Освоената осма титула во Македонското фудбалско првенство по осамостојувањето на Македонија, а вкупно деветта во историјата на ФК Вардар, барем за момент ги смири страстите меѓу црвено-црната армија ширум Македонија. И оние кои сме најголеми критичари на работата на луѓето од клубот, барем за момент се препуштивме на прославата, но веќе е време да се размислува за иднината и за она кое сите го чекаме со години - Европски Вардар.
Најавите и очекувањата пред почетокот на сезоната беа доста оптимистички и се освен двојна круна во Македонија требаше да биде окарактеризирано како неуспех. После фијаското кое црвено-црните ни го приредија во претходната сезона, приоритет секако беше враќањето на шампионската титула, а двојната круна зачинета со освоен куп требаше само да биде потврда за една Вардарова доминација во македонскиот фудбал, нешто на кое чекаме веќе 20 години.
Човекот кој за многумина беше главниот виновник за лошите резултати во пролетната полусезона од сезоната 2013/14, не доби заслужена оставка и му беше дадена доверба да го предводи клубот и во новото првенство. Потег на управата кој наиде на многу критики од Вардаровите навивачи кои особено беа гневни што ниту еден човек од клубот не превзема одговорност за катастрофата поради која Вардар дури не успеа да дојде ни до позиција која носи место во Европските натпреварувања. Со видно засилен состав и одлични подготовки, Вардар според сите параметри беше фаворит број еден во новата сезона. Беа доведени тројца интернационалци од Ерменија, од кои Хамбарџумијан е стандарден репрезентативец, додека Дашијан повремено е дел од селекцијата која во последниот период беше дел и од самите бараж дуели за пласман на големите првенства. Враќање во старото јато имаа Никола Глигоров, Бобан Грнчаров и Дарко Глишиќ, а беа доведени уште неколку надежни играчи од нашето првенство како Љамчевски и Филип Петковски. Минатогодишниот шампион Работнички остана без неколку клучни играчи и се чинеше дека Вардар и Шкендија ќе ја водат главната битка за титулата.
Судбината сакаше Македонското првенство да започне со вечното дерби против Пелистер во Битола. Натпреварот кој за жал го одбележаа инциденти меѓу Комити и полицијата, Вардар успеа да го добие со голот на Филип Петров. Уште на овој дуел можеше да се забележи дека Вардар има состав кој ќе мора да се прошета во лигата, а тоа беше потврдено кога недела подоцна во дербито со Шкендија славевме со убедливи 3-0, а можевме да постигнеме уште неколку голови. Навивачите особено беа задоволни што клубот доби одличен десен бек во Ерменецот Хамбарџумијан, позиција која со години ни беше нерешлива енигма. За разлика од бавниот Рељиќ кој ја покриваше оваа позиција минатата сезона, добивме многу побрз играч кој подеднакво помагаше и во одбраната и во нападот. Дашијан имаше свој блесок на дуелот со Шкендија, изгледаше како да може да одигра уште 90 минути во исто темпо, покривајќи го целиот терен со силно темпо во текот на целиот меч. Се чинеше дека одбраната на Вардар ќе му ја донесе титулата на клубот, бидејќи тандемот Грне-Таневски, засилен со Глишиќ и Хоф на страничните позиции беше непремостлива пречка за противниците, но демантот стигна веќе на третиот дуел против Брегалница кога Златко направи кардинална грешка и Штипјани дојдоа до водство. Како навивачи на Вардар ние имавме многу причини да им се одмаздиме на Штипјани, после нивното срамно однесување на минатогодишниот меч во последното коло, па силно посакувавме пресврт по водството на Брегалница. Брзо се консолидиравме, израмнивме, а потоа во последните секунди Петковски ја донесе победата во нашите редови. Вардар дефинитивно имаше проблеми со реализацијата во оваа сезона, Ивановски беше далеку од она на кое сме навикнале да го гледаме, а полека својата шанса си ја искористи Петковски. Го зазеде првотимското место, почна да стрела и си доби продолжување на договорот. За жал, тоа беше само негов повремен блесок, додека во остатокот од сезоната беше незабележлив. Вардар не е Вардар доколку не киксне со најслабите екипи во лигата. Во првиот круг на натпревари паднаа сите екипи кои беа сметани за посилни во лигата, додека бодови беа изгубени со најслаборангираните клубови. Почетокот на сезоната беше одличен, Вардар беше прв уште од второто коло, а во еден момент имаше бодовна предност и од 8 поени. Во осмина-финалето на купот беше демолирана Шкендија, а потоа налетавме н незгодната Ренова. Ренова успеа да ни скине 2 бода на Градски, да не демолира во Тетово и да не елиминира од купот. Елиминацијата од купот беше инцијална каписла за новата бура од незадоволства од страна на навивачите и нивното скандирање за оставка на Андреев. Како и во минатата сезона, така и сега, никој од управата на клубот немаше доблест да излезе пред фановите и да превземе одговорност за губењето на предноста од 3-1 против Ренова која ја стекнавме на првиот дуел одигран во Скопје.
