Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Friday, November 28, 2014

ФК Вардар како дел од истоименото спортско друштво

Пред неколку недели беа прославени 70 години од ослободувањето на главниот град на Македонија, Скопје. Некогаш град со 100 000 жители, додека сега метропола во која во одредени делови од годината живеат околу милион луѓе. Мирниот живот во главниот град на Македонија која во годините на ослободувањето од фашистите била во состав на СФРЈ, бил нарушен најпрвин со поплавата во 1962 година, а потоа со катастрофалниот земјотрес година подоцна, земјотрес по кој ништо не останало исто. Помошта која доаѓала од сите страни на светот, помогнала овој град постепено да се издигнува над руините оставени од земјотресот. Не само што бил вратен стариот сјај на градот, туку почнала и модернизацијата, негово непрекинато проширување, кое довело многу жители од другите градови да се доселат токму во Скопје. Во 1991 година, Македонија прогласила независност, а бројот на жители во Скопје уште повеќе се зголемува со оглед на политиката која ја воделе сите власти по осамостојувањето, со која секогаш највеќе се вложувало во главниот град. 

Кога зборуваме за Скопје, не можеме да не го споменеме спортскиот симбол на овој град. Уште пред втората светска војна, во Скопје постоеле клубови во најразлични спортови. Во периодот околу 20-тите години од минатиот век биле оформувани и првите спортски друштва. Фудбалот и тогаш, како и сега бил најважната споредна работа во светот. Додека во дел од државите во Европа веќе имало добро организирани фудбалски првенства, на територијата на Југославија се одржувале фудбалски турнири во кои учествувале по неколку екипи, па по систем на елиминации се утврдувало кој ќе биде шампион.
Македонија конечно добила прв претставник преку претставникот на потсојузот Скопје, а тоа била екипата на Победа Скопје. Но, Победа не успеала да ги мине ниту квалификациите за настап во првенството во 1929 година.
И покрај овој настап во квалификациите на Скопска Победа, сепак како прв официјален настап на Македонска екипа се смета настапот на екипата на Граѓански од Скопје, екипа која до почетокот на првата светска војна настапувала два пати во првенството на Југославија. Паралелно со Југословенската лига, се одржувала и лигата на потсојузот Скопје, лига во која Победа еднаш била шампион, додека Граѓански славел 3 пати.
Зошто се задржуваме токму на овие два клуба?
За време на втората светска војна, Граѓански го сменил своето име во Македонија и во тој период настапувал во Бугарското првенство. Три години по крајот на војната, двете спортски друштва СД "Победа Скопје" и СД "Македонија Скопје" се фузирале и направиле единствено спортско друштво на кое решиле да му го дадат името на реката која тече низ Скопје, еден од симболите по кои градот е препознатлив во пошироки рамки. Симболично, во салата на киното "Вардар" на ден 22 јули 1947 година, официјално е формирано спортското друштво СД "Вардар", кое потоа прераснува во вистински спортски симбол и спортска гордост на овој град, а ова особено се однесува на фудбалскиот клуб кој бил дел од ова здружение. 
Во историјата останува запаметено дека прв претседател е Димче Беловски, а потпретседали биле Ѓорѓи Икономов и Александар Мартиновски.
Официјалната боја на клубот била сино-белата боја. 
Својата големина, спортското друштво Вардар за прв пат ја покажало кога по земјотресот во 1963 година, ги менува своите бои во црвено-црни, со тоа што црната боја е додадена како знак на солидарност кон жртвите од земјотресот. 
Во воведниов пост највеќе ќе се задржиме на фудбалскиот клуб Вардар, како еден од наважните претставници од истоименото спортско друштво. 
Веднаш по формирањето на фудбалскиот клуб, клубот буквално прераснува во претставник на цела Македонија во фудбалската лига на Југославија. Сите сакале да играат во Вардар, а и клубот имал највеќе средства во однос на останатите клубови од територијата на Македонија, па злобниците до ден денес знаат да кажат дека се форсирал како миленик на комунистичката партија во Македонија. Клубот полека ги освојувал симпатиите, не само на Скопјани туку и на сите Македонци. Првите резултатите биле забележани во младите категории, кога во 1949 година, Вардар го освоил младинскиот куп на Југославија. Клубот првото учество во сениорската лига на Југославија го остварува во сеоната 1947/48, но се пласира на 8 место од 10 екипи и испаѓа од лигата. Потоа се враќа во лигата во исто време со Работнички, момент од кога почнува ривалството на двете Скопски екипи. Работнички имал само блиц моменти во првата Југословенска лига, додека Вардар продолжил да ја испишува својата богата историја. Клубот повремено настапува во Југословенската лига, а својот прв впечатлив резултат го доживува кога го освојува Југословенскиот куп популарно наречен, Куп на Маршал Тито.
Екипта составена од  Часлав Божиновски, Петар Шулинчевски, Андон Дончевски, Славко Дацевски, Владо Николовски, Стојан Велковски, Тоде Георгиевски, Петар Анѓушев, Благоја Вучидолов, Мирко Илиевски, Павле Георгиевски, Раде Чапароски, Никола Бошалевски, Сократ Мојсов и Илија Мојсов , во финалето на купот одржан на ЈНА во Белград, го совладала Вараждински Вартекс со 2-1.
После овој голем успех, Вардар неосмнено прераснува во спортски бренд од територијата на Македонија. Во годината на земјотресот, Вардар ја завршува сезоната на последното место, но политичарите во Југославија донеле одлука клубот да остане во лигата, сметајќи дека така ќе се крене моралот на жителите на нашиот разурнат град кој претпрел огромна материјална штета, а и доста човечки загуби.
Вреди да се прочита текстот кој најдобро го опишува првиот спортски настан по земјотресот во Скопје, односно натпреварот меѓу Вардар и Динамо. 
Во таа сезона Вардар завршува на 11 место, од 14 екипи, пласирајќи се пред Хајдук од Сплит.
После сите овие настани Вардар веќе имал изградено голема база на навивачи, стадионите постојано биле полни, а особено за мечевите против екипите од големата четворка, гледачите доаѓале и неколку часови порано. Скопјани знаеле да ги ценат спортските успеси на Вардар. Помеѓу постарите жители на градот, ФК Вардар бил постојано главната тема на разговор. Не само што се следеле натпреварите, туку и на самите тренинзи на екипата имало публика колку што денес нема на прволигашките мечеви.
Вардар полека се етаблирал како редовен учесник во првата Југословенска лига, освојувајќи места на средината на табелата, се додека не се појавува златната генерација предводена од Дарко Панчев.

