Еден живот една љубов

Еден живот една љубов

Monday, June 22, 2015

АПОЕЛ Никозија - првата Европска пречка за Вардар

Уште на стартот на минатата сезона, многумина веќе кроеа планови какво ќе биде тековното Европско лето на ФК Вардар. Некои предвреме не направија шампиони, сметајќи дека црвено-црниот состав ќе се прошета низ Македонската лига, меѓутоа фаворитската улога на хартија успеавме да ја оправдаме со огромни маки, заверувајќи ја титулата дури на едно коло од крајот на првенството. Како и секогаш, бледите изданија во тековната сезона, многу брзо ќе се заборават доколку Вардар одигра добро Европски натпревари. 
Тоа што во минатото ни беше лесна задача, да минеме едно квалификациско коло (со оглед на тоа што долги години бевме носители), со менување на форматот на квалификациите ни стана ноќна мора. Ако во дуелот со Бате Борисов за еден гол не успеавме да минеме во наредната фаза, во вториот обид Стеауа не демолираше и ни демонстрираше како е да се игра против клубовите кои се добро организирани. 
Во ракометот веќе сме во големиот Европски крем, додека во фудбалот не сме во состојба ниту да дојдеме во дуел со некој од светските гиганти. Минатиот формат на квалификациите од ЛШ бараше да минеме две квалификациски рунди за да дојдеме во дуел со екипа од светска класа, додека во моментов имаме три дуели со екипи кои се ранг под екипите од најсилните лиги, но и само еден двомеч е доволен да обезбедиме дополнителни 4 Европски дуели со оглед на тоа што елиминацијата во третата квалификациона рунда (Вардар почнува од втората), не води во завршната рунда од квалификациите за ЛЕ.

Третиот обид најчесто се карактеризира како трета среќа, но некако по извлекувањето на противникот кој одново е од класата на еден од посилните екипи кои можеа да ни паднат, како да паднаа амбициите на навивачите и на клубот.
Како по обичај добиваме екипи кои се меѓу првите три носители во ждребката од второто квалификациско коло. Така и денеска, среќата сакаше Вардар да се сретне со Кипарскиот шампион АПОЕЛ од Никозија.

Некогаш Кипарските клубови (со исклучок на Омонија) беа едни од посакуваните противници на Македонските екипи кои играа во Европа, но ситуацијата драстично се промени во последните 10-тина години. Во минатото Вардар можеше да си дозволи да им сервира 10 погодоци на Етникос од Ахна во двомечот играч како дел од Интертото купот, истиот противник беше елиминиран од Македонија ЃП, Работнички во блиското минато го елиминира Анортозис, но Омонија секогаш беше екипата која буквално ги торпедираше Македонските претставници. Анортозис Фамагуста е екипата која го навести бродоломот на Вардар на Европска сцена и на домашна сцена. Двете минимални победи од 1-0, шпекулациите дека дел од играчите го наместиле натпреварот, беа само почеток на тоа што следуваше во наредните години, Вардар од симбол на Македонскиот фудбал да падне во состојба да испадне од во најмала рака смешната Македонска прва фудбалска лига. 

Може ли Вардар токму со победа над Кипарска екипа да отвори една нова ера во својата историја?
АПОЕЛ е најтрофејниот клуб во Кипар, кој зад своето име има запишано 24 шампионски титули во домашното првенство и 21 национален куп. Особено е важно што во последните 5 сезони во Кипарскиот фудбал, дури 4 пати АПОЕЛ бил најуспешниот тим, комплетирајќи хет-трик од титули во последните 3 сезони. 
Како и Македонските претставници во Европа, така и Кипарските долги годнини не играа никаква улога во Европските натпреварувања. Македонските екипи сеуште не се никаков фактор, меѓутоа Кипарските отидоа чекор понапред, а токму АПОЕЛ ги бележи едни од најголемите успеси. 
Од сезоната 2009/10, АПОЕЛ може да се пофали со дури три настапи во групите од ЛШ, притоа стигнувајќи до најдобрите 8 тимови. Самиот тој податок звучи импресивно и недостижно за било кој Македонски клуб, но тоа не значи дека Вардар треба да се предаде без борба. АПОЕЛ во 2012 година играше четврт-финале против Реал Мадрид, додека во минатата сезона се квалификуваше во групите од ЛШ, но беше само топовска храна за Барселона, ПСЖ и Ајакс, освојувајќи само еден поен против Холанѓаните. Може да се пофалат и со пласман во групите од ЛЕ, нешто за кое ние се надеваме дека ќе се случи во блиска иднина, доколку Вардар работи правилно.