Ќе остане запаметена изјавата на Андреев по првиот четврт-финален дуел со Ренова кога потенцираше дека не постои клуб кој може да му даде три гола на Вардар во моментот. Само неколку денови подоцна примивме 3 парчиња во првенствениот дуел во Тетово, а потоа Ренова со победа од 2-0 во реваншот, не ни дозволи ниту да презимиме во купот на Македонија.
Предноста од 8 бодови во првенството се стопи на скромни три бодови предност пред соседите Работнички, со мирољубиво реми во последниот есенски дуел кога гостите беа подобар противник, додека Вардар беше екипата која одеше на 0-0.
Проблемот со напаѓачката линија беше и повеќе од евидентен. Петковски како да ја загуби формата од средината на есенската полусезона, Ивановски погодуваше добро сервирани топки, меѓутоа скоро ништо не можеше да придонесе играјќи како осамен во нападот, додека Миранјан реално и не доби некоја поголема шанса. Илчо Наумовски беше надвор од терените цела сезона поради повреда. Клубот не застана овде и продолжи да носи нови играчи. Во зимкиот преоден рок, за прв пат беа донесени имиња кои навистина наликуваа дека ќе донесат Европски шмек на нашиот состав и после долг период се зголемија апетите кај Вардаровите навивачи. Дресот на Вардар го облекоа Горан Попов кој го замени повредениот Глишиќ кој имаше маестрална сезона, репрезентативниот капитен Пачовски, играчот кој правеше дар-мар во Македонската лига, Дејан Блажевски, еден од понадежните Македонски фудбалери Спировски, како и играчот кој беше прогласен за легенда на Хајдук во периодот од 2000 до 2010 година, Сенијад Ибричиќ. Фуриозниот старт на полусезоната со големата победа од 0-3 во Кратово, донесе голема радост кај Вардаровите фанови и надеж дека конечно клубот е на правиот пат. Но, Вардар иако нанижа неколку победи, начинот на кој доаѓаше до нив воопшто не беше импресивен. Напротив, бевме послабата екипа на теренот, се мачевме да направиме акција преку играчите од средниот ред, но победувавме поради добрите голманска интервенции и индивидуалните квалитети на играчите. Серијата од три победи беше запрена во мечот во кој сите очекувавме декласирање на вечниот ривал Пелистер. Битолчани направија целосен ремонт на составот, забележаа три порази во серија и како клуб кој полека стануваше еден од главните кандидати за отпаѓање, дојде на Градски во надеж дека ќе си замине со понизок пораз од далеку посилниот противник. Вардар одново не ги импресионираше своите навивачи, иако водеше со 1-0 со погодок во една од ретките шанси на мечот, по кардиналната грешка на Пачовски во последните мигови од средбата, остана без планираните 3 бода. Овој нерешен резултат само ги наруши односите меѓу навивачите и играчите на клубот, па откако се пренесе шпекулација дека на наместо во карантин, ноќта пред дуелот со Брегалница во Штип, нашите фудбалери ја поминале во локалните кафани, завладеа наелектризирана атмосфера меѓу оние кои му даваат поддршка на клубот и оние кои треба да гинат во црвено-црниот дрес. Бледата Вардарова игра која ни донесе нов нерешен резултат беше причина да дојде и до мал инцидент меѓу фановите и играчите по завршувањето на дуелот. Иако резултатите не го покажуваа тоа, стартот на пролетната сезона беше далеку под очекувањата, а тоа дополнително придонесе да се намали бројот на публиката на наредните дуели на Вардар. Конечно, Тетекс беше екипата која си замина без бодови од Градски, а Вардар го реши дуелот благодарение на неколку минутната конфузија која владееше во противничката одбрана. На овој меч дебитираше Петар