После неколку пласмани околу 5-тото место, Вардар конечно за прв и единствен пат станува шампион на Југославија во сезоната 1986/87 година, сезона проследена од низа контроверзии. Аферата Шајбер, односно наместените мечеви на неколку клубови во претходната сезона, случај по кој добиле казнени бодови за сезоната 1986/87, го носи Вардар на лидерското место и му носи дуел во Европа против Порто, во тогашното најсилно Европско фудбалско натпреварување, Купот на шампионите. Имињата кои со златни букви ќе останат испишани во историјата на клубот се:
Тони Савевски (57 настапи), Дарко Панчев (55), Драган Канатларовски (54), Вујадин Станојковиќ (53), Илија Најдоски (53), Венцо Симоновски (52), Мирко Петров (51), Чедомир Јаневски (47), Јовче Џипунов (45), Љупчо Лазаров (45), Никола Аврамовски (42), Бобан Бабунски (40), Благоја Тодоровски (30), Момчило Грошев (29), Зоран Трајчевски (29), Гоце Димовски (22), Горан Стојановиќ (19), Тони Анастасовски (16), Васил Рингов (15), Томче Трајановски (13), Суби Ајро (12), Слободан Горачинов (11), Јовко Бизимовски (8), Саша Ќириќ (7), Зоран Бошковски (5), Николчо Филипов (5), Љупчо Марковски (4), Милко Симовски (1) и Слободан Мутибариќ (1 настап).
Убедливо најдобар стрелец таа сезона секако беше Дарко Панчев со 39 постигнати гола, а втор на листата заврши Драган Канатларовски со 12 гола.