На почеток, мора да признаеме дека има огромна разлика во работата на двата тима. Вардар е во зачетокот на работа која доликува на Европски тим, градејќи свој спортски центар, овозможувајќи подобри услови за младинските академии кои со години беа оставени во заборав, па и во оваа сезона не забележаа значителни резултати, одејќи на подготовки како што наликуваат на еден Европски тим, задржувајќи ги најдобрите фудбалери и надоградувајќи го тимот итн. Во минатото мака мачевме што пред Европските дуели поголем дел од најдобрите фудбалери си заминуваа, но овојпат тоа не беше случај, па костурот на екипата е задржен, играчите се познаваат меѓусебе и може да пружат достоен отпор. Тоа што ние го правиме во моментов, тоа што на нас ни личи на брилијантна организација (со занемарување на маркетингот на клубот, пресконференции итн), за АПОЕЛ како веќе етаблиран клуб меѓу Европските клубови од вториот (или третиот) ешалон е веќе одамна завршена работа. Да не звучиме грубо, но ние во тој поглед доцниме децении зад носителите во оваа фаза од квалификациите од ЛШ. 
Вардар е на добар пат да изгради добар состав за во иднината, да забележи некој позитивен резултат во Европа, меѓутоа полека ќе треба да минува по неколку квалификациски кола за во текот на годините да добива полесни противници и да собереме доволен коефициент кој секоја година ќе овозможува да одиграме барем 6 Европски мечеви.

Време е од некаде да се почне.
АПОЕЛ на крајот од сезоната остана без своите два најдобри стрелци, откако Рафик Џебур го напушти клубот и замина во АЕК од Атина, додека вториот стрелец Густаво Мандука при крај на сезоната стави крај на кариерата, го превзема клубот и успеа да ја освои титулата во фотофинишот од Кипарскиот плеј-оф.
Дресот на АПОЕЛ во минатата сезона го носеше и екс фудбалерот на Ливепрул Џон Арне Рисе, но и тој не е повеќе дел од екипата, а клубот може да се пофали и со интернационалци со искуство од посилните лиги, како Бразилскиот дефанзивец Кака кој беше дел од Депортиво Ла Коруња, Тиаго Гомез кој го носеше дресот на Блекпул и Херкулес, Силијан Шеридан кој има играно во неколку тимови од Шкотската најсилна лига, како и Германецот Мартин Ланиг кој беше дел од Келн, Ајнтрахт Франкфурт и Штутгарт.
Сите овие играчи во новата сезона нема да го носат дресот на АПОЕЛ, што претставува олеснителна околност за Вардар. 

АПОЕЛ досега беше активен на трансфер пазарот и потпиша дури 7 фудбалери, плус еден фудбалер на кого му има завршено позајмицата.
Најзвучно име меѓу засилувањата е Гиљермо Чоко, 25 годишниот десен бек кој три сезони стандардно беше дел од Лудогорец, екипата која беше вистински бум во последната сезона. Тука е и голманот на Гетафе (екс играч на Реал Мадрид), Жорди Кодина, како и Кипарскиот репрезентативец Константинос Макридес. 