Петковски, младинскиот играч од нашите редови, кој беше вистинско освежување во пролетната полусезона и асистираше за првиот гол на споменатиот натпревар. На денот кога РК Вардар имаше дуел со Киелце во обид да се пласира на фајнл-фор турнирот, Вардар по трет пат сезонава гостуваше во Кратово. Иако двата дуели се поклопуваа, сепак фудбалскиот клуб ја доби поддршката од дел од навивачите и на нивните крилја стигна до нов триумф, во натпревар во кој конечно имавме доминација на теренот. Еден од неколкуте клучни победи стигна после седум дена од гостувањето во Кратово. Градски никогаш не бил попразен, со оглед на фактот што одново управата го закажа дуелот со Ренова во ист термин со реваншот на Киелце-Вардар, па никој не може да им замери на мнозинството кои се решија да останат дома пред малите екрани. Забавата на трибините меѓу тие кои го бодревме Вардар не изостана во текот на целиот меч, меѓутоа тоа не вроди со плод на теренот, бидејќи Вардар тешко доаѓаше до позиција за погодок. Ренова ни беше тврд орев во оваа сезона, не исфрли од купот, ни го нанесе дотогаш единствениот пораз, а во првата полусезона ни скина два бода на Градски. Гледајќи го распоредот за наредните натпревари, формата во која играше Работнички, од витално значење беше да дојдеме до трите бода на овој дуел. Помошникот покажа четири минути продолжение, но ниту тоа не беше доволно да дојдеме до гол шанса. Конечно, по еден слободен удар, дојде до невнимание на одбраната на Ренова, откако нивниот последен играч сакаше да ја препушти топката да замине во гол-аут, не забележувајќи го Хамбарџумијан кој влета од позадина и со глава ја закова во противничката мрежа. Гол за делириум на западната трибина, гол кој Вардар го стави во пол-позиција за освојување на шампионската титула. Имавме 4 бода предност пред Работнички на две кола пред крајот на регуларниот трет круг од натпреварувањето и почетокот на плеј-оф дуелите. Одлична беше веста дека Работнички одигра само 2-2 против Металург на домашен терен, пред нашето гостување против Шкендија во Куманово. И наместо Вардар да ја зголеми предноста пред Работнички, или пак да ја задржи на истата разлика пред меѓусебниот дуел, Тетовските црвено-црни ни го нанесоа вториот пораз во сезоната победувајќи со 3-2. Да биде уште почудно, Шкендија играше со играч помалку цели 75 минути, по исклучувањето на Ашковски. Вардар имаше 2-2 на 10 минути до крај, и наместо да тргнеме по трите бодови, Бразилецот Јуфо со удар од далечина донесе голема радост за домаќините. Последниот дуел од третата рунда беше првото од двете директни соочувања со Работнички во борбата за титулата. Поради подобрата гол-разлика, на Работнички му требаше висока победа над Вардар за да го заврши регуларниот дел како првопласирана екипа, но подеднакво лошо за нас ќе беше доколку во последниот круг влеговме со ист број на бодови. Вардар не смееше да загуби, а победа ќе не донесеше многу блиску до освојување на титулата. Добрата форма Работнички ја потврди и на овој дуел. Само среќата го спасуваше голот на Пачовски во сто процентните шанси на Чума Анене и Баже Илијоски. А кога противникот не си ги искористи своите шанси, најпрвин Грозданоски, а потоа и Блажевски донесоа огромна радост на трибините, носејќи му водство на Вардар од 2-0. И во вториот дел Романтичарите беа подобар противник, но сега Пачовски беше нивната пречка пред затресувањето на нашата мрежа. ГОЛЕМА ПОБЕДА на Вардар, реванш за минатата сезона кога во директен дуел не отпишаа и од борбата за титулата и од пласманот во Европа. Со 6 