Во екот на формирањето на навивачките групи ширум Југославија, се формира и навивачката група на Вардар која е нераскинлив дел од ова спортско друштво. Како што веќе беше споменато Вардар и по самото формирање привлекувал повеќе од 10000 гледачи на домашните мечеви, оваа бројка се зголемувала со зголемувањето на успесите на клубот, а организирано бил следен уште по освојувањето на купот во 1961 година. Сепак почетокот на официјалното формирање на организирана навивачка група е на 4 јуни 1987 година, кога на мечот меѓу Вардар и Црвена Ѕвезда, за прв пат се појавува транспарент Комити на западната трибина, која останува симбол на Вардаровите навивачи.
Од тој момент Комитите се верна сенка на клубот, следејќи го и на домашните и на гостинските мечеви.
Вардар по големиот успех во Југословенска лига, полека ги распродава своите најдобри играчи. Мирисот на војната веќе се чувствувал во државите од СФРЈ. Идејата за суверена Македонија била секогаш поддржана од страна на Вардаровите Комити, па затоа западната трибина била првото место каде што било запалено Југословенското знаме, како знак дека и Македонија полека треба да размислува за прогласување незавиност. Црвена Ѕвезда предводена од Вардаровото дете, Дарко Панчев, успева да ја покори цела Европа во 1991 година. Ждребката посакува првиот меч во новото првенство да им биде против Вардар во Скопје. Натпревар кој е најавуван на големо во Скопје, натпревар пред кој цела недела биле пуштани летоци низ Скопје, што придонело мечот да се одигра во невидена атмосфера пред 30000 гледачи на Градскиот стадион во Скопје. 
Вардар победува со 1-0, а таа последна сезона од Југословенскиот фудбал, Вардар ја завршува на 6-тата позиција.


На крајот останува запаметено дека Вардар е 11-ти на севкупната табела на бодови од првенствата на Југославија.

Во почетокот на настапите во првенството на Македонија, Вардар нема никаква конкуренција. Фудбалот станува хит ни целата територија на независна Македонија. Вардар досега не бил бодрен само од Скопјани. Вардар не бил симбол само на Скопјани. Вардар бил Македонска репрезентација во Југословенската лига, бодрен од сите Македонци, без разлика од кој град доѓале. Но, со осамостојувањето на Македонија и развојот на локал патриотизмот, развивањето на љубовта кон клубовите од останатите градови, транспарентите на Комитските екипи кои доаѓале надвор од Скопје, со текот на годините почнува да ги снемува. И самите навивачи на Вардар често влегуваат во судир со навивачките групи од другите градови, по што полека се оформува некој ривалитет меѓу Скопје и сите други градови, што се пренесува на натпреварите на ФК Вардар. Вардар во првите години по осамостојувањето има целосна доминација, завшувајќи ги првите три сезони со само два порази, и двата остварени во сезоната 1993/94. 
Во паметење останува и првиот фудбалски куп на Македонија, во кој новите конкуренти Вардар од Скопје и Пелистер од Битола пред полни трибини играат одличен меч, кој Жанко Савов го крунисува со погодок за првата куп-титула на Вардар.