Голмани:
Жорди Кодина
Урко Пардо
Тасос Кисас

Тројца искусни голмани ќе го бранат голот на АПОЕЛ пред налетите на нашите момци. Тасос Кисас е дете на АПОЕЛ, кој за воља на вистината повеќе е во улога на статист во составот, отколку што навистина може да се очекува дека ќе настапи против нас. Со сигурност можеме да кажеме дека тој е третата опција на голманската позиција. 
Ќе видиме дали Португалскиот стратег Пациенца ќе му ја даде довербата на новото засилување Кодина, или пак меѓу стативите ќе остане стандардниот првотимец, вториот Шпански голман во составот, Урко Пардо.
Пардо потекнува од академиите на Барселона, но неговиот максимум во Шпанија е носењето на дресот на Каталонскиот Сабадел во третата Шпанска лига. Минува низ неколку Европски клубови, за во последните 4 сезони стандардно да го брани голот на АПОЕЛ. И двајцата Шпанци Кодина и Пардо се веќе во зрелите голмански години, првиот е 33 годишен, додека вториот е една година помал. Се очекува Кодина кој 6 сезони го бранеше голот на Гетафе да стартува на голманската позиција, додека Пардо да биде негова замена.

Одбрана:
Жоао Гиљерме
Карлао
Мариос Антониадес
Марио Сехио
Ињаки Астиз Вентура
Николас Иоану
Гиљермо Чоко
Андреас Асиотис

Како што веќе напоменавме двајца важни играчи од одбраната на АПОЕЛ го напуштија клубот, а досега не изгледа дека за искусните Рисе и Кака е најдена соодветна замена.
Еден од дефанзивците кои останаа од минатата сезона, а се очекува да настапи во стартните 11 против нас е 29 годишниот Бразилец Жоао Гиљерме. Интернационалната кариера му се состои од настапи во Маритимо во Португалското првенство и секако во Кипарски Апоел, чиј дрес го носи од 2013 година. Се работи за фудбалер кој е висок 185 см, па високи напаѓачи не би требало да имаат големи проблеми во воздушните дуели со него. Како и повеќето Бразилци, се работи за фудбалер кој располага со добра брзина и е тежок за поминување во дуел игра. Како замена за Кака, беше донесен искусниот 31 годишен Шпанец, Ињаки Астиз Вентура, кој иако е дете на Осасуна, не одигра ниту еден официјален меч за нив, па скоро целата интернационална кариера ја мина во Полска Легија, каде одигра дури 7 сезони. Се работи за фудбалер кој има слична конституција како и Гиљерме, а се очекува токму они двајца да бидат дефанзивниот бедем на екипата. 
Во плановите за централната дефанзивна позиција може да влезе уште еден интернационалец, Бразилецот Карлао. Екс играчот на Коринтијанс и Француски Сошо каде мина 6 сезони, во минатата сезона го засили АПОЕЛ и одигра 20 мечеви. Покрај како централен дефанзивец, може да игра и како последен човек во средината. Дефанзивната централна позиција може да ја покрие и младиот 19 годишен Асиотис, меѓутоа тешко е да се очекува дека токму тој би добил шанса против нас, со оглед на тоа што сеуште нема официјален настап за составот на АПОЕЛ.
Заминувањето на Рисе е поголем удар за тимот, бидејќи се остави празнина на позицијата лев бек. Најверојатно, негова замена ќе биде 25 годишниот Антониадес, кој како дете на АПОЕЛ има одиграно 35 меча за клубот во последните 8 сезони. Токму тој, најверојатно ќе добие шанса да биде носител на оваа позиција во новата сезона. Член е и на Кипарската репрезентација, за која веќе има забележано 8 настапи. Покрај на левата бековска позиција, може да игра и како централен дефанзивец, а токму таков тип на играч е и 19 годишниот играч кој потекнува од академијата на Манчестер Јунајтед, Николас Иоану. 
Младинскиот репрезентативец на Кипар, во минатата сезона го засили Кипарскиот шампион и забележа скромни три настапи, меѓутоа неговото време допрва доаѓа. Најверојатно тој ќе биде резервист за левата бековска позиција, иако примарната улога му е како централен дефанзивец. 
Интересно е што ниту еден дефанзивец на АПОЕЛ не е повисок од 185 см, па Вардар можеби треба да ја бара својата шанса преку високо нафрлени топки и играта со глава.
Десната бековска позиција веројатно е најдобро покриениот дел од одбраната, со оглед на фактот што тука игра играчот со највеќе настапи во минатата сезона во дресот на АПОЕЛ, 34 годишниот Марио Серхио и засилувањето Гиљермо Чоко.
Двајцата играчи се брзоноги странични бекови, кои може да им направат големи проблеми на противниците. Серхио пред 3 сезони од Металург Доњетск го засили АПОЕЛ, и од тогаш забележа 85 настапи во Кипарското првенство постигнувајќи 5 погодоци. Чоко за три сезони имаше 71 настап во дресот на Лудогорец, меѓутоа неговата кариера оди во надолна линија. Во минатата сезона не успеа да се избори за место во листата на играчи пријавени за ЛШ, па во ноември 2014 го раскина договорот со Бугарскиот шампион. Фактот што скоро половина година нема играно никаде ни оди во прилог, бидејќи на АПОЕЛ им се приклучил во мај 2015 година и сеуште нема одиграно официјален меч за нив.