бодови предност влеговме во плеј-оф дуелите во кои за да ја освоиме титулата ни беа потребни 9 бодови, под услов Работнички да победи во сите 5 дуели до крајот на сезоната. Во првото коло и двете екипи беа сигурни, а веќе во наредното имавме меѓусебен дуел во кој ние можевме дури и да ја прославиме титулата. Работнички одново почна фуриозно, меѓутоа Анене овојпат ги исправи грешките од претходниот дуел и му донесе водство на својот клуб. Немаше крај на нивните напади, а одбраните на Пачовски во овој дуел се покажаа можеби и како клучни за освојувањето на титулата. Петар Петковски направи дар-мар во противничката одбрана, нафрли до Асани, а младиот крилен играч израмни на 1-1. Неколку минути потоа, со својот втор погодок, Асани му носи водство на Вардар од 2-1. За разлика од минатиот меѓусебен дуел, во овој натпревар Работнички сепак не си замина со празни раце, бидејќи Анене го одложи славјето на Вардаровите фанови и остави мала неизвесност во трката за титулата. Во деновите кога на никој не му беше до фудбал поради ситуацијата во Македонија, Шкендија одново го победи Вардар со солопродорот на дефанзивецот Абдула кој го постигна единствениот погодок на мечот. На Вардар му беа доволни уште три бода за да дојде до титулата, а првата шанса за нешто такво ја имавме во дуелот со Ренова на Градски. За жал, ФФМ реши дуелот да се игра без публика, поради состојбата во државата, па титулата ја прославија само мал број на поддржувачи кои од позади затворените врати го бодреа клубот.
Ренова немаше за што да игра на овој дуел, па беше демолирана со 4-1. Вардар е шампион, потешко од очекувањата, меѓутоа целта беше исполнета. Последниот дуел со Силекс беше повеќе натпревар од ревијален карактер, во кој беше прославена шампионската титула.
Сезона 2014/2015
Пелистер-Вардар 0-1 (Петров 50)
Вардар-Шкендија 3-0 (Ивановски 34, 75, Дашијан 55)
Брегалница-Вардар 1-2 (Хамбарџумијан 18, Петковски 90)
Тетекс-Вардар 2-2 (Ивановски 15, Петров 55)
Вардар-Турново 0-0
Металург-Вардар 1-4 (Асани 7, Грнчаров 11, Грозданоски 65, Ивановски 76)
Вардар-Ренова 1-1 (Петковски 69)
Работнички-Вардар 0-2 (Петковски 16, Таневски 58)
Вардар-Силекс 2-0 (Петковски 24, Хамбарџумијан 87)
Вардар-Пелистер 1-0 (Петковски 45)
Шкендија-Вардар 1-2 (Петковски 6, Грнчаров 16)
Вардар-Брегалница 1-0 (Дашијан 35)
Вардар-Тетекс 5-0 (Петров 13, Ивановски 20, 87, Дашијан 63, Иванов 83)
Турново-Вардар 0-0
Вардар-Металург 3-1 (Дашијан 14, Асани 33, 47)
Ренова-Вардар 3-0
Вардар-Работнички 0-0
Силекс-Вардар 0-3 (Ивановски 11, Блажевски 13, 18)
Вардар-Металург 2-1 (Блажевски 43, Љамчевски 50)
Турново-Вардар 0-2 (Ибричиќ 48, Ивановски 89)
Вардар-Пелистер 1-1 (Ибричиќ 17)
Брегалница-Вардар 0-0
Вардар-Тетекс 2-0 (Ивановски 63, Блажевски 64)
Силекс-Вардар 0-2 (Ивановски 2, Блажевски 56)
Вардар-Ренова 1-0 (Хамбарџумијан 90)
Шкендија-Вардар 3-2 (Ибричиќ 45, Глигоров 76)
Вардар-Работнички 2-0 (Грозданоски 22, Блажевски 39)
Вардар-Металург 2-0 (Блажевски 1, 56)
Вардар-Работнички 2-2 (Асани 55, 75)
Шкендија-Вардар 1-0
Вардар-Ренова 4-1 (Попов 8, Ибричиќ 26, 87, Спировски 39)
Силекс-Вардар 2-2 (Грозданоски 65, Ивановски 84)
Сезоната 2014/15 низ бројки:
(со кликање на сликата, ќе се отвори во оргинална големина)
Со помош на извештаите на страната на ФК Вардар и од малкуте податоци за дуелите од првата Македонска лига на страната на ФФМ, направивме статистика за минутажаата на играчите на Вардар, во кој натпревар биле стартери, дали влегле како резерви, колку пати ги треселе противничките мрежи и колку картони заработиле.
