Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Saturday, December 20, 2014

ОК Вардар како дел од спортското друштво Вардар

Веруваме дека ретко кој знае дека одбојкарскиот клуб Вардар е најуспешниот клуб од нашето спортско друштво за време на Југославија. Постојан учесник на првата Југословенска лига од 1967 година се до распадот на Југославија (со исклучок на сезоната 1967/1968), шампион на Југославија во сезоната 1975/76, освојувач на купот во сезоната 1979/80, како и освојувач на четвртото место во одбојкарската лига на шампиони во сезоната 1976/77.
Одбојката всушност претставува екипниот спорт во кој Македонија имала најголеми успеси, со оглед на тоа што низ историјата неколку Македонски тимови се натпреварувале во првата лига. Во првата сезона во 1945 година, преставник на Македонија бил ОК Битола, тим кој испаѓа од лигата, по што Македонија чека 22 години за да добие своја екипа во најреномираната Југословенска лига.
Одбојкарскиот клуб Вардар во почетокот на 60-тите години почнува со селекција на младински состав кој понатаму би бил лидер во Југословенската лига. Во клубот се работи професионално, тренинзите се интензивни, организира турнеи во странство, а во 1961 година како шампион на Македонија, губи квалификации од Сараево за влез во првата Југословенска лига. Конечно во 1967 година Вардар се пласира во првата Југословенска лига, но завршува како последен и веднаш испаѓа во втора лига. Само после една година се враќа во првата лига откако во баражот е совладана екипата на Суботица и игра во истата се до распадот на Југославија. Како домаќин своите натпревари Вардар ги играл на повеќе различни локации, Дебито во првата лига е направено во салата во Чаир (во средното училиште Цветан Димов), потоа клубот дел од мечевите ги игра во салата на факултетот за физичка култура, во салата на Работнички во Градски парк, за на крај да игра во Кале. Своите златни години Вардар ги доживува во периодот меѓу 1973 и 1980 година. Младинците на Вардар предводени од великанот на македонската одбојка Владимир Богоевски, успеваат да станат младински шампиони на Југославија, а понатаму тој состав ќе остави трага и во сениорската одбојка.
Во сезоната 1975/76 ОК Вардар станува шампион на Југославија остварувајќи 22 победи во 26 натпревари.

Тимот е предводен од легендата на клубот, Таки Џиков. Тренерот Џиков со години ја правел селекцијата на шампионскиот тим и секако е главен виновник за успесите на клубот. Како професор по физичко во скопската гимназија Ѓорѓи Димитров, уште во средно училиште ги тренира двајцата лидери на сениорскиот состав Владимир Богоевски и Зоран Докузовски.
Во иднина станува селектор на сениорската репрезентација на Југославија со која ги освојува Медитеранските игри како и третото место на Европското првенство во Франција,


Најдобри на теренот се легендите на Македонската одбојка, Владимир Богоевски и Зоран Докузовски. Богоевски е своевремено и еден од најдобрите одбојкари во светот. Има одиграно над 200 натпревари во дресот на Југославија, на половина од нив ја има улогата на капитен, а се има закитено со бронзени медали на две Европски првенства, титула во првенството со Вардар, како и куп со Вардар, додека на фајнл форот во одбојкарската лига на шампиони во 1976/77 го освојува признанието за најдобар играч. Подоцна ги носи дресовите на Реал Мадрид и Барселона, а долги години работи и како тренер на Барселона.

Зоран Докузовски не ја има достигнато славата на Богоевски, но несомнено е еден од моторите на оваа златна генерација. Играч кој е опишан како голем работник на теренот, плејмејкер и столб на играта на Вардар. Настапува и за младинската репрезентација на Југославија, а до ден денеска има голема улога во нашиот одбојкарски клуб.

Трифун Трифуновски е спој на две генерации, како играч го освојува првенството на Југославија, додека во улога на тренер му ја носи титулата на Вардар во купот. Прв Македонец кој го носи дресот на Југословенската репрезентација заедно со Никола Донев, а интересно по професија е правник. Во дресот на Југославија има 58 настапи. Исто како и Богоевски и Докузовски, Трифуновски до денеска успева да му помогне на одбојкарскиот клуб на Вардар.

