезона добиваше подеднаква минутажа со Лејно, па и двете беа за пофалба со нивните одбрани и имаа големо влијание врз успехот на нашиот женски ракометен колектив. Меѓутоа, по повредата на Лејно, Суслина остана прв избор на Кастратовиќ во новата сезона и брилијантно ја искористи шансата. Суслина на дел од мечевите достигна и до 30 одбрани што ретко се гледа во ракометниот свет, и ако успесите за головите одат зад Лекиќ и Пенезиќ, тогаш дел од победите одат само на заслуга на Суслина. Младите голманки можат многу да научат од искусната Ина, која секој меч игра со срце и се радува максимално на секоја остварена интервенција.

9. Андреа Пенезиќ (ЖРК Вардар)


Подолго време размислуваме која да биде третата ракометарка на ЖРК Вардар која би ја номинирале на листата за најдобар играч и изборот падна на Андреа Пенезиќ, засилувањето на левата бековска позиција кое пристигна во новата сезона. Со 37 погодоци е убедливо најдобар стрелец на ЖРК Вардар во ЛШ, а и голем дел од асистенциите одат зад нејзиното име. Лошите игри на составот во новата сезона не влијаеа врз нејзината игра и ако некој треба да биде заслужен и за оние бодови кои ги освоивме сезонава, тоа е Пенезиќ. Се надеваме дека со истата игра ќе продолжи и во втората рунда на натпреварувањето, а незиниот пример ќе го следат и останатите, па зошто да не го подобриме успехот од минатата сезона.


10. Ѓорѓи Кочов (КК Вардар)


КК Вардар во минатата сезона отпадна од првата кошаркарска лига и ретки беа оние кошаркари кои ги одиграа на ниво натпреварите од пролетната полусезона. Еден од нив беше Ѓорѓи Кочов, кој беше предводник на екипата во минатата сезона. Плејмејкерот на Вардар повеќе сака да ги разигрува останатите соиграчи откако претходно ќе ги навлече противниците, отколку да постигнува поени, иако и тоа му е добра страна во играта. Симпатиите на навивачите особено ги привлече откако е единствен од првата петорка на Вардар кој остана во составот и за новата сезона во третата кошаркарска лига на Македонија. Тука Кочов е без конкурекција, со оглед на противниците кои се класи зад него. Неговите асистенции се главна причина зошто неговите соиграчи постигнуваат по 30-тина поени и е еден од најзаслужните за првата позиција на полусезоната.

11. Фриско Сендиџ (КК Вардар)


Ако некој донесе мала надеж дека можеме да го избегнеме отпаѓањето во сезоната 2013/14 тоа беше дефинитивно Американецот Сендиџ. Уште во првиот натпревар го подигна нивото на играта на целиот тим, а придонесе за неколку победи кои ги остваривме во пролетната полусезона. Имаше одличен натпревар и во решавачкиот дуел со Фени, но сепак загубивме во продолжението. Иако само неколку месеци беше член на клубот, сепак остави трага кај навивачите, кои често го скандираа неговото име. Да го имавме од стартот на минатата сезона, ќе имавме голема шанса да опстанеме во лигата.


Покрај горенаведените играчи би сакале да ги пофалиме уште некои играчи кои за жал не се најдоа на анкетата, само за да нема преголем број на имиња од одредени состави од СД Вардар. Го ставивме максималниот лимит на 3 играчи од екипа...
Би сакале да ги пофалиме Алекс Душебаев за одличните игри во нашиот дрес, Алем Тоскиќ кој постојано остава срце на теренот, Амандин Лејно која беше брилијантна на голот на ЖРК Вардар во пролетната полусезона од сезоната 2013/14, Хофханес Хамбарџумијан кој конечно донесе квалитет на десната бековска позиција во ФК Вардар, постигна неколку погодоци, асистираше и истотака е еден од моторите на екипата, Ана Ѓокиќ која замина во пензија и со нејзиното заминување воочивме колку значела на пикерската позиција во женскиот ракометен тим, Влатко Гроздановски кој по повредите на Глишиќ и Љамчевски, одлично го покри нивното отсуството на за него неприродната лева бековска позиција, како и Мартин Петровски кој е најдобар стрелец во КК Вардар во тековната третолигашка сезона.


No comments:

Post a Comment