Играчите со најголема минутажа се Грнчаров (2700 минути), Глигоров (2478), Хамбарџумијан (2350), Таневски (1964) и Дашијан (1827). Грнчаров настапил во 30 дуели и на сите бил дел од стартната постава, Глигоров настапил на 28 дуели, Хамбарџумијан на 27, а интересно е што по бројот на одиграни натпревари, на четвртата позиција е Асани со 26 настапи. Покрај Грнчаров, Глигоров и Хамбарџумијан, најмногу пати во стартната постава се нашол и Таневски. Играчот кој највеќе пати ја напуштал играта, иако бил дел од стартната постава е Јасир Асани кој на 20-те дуели во кои бил стартер, дури 17 пати бил заменет. Тројца играчи влегувале како резерви над 10 пати. Филип Петковски бил џокер на 14 дуели, Миранјан на 11, а Љамчевски на 10. Александар Ацевски е единствениот играч кој настапил во првата полусезона, а потоа ја напуштил екипата и зад своето име има само 22 одиграни минути. Темелков е втор по најмал број на минути поминати на теренот (74 минути), а третото место е за Дино Најдоски кој настапил 199 минути. Привилегијата да настапат во нашиот дрес ја имале 29 играчи, а има и такви кои ниту еднаш не го облекле Вардаровиот дрес (голманот Ристовски, Адемовиќ и Илчо Наумовски). Во првите 45 минути на теренот мора да има играч кој е под 21 година, а Вардарци годинава имале 5 играчи кои ги задоволуваат овие услови. Јасир Асани, Виктор Серафимовски, Филип Стојановски, Димитар Иванов и Петар Петковски се младите играчи кои вкупно одиграле 3064 минути на теренот, а Асани е играчот на кого му припаднала скоро половина од оваа минутажа. Асани стартувал 20 пати, Петковски 8 пати, Серафимовски и Стојановски по 5 пати, додека Иванов бил дел од почетините 11-мина на 3 пати.
На голманската позиција се нашле 3 голмани. Павловиќ го бранеше нашиот гол во текот на целата прва полусезона па на 17 мечеви прими 10 голови, Кобетиќ добил шанса на 3 меча и примил исто толку погодоци, додека Пачовски на 12 дуели примил 8 погодоци. Во просек, Павловиќ примал гол на секои 153 минути, Кобетиќ на секои 90 минути, додека Пачовски на секои 135 минути. Вардар не примил гол на 18 од 33-те дуели одиграни во Македонското првенство, што е одличен учинок. Тоа би значело дека Вардар не примал погодок на 6 од 11 одиграни натпревари. Павловиќ може да се пофали дека не примил гол на 10 дуели, Кобетиќ ја зачувал мрежата на еден дуел, додека Пачовски на 7 дуели. Најдолгата серија без примен гол ја имал Пачовски кој на четири последователни дуели излегол како победник со противничките напаѓачи.
Вардар не успеал да постигне погодок на само 6 дуели, а 4 од нив завршиле со резултат 0-0. Не постои екипа против која Вардар не освоил ниту еден бод, а Металург е единствената екипа која Вардар ја совладал во сите дуели. Против екипата од Железарница се освоени максимални 12 бодови, 10 бодови се освоени во 4 дуели со Силекс и 8 бодови против екипата на Работнички. Во трите меѓусебни дуели Вардар освоил само 5 поени против Турново, а во четирите дуели со Шкендија, двете екипи поделиле по 6 бода и тоа е единствената екипа со која Вардар нема позитивен скор во оваа сезона, иако сме ги добиле првите два првенствени дуели. Најдолгата победничка серија на Вардар е серијата од 6 победи од 8-то до 14-тото коло во кое Вардар ремизира кај Турново. На три пати сме имале два меча во ред во кои не сме дошле до полн плен. Противничката мрежа се тресела 56 пати, а најдобар стрелец е Филип Ивановски со 11 погодоци. Дејан Блажевски има 8 погодоци, Филип Петковски 6, Ибричиќ и Асани по 5, Дашијан 4, Хамбарџумијан, Грозданоски и Петров по 3, Грнчаров 2, а на листата на стрелци уште се запишале и Таневски, Глигоров, Иванов, Љамчевски, Попов и Спировски. Ивановски постигнувал погодок на секои 134 минути, Ибричиќ на секои 158 минути, додека Филип Петковски тоа го правел на секои 192 минути. На листата на асистенции предводник е Хамбарџумијан со 8 додавања кои резултирале со погодок за Вардар.