Останати членови на клубот се Сергеј Божиќ, Васко Кузмановски, Љубчо Зафировски, Борче Георгиевски, Миле Петковски и Илија Мојсов кој истотака настапува за младинците на Југославија. 


Како шампион на Југославија Вардар добива шанса да игра во одбојкарската лига на шампиони, па дури настапите ги почнува директно од осмина финалето.
Во осминафиналето паѓа и првата жртва, Финскиот тим Пиексамаки. 
Во Скопје Вардар победува со 3-0, додека во реваншот губи со 3-2 што е доволно за пласман во четвртфиналето.
Пласманот во фајнл-форот Вардар го обезбедува со победа над Ремберт од Белгија, тим кој е елиминиран со висока победа од 3-0 во Скопје. но е демолиран и во Белгија истотака со максимални 0-3.
Вардар може да жали што не доаѓа до медал во најсилното одбојкарско натпреварување, бидејќи само неискуството на играње во Европски мечеви е причината поради која не стигнуваме барем до третото место. Завршницата се игра во Финскиот град Пиексамаки, а учесници се ЦСКА Москва, ЦСКА Софија и Динамо Букурешт, екипи кои скоро целосно ја претствавуваат Советската, Бугарската и Романската одбојкарска репрезентација.
Во првиот меч против ЦСКА Софија, Вардар губи со 3-2 иако после три сета има водство 1-2. Резултатите по сетови се 9:15, 15:10, 10:15, 15:12 и 15:11. Со 3-2 губиме и од идниот шампин екипата на ЦСКА Москва, додека од Динамо Букурешт губиме со 3-1 (15:4, 9:15, 15:6, 15:4). 

Џиков го напушта Вардар и тимот го превзема Трифуновски. Во меѓувреме Вардар дава уште три нови репрезентативци на Југославија, Александар Тасевски, Горан Србиновски и Горан Јанев. Добиваме конкуренција во скопскиот ривал Работнички кој истотака во овие години влегува во првата Југословенска лига, па токму во еден меч против Работнички Трифуновски става крај на кариерата. Во мечот одигран во 1978 година, Вардар слави со 3-1 против Работнички, а Трифуновски капитенската лента му ја отстапува на Владимир Богоевски. Во наредната сезона, како кормирал на Вардар, Трифуновски им го носи купот на црвено-црните. 
Во осминафиналето Вардар го совладува Никшиќ со 0-3 (1:15, 8:15, 2:15), додека во четвртфиналето е елиминиран Металац од Сисак со 3:0 (15:4, 15:9, 15:5). Финалниот турнир се одржува во Скопје, а Вардар со максимални три победи убедливо го освојува купот.
Во Скопје паѓаат Рибница со 3:1 (18:20, 15:9, 15:10, 15:10), Партизан со 3:1 (9:15, 16:14, 15:9, 15:7) и ВГСК со 3:0 (16:14, 15:5, 15:9).
Дресот на Вардар го носат Зоран Докузовски, Миле Петковски, Александар Тасевски, Миливоје Младеновиќ, Горан Јанков, Владимир Богоевски, Мишо Ковачевиќ, Оливер Чолаков, Јошко Миленковски, Горан Србиновски, Ацо Митревски, и Живко Трпковски.
Еве слика од собирот на легендите на ОК Вардар после 35 години од освојувањето на титулите во Југославија.
Стојат: Борче Георгиевски, Перо Јовановски, Миле Петковски, Илија Мојсов, Горан Србиновски, Горан Јанков, Живко Трпковски и Мичо Милошевски.
Седат: Александар Тасевски, Сергеј Божиќ, Љупчо Макеларски, Владимир Богоевски, Зоран Докузовски, Љупчо Зафировски и Владимир Наумовски

Одбојкарите од златните времиња на ОК Вардар велат дека играле од љубов, а не оделе со замислата на денешните млади одбојкари дека можат да преживеат од одбојката. Со добри финансиски средства се стекнувале откако ќе излезеле во странство. За титулата шампиони на Југославија добиле премии од вредност на денешни 200 евра, имале топла сала и гардероба, организирани гостувања и турнеи, но клубот никогаш не обезбедувал финансиска помош при повреди на одбојкарите, туку се чекало природно да им поминат.