Тоа што никој не го очекувал е падот на клубот кој настанува во наредните години. Доаѓа до смена на претседателот на ФСМ (Фудбалскиот сојуз на Македонија), па кормилото го превзема Љубислав Иванов-Ѕинго кој истовремено е претседател на ФК Силекс од Кратово. Силекс полека почнал да гради силен тим, а потпомогнат и од судиите успева да доминира во Македонскиот фудбал во наредните три години.
Вардар во овој период, не само што ги губи титулите, туку во државата систематски почнува да се работи на умртвување на тогаш силното тифо движење.
На натпреварите во воведните години стадионите постојано биле полни, а тоа особено важело кога Вардар гостувал во другите градови. 
Ѕинго воведува строги мерки за навивачите, а кулминацијата е доживеана кога поради незадоволство од судењето настанува огромен прекин на мечот Вардар-Силекс во 1997 година. Инцидентот кој бил запаметен дека е еден од најголемите во историјата на Македонскиот фудбал, донесол уште потешки времиња за навивачите ширум Македонија. Следува период во кој голем дел од мечевите во Македонското првенство се наместени. Сите овие настани биле причина за огромно намалување на бројот на публика нанатпреварите на Вардар. Интересно, по трите години владеење на Силекс, следуваат три години на владеење на Слога, по кои Вардар одново го враќа тронот. Дуелите со тогашниот конкурент Беласица од Скопје беа последните во кои гледавме полн Градски, а и во овие првенства остануваат чаршиските муабети дека мечевите во последните кола биле наместени. 
Ситуацијата во Вардар во првите години од новиот милениум и не беше баш најсјајна, иако клубот два пати ја подигна шампионската титула. 
И покрај се, клубот редовно настапува во Европа, притоа успевајќи да биде и на чекот од фудбалската Лига на шампиони, откако за само еден гол е елиминиран од Спарта Прага. За Европските мечеви на Вардар, ќе одделиме повеќе време во иднина, а особено ќе се задржиме на споменатиот квалификациски циклус.
Во време на големиот пад на Комити после внатрешните проблеми во групата и поделбата на Комити и Лојал фанс, почнува и вторглавото паѓање на фудбалскиот клуб.
Блокирани сметки, долгови кон играчите, голдови кон разни странки, немање пари за одење на гостување, спортиставени страни кои водат борба за превласт во клубот по кои голготата завршува со бојкоти на играчите, одвај скрпен состав и завршување на претпоследното место во сезоната 2010/11... Само Комити беа светлата точка во овие години, а во најтешките сезони самите го раководеа клубот, успевајќи да обезбедат минимални услови за истиот да ги одигра натпреварите. Голема благодарност и до збратимените навивачи од Германија, ултрасите на Шалке кои истотака помагаа со испраќање на финансиска помош за одржување на клубот.
Клубот во овој период го доживеа и најсрамниот пораз од 9-1 против екипа која веќе не постои, Милано од Куманово, пораз кој вечно ќе остане запаметен како најцрна дамка во поновата историја, но и за ова повеќе ќе напишеме во иднина. Беше освоена и една титула во Македонскиот куп, титула која истотака беше еден вид на договор првенство за куп, со екипата на Победа од Прилеп. 
Сите овие наместени резултато, долговите на клубот и пред се НЕ ПРАВИЛНОТО работење, придонесоа Вардар од гордост на Македонија, да падне на гордост на Скопје, а потоа и на рамниште на еден маалски клуб.
Клубот го откупи местото на Миравци (или се фузираше, како што многумина милуваат да кажат, иако тука немаше никаква фузија благодарение на дупките во Македонските закони) и остана во првата лига, потег кој уште толку наиде на осуда од голем дел од фудбалските фанатици ширум државава. И за тој дел ќе се прави муабет во друга прилика.
Клубот конечно беше спонзориран од Градот Скопје, нешто што требаше многу одамна да се случи. Ако во екс Југословенските републики се правеше се за да им се помогне на традиционалните клубови од соодветните земји, во Македонија овие клубови наидуваа на најголеми препреки од ФСМ (подоцна ФФМ), властите во државата, МВР итн, па првата лига на Македонија стана приватна лига на приватни клубчиња кои немаат навивачки бази. 
Вардар после 10 сезони успеа одново да стане шампион на Македонија, додека на првиот Европски меч се виде колкава е желбата за добар фудбал кај Македонскиот народ. Преполн Градски, нешто што не и успеало ни на Македонската репрезентација, околу 36000 гледачи му дадоа феноменална поддршка на Вардар, кој за жал одново остана еден гол покус од противникот. 
Вардар до оваа сезона застана на 7 освоени првенства на Македонија и 5 национални купови.
 Сите знаеме каква е ситуацијата во последните сезони. Вардар има најголем буџет во однос на останатите тимови, но останува впечатокот дека во клубот сеуште не се работи правилно.
Клубот нема никаков маркетинг, никаква реклама!
Трибините се празни, иако Вардар е прв на трибините. Сите работи кои се случија во минатото, придонесоа Вардар да загуби голем дел од своите фанови. Всушност клубот преостана да биде бодрен од дузина Комити и уште 100-тина фанови кои редовно го следат клубот од северната трибина. 
Како Вардар да ги врати гледачите на трибините?
Никој не може да тврди дека гледачите одново ќе бидат верна сенка на клубот како во екс Југославија, но клубот секако мора да почне поажурно да работи на тоа поле. Фудбалот се игра за публиката. Вардар има можност да ги игра натпреварите подоцна поради тоа што Градскиот стадион поседува рефлектори, но сепак се одбираат непопуларни термини, како што се 13 часот во недела. 
Клубската билетара во оваа сезона неколку пати порано ги затвори вратите, оневозможувајќи дузина фанови да стигнат до билети. 
Еден фудбалски фан во Македонија веќе си има слика дека нивото на Македонскиот фудбал е очаен, и сигурно нема луѓето да се вратат туку-така на стадион. За да го сменат своето мислење, најпрвин треба да почнат да одат на утакмици, а ако не бидат привлечени од некоја клубска реклама, тогаш како би дошле на стадион?