Одбраната е дефинитивно најслабата карика во составот на АПОЕЛ и тука Вардар треба да ја чека својата шанса.

Средина:
Костакис Артиматас
Ѓорѓиос Ефрем
Константинос Хараламбидес
Нектариос Александриу
Константинос Макридес
Алекс Константину
Винициус Оливеира Франко
Нуно Мораис
Томас Де Висенти
Вандер Виеира
Семир Штилиќ

Ако одбраната не е најсилната страна на Кипраните, тогаш нивната средина е навистина одлично вкомпонирана. Ги задржаа поголемиот дел од главните играчи, а составот го надополнија со уште неколку засилувања.
Како последни играчи во средината се искусниот Нуно Мораис и Костакис Аритматас.
Нуно Мораис е 31 годишен фудбалер кој може да се пофали со 4 настапи во дресот на Челзи пред 8 години. Од тогаш е дел од АПОЕЛ и е вистинска икона на Кипарскиот клуб. Висок е 185 см, а дополнително може да игра дури и како централен дефанзивец. За 8 сезони има одиграно 220 натпревари за Кипарскиот состав и бил дел од сите успеси на овој тим, учествувајќи во сите три настапи од групната фаза во ЛШ. За него мора да има место во првиот состав на АПОЕЛ, бидејќи константно тој е нивниот избор за стартните 11 во минатите сезони. Негова резерва е 22 годишниот репрезентативец на Кипар, Артиматас кој забележал 12 настапи во минатогодишниот шампионат на Кипар. Допрва се очекува да дојдат неговите "пет минути".
Винициус е класичниот играч од средината на АПОЕЛ. Се работи за 29 годишен интернационалец од Бразил, кој со своите 186 см, внесува корпулентност во средината на Кипарскиот шампион. Не може да се пофали со настапи во познати Европски клубови, но од АПОЕЛ е дел веќе 2 сезони, бележејќи 16 настапи во минатогодишниот шампионат на Кипар. Новото засилување на АПОЕЛ, Кипарскиот репрезентативец кој 65 го облекол националниот дрес и постигнал 6 погодоци, Макридес, се очекува да биде дел од средината на Кипраните и тоа во стартната постава. Екс играчот на Металург Доњетск има огромно искуство зад себе, па со своите 169 см, треба да има плејмејкерска улога во Кипарскиот состав. Може да игра и како поофанзивен играч од средината, но во недостаток на плејмејкери, би требало да ја добие таа улога во АПОЕЛ.
Играчи кои се поофанзивни средњаци се Томас Де Винсенти, Семир Штилиќ и Вандер Виера.
Томас Де Винсенти би требало да биде дел од стартниот состав, со оглед на тоа што Аргентинецот забележа 24 настапи во минатата сезона и постигна 3 погодоци. Висок е само 178 см и се вклопува во ниската постава на Кипраните, а иако е Аргентинец, целата своја кариера ја има минато во Грција и Кипар. Дел е од АПОЕЛ од минатата сезона. Славата ја има стекнато во ПАС Гианина, но неговиот трансфер во Олимпијакос се покажува како погрешен чекор. Сепак, спасот на својата кариера во гледа во преминувањето во АПОЕЛ каде бележи добра сезона.
Семир Штилиќ е екс Босански репрезентативец, кој на 27 годишна возраст од тимот на Висла Краков каде што е стандарден првотимец, преминува во Кипарскиот шампион АПОЕЛ. Во кариерата успеал само во Полската лига каде што стандардно ги носел дресовите на Лех и на Висла, а бележи и два неуспешни излети во Турското и Украинското првенство.