Според статистиката на клубот, Вардарци постигнале 35 погодоци со десна гола, 8 со лева и 13 со глава. Ивановски постигнал 9 погодоци со десна нога, Асани 4 пати стрелал со лева, а Хамбарџумијан во 3 наврати погодувал со глава. Фудбалерите на Вардар извеле 146 корнери, упатиле 303 удари кон противничките голови, а од нив 169 завршиле во рамките на голот. Просечно, тоа би значело дека на еден меч Вардарци имале околу 9 удари кон голот од кои 5 завршувале во рамките на голот.
Најбрзиот погодок го постигнал Блажевски кој во 28-то коло против Металург стрелал уште во 24-тата секунда, додека најбрз пред последното свирче на судијата бил Хамбарџумијан кој против Ренова погоди во 94-та минута и 25-та секунда.
Нашите играчи се нашле во офсајд 94 пати, направиле 465 фаули, а претрпеле 522.
Дисциплината во нашите редови била на солидно ниво, бидејќи заработени се 67 жолти и 2 црвени картони. Грнчаров е играчот со највеќе жолти картони, дури 8, Глигоров има 7, а го следат уште неколку играчи со по 6 жолти картони. Интересно, Таневски не заработил ниту еден жолт картон. Всушност, на првиот дуел со Брегалница заработил 2 жолти картони, но тоа му го препишуваме како црвен. Единствениот директен црвен картон го заработил Дашијан, истотака во дуел против Штипска Брегалница.
Нашите играчи извеле 4 пенали, реализирале 3, но и единствениот промашен пенал беше претворен во гол по одбиената топка. Таневски промаши пенал во дуелот со Работнички, но одбиената топка ја претвоти во погодок во дуелот од осмото коло. Блажевски погоди пенал против Металург и Силекс, а Ибричиќ стрлаше против Турново. Против Вардар биле досудени 5 пенали, противниците директно погодија во 4 од нив, но и 5-тиот го претворија во гол по одбиената топка. Металург добија два пенали на четирите дуели со Вардар, првиот го реализираше Стојановски, а вториот Крстев. Вручина од пенал стрелаше против Вардар во победата од 3-2, додека Ренова на дуелот во кој му го нанесе најголемиот пораз на Вардар од 3-0, доби два пенали, во првиот Павловиќ го одбрани ударот на Емини, но одбиената топка противничкиот играч ја претвори во гол. Во вториот пенал, Мемеди биеше сигурно.
Ниту една екипа не успеала да слави на Градски, но на 5 од 17 дуели Вардар не стигнал до полн плен. Два пати Работнички, а по еднаш Пелистер, Турново и Ренова си заминале со бод од нашиот стадион. Само на еден дуел Вардар примил повеќе од 1 гол, а тоа им успеало на Романтичарите кои погодиле два пати. Интересно, само Работнички, Металург, Пелистер и Ренова почувствувале како е да ја затресат нашата мрежа на Градски. Највисоката победа во оваа сезона е постигната на домашен терен, кога Тетекс е совладан со 5-0.
На гости, Вардарци не успеале да постигнат гол само против Ренова. На два пати примиле 3 погодока против Шкендија и Ренова, а највеќе постигнале против Металург, кога противничката мрежа се тресела 4 пати.
Највисока победа е против Тетекс од 5-0, а највеќе погодоци на еден натпревар биле токму 5, во победата против Тетекс, поразот од Шкендија со 3-2 и победата кај Металург со 1-4.
Вардарци давале просечно 1.75 голови по натпревар, на домашен терен погодувале по 1.88 пати во просек, додека на гости тоа го правеле по 1.6 пати по натпревар.