Еве како се прави тоа во соседна Србија...
Не бараме многу, доволно е да се поделат некои гратиси по Скопските училишта, доволно е да се пушти реклама на некое радио, на некоја телевизија, доволно е клубот да постави едно штандче на плоштад и да дели рекламен материјал... Луѓето сакаат да видат дека управата работи нешто, дека се надминати сите проблеми од изминативе 15 години, сите ујдурми кои беа направени од самите управи на клубот кои го донесоа на ова дереџе.
Градот Скопје, а и Самсоненко после нив, веќе 4-та сезона се во клубот.
Четири сезони поминаа, а клубот сеуште нема помошно игралиште.
Дали му доликува на еден гигант каков што се претставува дека е Вардар, да тренира во околните села, на теренчиња на кои досега еден куп повреди заработија нашите играчи? Дали доликува клубот да нема свои клубски простории? Да нема една академија каде што би се сместле младите играчи?
Сите сфаќаат дека клубот по "фузијата" со Миравци почна да работи практично од нула, но со буџетот кој го имаме во однос на другите требаше веќе да бидеме светлосни години понапред. 
Составот го градиме веќе 4 сезони и никако да се изгради една препознатлива ако ништо друго, прва постава. Конечно ситуацијата наликува дека почнува да се гради еден нов костур на клубот, така сите со нетрпение веќе ја очекуваме наредната полусезона.
После 4 години, се почна со градба и на спортскиот комплекс кој ќе биде во сопственост на клубот, но се тоа се прави тивко, без никакви информации, иако беше одамна најавено. 
Тоа што е најголем проблем е што во ова модерно време, клубот многу малку споделува информации по интернетот. Клубот немаше веб страна долго години, па беше направена смешна веб страна, а и денеска, истата многу малку се ажурира. Македонското новинарство секако е паднато на најниско ниво, нема вистински критичари, а без критика, не може да има успеси. Ние ги поздравуваме успесите на управите, но сепак ќе бидеме и најголеми критичари на нивните погрешни постапки, и тоа ќе биде целта на овој блог.

Жалосно е што ја нема страста кон Вардар помеѓу помладите генерации. Останаа само 150-тина Комити како чувари на светото име и уште 100-тина други верни фанови од северна трибина. Ќе пробаме одново да им ја всадиме љубовта кон Вардар на младите генерации, нешто што ние сме го добивале кога како мали ќе не однеселе да гледаме некоја утакмица. Да се биде Вардарец, не значи да се оди само на наважните утакмици во сезоната, а најмалку да одиш само на Европските мечеви и да си дадеш за право да плукаш по се живо и диво во клубот. Во случајот кога ќе се наежиш на атмосферата од Комити, кога ќе се радуваш за секоја победа и ќе тагуваш после секој пораз, кога барем еднаш во денот низ глава ти минува некоја мисла поврзана со Вардар, кога во текот на денот си потпевнуваш песни поврзани за Вардар, кога ја следиш секоја утакмица и ги знаеш сите играчи на Вардар, кога на тетратките од школо си пишуваш ФК Вардар на кориците (а не имиња на странски клубови како останатите деца), кога децата ги носиш на натпревари и уште од мали ги учиш за кого треба да навиваат, кога и да пропуштиш натпревар цело време се обидуваш барем да го следиш резултатот, кога те нервира секој неправеден лош збор кажан за твојот клуб, е тогаш можеш дека си прав Вардарец. За жал, такви се се помалку.

За почеток, ќе ја одработиме нивната работа и ќе го најавиме Скопското дерби меѓу ВАРДАР и РАБОТНИЧКИ, кое во недела на 30.12.2014 од 17 часот ќе се одигра на Градскиот стадион во Скопје . Мечот ќе биде зачинет со спектаклот кој го најавуваат Лојал Фанс кои ќе слават 15 години постоење. 
Работнички е во одлична низа од 8 победи после последниот меѓусебен дуел, а тоа многу се должи на игрите на Ацо Стојков. Стојков е играч кој беше лесно пропуштен од нашата управа, која му нудеше смешна плата и пропушти да му го пропушти договорот.
Се надеваме дека Хамбарџумијан ќе успее да го спречи налетот на Стојков во недела, се надеваме дека ќе видиме еден фудбалски празник и секако, очекуваме 3 нови бодови на нашето бодовно салдо. 


Во останатите блогови, ќе се запознаеме и со останатите членови на СД "Вардар". 

No comments:

Post a Comment