Се работи за уште едно засилување кое најверојатно е донесено за зголемување на широчината на составот, а не би требало уште од старт да добие првотимска улога.
Еден од подобрите играчи на Аек Ларнака, Бразилецот Вандер Виеира е уште еден играч кој го засили АПОЕЛ ова лето. Крилната позиција му е природна, но може да настапи и како офанзивен играч од средината. Добрите настапи во Ботев Пловдив и Аек беа препорака за Пациенца да го доведе во својот состав. Се работи за уште еден низок играч, висок само 174 см, кој располага со голема брзина и одлична техника. Слично како и Штилиќ и тој не би требало веднаш да ја добие довербата од тренерот.
Василиос Папафотис е последниот играч на оваа позиција, играч кој со своите 19 години има забележано 6 настапи за АПОЕЛ и својата шанса ќе ја чека во иднина.
Капитен на екипата е играчот кој веројатно нас ни е е еден од најпознатите од Кипарската репрезентација, а тоа е Хараламбидес. Искусниот 34 годишен играч кој има забележано 77 настапи во националната селекција на Кипар и има постигнато 11 погодоци, ја предводи десната крилна позиција на АПОЕЛ. Дете е на АПОЕЛ и во клубот има минато дури 13 сезони, па заслужено ја носи капитенската лента. По неуспешната одисеја во Карл Цајс Јена во 2007/08, се враќа во АПОЕЛ и забележува 200 настапи во наредните 7 сезони, постигнувајќи 37 погодоци. Како и остатокот од тимот, така и Хараламдбидес со своите 172 см, преставува низок и пробивен играч кој дефинитивно ќе донесе многу проблеми во нашата одбрана.
Гиоргиос Ефрем е 25 годишен крилен играч на АПОЕЛ, кој може да игра на двете крилни позиции во тимот, меѓутоа десната крилна позиција му е појаката страна. Тој е вистинска замена за Хараламбидес, како во АПОЕЛ, така и во Кипарската репрезентација за која веќе има запишано 29 настапи и 3 погодоци. Може да се пофали дека бил дел од академијата на Арсенал, а својата слава ја доживува во Омонија, од каде заминува во ривалот од Никозија и бележи одлична сезона. Забележува повеќе настапи од Хараламбидес, и за очекување е токму тој да стартува на крилната позиција. Ако мислевте дека Хараламбидес е низок играч, тогаш Ефрем е уште понизок и попробивен.
Нектариус Александриу е играчот кој е заменик капитен на тимот, и слично како и Хараламбидес и тој е дел од екипата 13 сезони. Се работи за играч кој покрај природната лева крилна позиција, може да игра и како лев бек. Има забележано 30 настапи за Кипар, и нема постигнато ниту еден погодок. И второто лево крило е веќе во третата декада од животот, 32 годишниот Алонефтис е една година постар од Александриу и Пациенца ќе треба да реши кој од нив ќе стартува на оваа позиција. Алонефтис има 60 настапи за Кипар, постигнувајќи 10 погодоци, додека АПОЕЛ е дел веќе 3 сезони, забележувајќи 15 настапи во минатата сезона. 
Крилен играч кој може да покрие на двете крилни позиции е 23 годишниот Константину кој од минатата сезона е дел од АПОЕЛ, но успеа да забележи само еден настап за Кипарскиот шампион.