Иако Трифуновски му ја носи титулата на Вардар, сепак е сменет од тренерската позиција бидејќи пласманот во првенството е сметан за неуспех. Во клубот одново се враќа Таки Џиков.  Со заминувањето на поголемиот дел на најдобрите одбојкари во екипи од странство, клубот станува само екипа која е некаде во средината на табелата. Во овој период Македонија добива уште неколку прволигаши како Работнички, Борец и Струмица. Само во 2-3 сезони се случува Вардар да не е најдобро пласирана екипа од Македонија.
Во последните години од Југославија, ОК Вардар игра под името Вардар Тутун.

По осамостојувањето на Македонија почнува голготата на ОК Вардар. Тренер на тимот е Александар Тасевски, додека во клубот работат и Трифуновски и Зоран Докузовски.
Првата титула во самостојна Македонија ја освојува ОК Струмица, но затоа веќе во наредната сезона Вардар се закитува со првата шампионска титула во Македонија. Во огромна борба со големиот ривал Работнички, составот на расевски успева да ја освои првата титула на ОК Вардар. Наместо работите да тргнат на подобро, ова претставува почеток на крајот на ОК Вардар. Клубот влегува во големи финансиски проблеми, по кои целиот состав преминува во скопскиот ривал Работнички. Следува огромна доминација на Работнички во наредните 10-тина години, доминација која ја прекинуваат Струмичките тимови Струмица и Македонија Џио. Единствениот човек поради кој клубот успева да опстои на одбојкарската сцена е Зоран Докузовски. Практично без никаква помош успева да го носи Вардар на свој грб и да овозможи клубот колку-толку да живурка во наредните 20-тина години. Години после првата титула, Докузовски во едно интервју нагласува дека главни виновници за пропаѓањето на Вардар се чениците на одбојкарската федерација на Македонија, кои почнуваат да форсираат екипа која ја сметаат за нивни фаворит (Работнички) на сметка на останатите. Тоа доведува до повлекување на спонзорот на Вардар, по што почнува тонењето на клубот. Докузовски им замерува и на своите колеги од минатото кои морале многу повеќе да му помогнат на клубот во најтешките моменти, особено што во овој клуб ги направиле првите чекори. Тренер во клубот долги години е и Трифун Трифуновски. Во 2002 година, Центро Унион влегува како спонзор на клубот, но и покрај надежта дека ќе бидат подмирени некои долгови и клубот ќе застане на здрави нозе, тоа не се случува.
Во меѓувреме се случува финансиска криза во скоро сите традиционални тимови во Македонија. Згаснува и Работнички, проблеми имаат и Струмичките тимови, проблеми и за Велешка Маслодајна, Тетовски Југохром, па доаѓаме до ситуација во која некој да вложи малку повеќе пари, ќе направи тим за титула. Конечно во сезоната 2012/2013 спонзор на Вардар станува општина Карпош предводена од градоначалникот Стефче Јакимовски, спонзорство во кое голема улога има Трифуновски кој работи како советник во општината. Финансиска помош дава и Владимир Богоевски, а како претседател на клубот сеуште работи Зоран Докузовски. 
Под водство на тренерот Дејан Стојанов, засилен со неколку Македонски репрезентативци ОК Вардар успева да дојде до првата двојна круна во самостојна Македонија. Најпрвин, предводен од најкорисниот играч на турнирот Александар Милков, Вардар со победа од 3-0 во Тетово, го освојува својот прв национален куп во историјата. Во првенството следува многу интересна финална серија, но нашите црвено-црни играчи сред Струмица успеваат да ја добијат мајсторката со истоимениот клуб со победа од 3-1 (23-25, 25-18, 25-20, 26-24) во петиот решавачки меч. 

Како и после првата освоена титула, наместо таа да биде поттик за поголеми успеси и поттик за разни спонзори да влезат во клубот кој некогаш беше име во одбојкарска Југославија, клубот одново влегува во долгови, па дури не може да ги подмири ниту долговите за салата. Наредната сезона се игра со млад состав, а натпреварувањето е завршено во полуфиналето каде сме елиминирани од Крушевски Синалко. 
Во оваа сезона ОК Вардар нема ниту пријавено сениорски тим во натпреварувањата. Клубот се наптреварува само во младинските категории.

No comments:

Post a Comment