Напад:
Луис Леал
Пиерос Сотириу
Валмир Нафиу

По заминувањето на најдобрите стрелци од минатата сезона, екипата на АПОЕЛ ќе има големи маки во овој дел од теренот. Валмир Нафиу е играч кој нам ни е добро познат, бидејќи потекнува од нашиот ривал, Шкендија од Тетово. По заминувањето во Базел и во Хамбургер, Нафиу потпиша во АПОЕЛ, каде минатата сезона забележа 10 настапи и постигна еден погодок. Не се работи за класичен шпиц, туку играч кој игра како истурено крило, но во една ваква ситуација веројатно би покривал и како напаѓач, што за нас е одлично со оглед на тоа дека не се работи за некој на кого тоа му е природна позиција. И неговата висина од 175 см, зборува дека доколку добие шанса тоа ќе биде како страничен најистурен играч во нападот на АПОЕЛ. Нападот на АПОЕЛ се состои од уште еден млад играч, 22 годишниот Сотириу, кој веќе има запишано 12 настапи за сениотската репрезентација на Кипар. Играчот кој е висок 186 см е највисокиот поединец во напаѓачкиот дел на екипата, а во текот на ланската сезона на 10 меча постигнал 4 погодоци. Дел е од клубот веќе трета сезона, а токму лани почнува да ги добива првите минути за докажување. Во случај да не се донесе уште некој играч, можеби тој би бил ударната игла во нападот на АПОЕЛ. Играчот кој беше донесен како замена за Џебур кој замина во АЕК е 28 годишниот Португалец Луис Леал, кој има настапувано за репрезентацијата на Само Томе и Принципе. Може да се пофали дека АПОЕЛ му е 10-ти клуб во кариерата, што значи дека не се работи за играч од највисок калибар. Нема некое значајно клупско име во неговата кариера, а веќе две сезони кариерата му оди во надолна линија. Се работи за уште еден брз напаѓач, кој е висок само 176 сантиметри.

Тренер на клубот е Домингос Пациенца, кој доаѓа во АПОЕЛ од Викторија Сетубал. Може да се пофали како тренер на Спортинг Лисабон и Депортиво Ла Коруња.

Од гореспоменатата анализа можеме да заклучиме дека АПОЕЛ нема толку страшен состав како минатите сезони, а со оглед на тоа дека и тренерот им е нов, можеме да се надеваме дека немал доволно време да го вкомпонира тимот кој ќе настапи против нас. 
Вардар треба да искористи игра на високи топки со оглед на ниските противнички фудбалери, а проблем за нас може да биде брзината на практично комплетната средина и напаѓачка линија на противникот, нешто што би требало да го разбиеме со еден играч кој ќе игра како дефанзивец во средината. Сосема сме добри на бековските позиции, па токму страничните бекови треба да ја водат главната битка за нас, бидејќи противничките крила се најголемата опасност за нашиот гол. 

Добра вест за нас е што доколку го минеме АПОЕЛ, тогаш во второто коло ќе бидеме во шеширот со носители, затоа момците мора да изгинат на теренот и да не израдуваат со едно значајно минување на противник кој дефинитивно ја има фаворитската улога против нас. 

No comments:

Post a Comment