Статистички нашите голмани примале по 0.65 гола по натпревар, на домашен терен по 0.41, а на гости по 0.93.
Патешествието во купот заврши уште во четврт-финалето, а билансот беше следниот:
Куп 2014/2015
Влазними-Вардар 1-9 (Петковски (10, 46, 87, 88), Петров (44, 61, 66), Иванов (75, 85)
Шкендија-Вардар 2-1 (Грнчаров 15)
Вардар-Шкендија 3-0 (Асани 3, Дашијан 34, Таневски 37)
Вардар-Ренова 3-1 (Асани 40, Петров 71, Темелков 87)
Ренова-Вардар 2-0
Разочарување на сезоната:
Сергеј Андреев...
Иако сликава е само даден момент од еден натпревар, нас ни се чини дека Андреев буквално ја преспа сезоната на нашата клупа. Резултатите не беа катастрофални како во минатата сезона, но не остана незабележано дека Русинот не успеа да создаде хемија меѓу играчите, а Вардар немаше никаква игра во поголем дел од мечевите, иако на хартија има состав кој е светлосни години пред останатите противници. Имаше константно скандирање "ОДИ СИ АНДРЕЕВ" во неколку првенствени кола од вториот дел, меѓутоа ниту тоа не придонесе да управата се запраша до кога ќе му дава шанса на Рускиот стратег. Едно е сигурно, Андреев ќе не води и во Европските натпревари, а дали ќе го доживее почетокот на наредната сезона, ќе видиме допрва.
Позитива на сезоната:
Ако Јасир Асани беше откритието на минатата сезона, а во оваа успеа да биде скоро стандарден првотимец, во оваа сезона тоа беше младинецот Петар Петковски. Се појави во втората полусезона, во моментите кога Вардарци се гушеа со акциите во средината на теренот. Прв пат доби шанса на пријателскиот дуел со Раднички Ниш, а потоа дебитираше и во првенството. Не постигна погодок, но имаше неколку асистенции, а и неколку промашени шанси. Се надеваме дека допрва доаѓа неговото време. Позитивен впечаток остави и Дарко Глишиќ, кој не беше дочекан како големо засилување, но буквално газеше по левата страна се до неговата страшна повреда по која го пропушти остатокот на сезоната. Брзо стана и миленик на навивачите, па се надеваме дека во оваа сезона одново ќе игра во врвна форма, без да го следат малерозни повреди. За поздравување се и подготовките во совршени услови кои ги имаа Вардарци на стартот од сезоната, и на полусезоната. Ако ништо друго, од тој аспект можевме да се наречеме Европски клуб.
Лоши резултати во младинските категории:
Вардар не даде шампион ниту во една конкуренција во младинските категории. Младинците (под 19) имаа катастрофална првенствена сезона, а истото им се случи и на пионерите (под 17), додека и во двете конкуренции бевме дел од полуфиналињата на купот. Кадетите (под 18) го освоија Македонскиот куп, но во првенството ја загубија титулата во последната секунда на гостувањето во директниот дуел кај Шкендија. Тие беа нашата најдобра генерација, иако и помладите пионери (под 16) може да се пофалат со сличен успех, шампиони на купот и вицешампиони во првенството. Срамота е за клуб како Вардар да дозволи еден Металург да има далеку подобри младински категории од нас. Вардар треба да биде клубот кој ќе ги прибира најдобрите играчи од Скопје, па и од цела Македонија и се надеваме дека тоа ќе се смени во иднината. Најавите се позитивни, конечно се гради комплекс центарот на нашиот клуб после години минати во залудни ветувања. Доста беа настапи на туѓи терени (Вардар натпреварите во младинска категорија ги игра на игралиштето на третолигашот Локомотива), време е младинците да настапат на својот комплекс од терени и да ги имаат условите како што на пример во моментов ги имаат нивните врсници во машкиот и женскиот ракомет. Во Вардар треба да се прави селекција во која ќе играат само најдобрите, а не да може да тренира секој кој има да си плати за тренинг. Квалитетот секогаш треба да биде пред квантитетот.
Чудниот формат на натпреарување на ФФМ:
Зошто да биде едноставно, кога може да биде комплицирано???
Најверојатно според оваа изрека се воделе и челниците на ФФМ. Го намалија бројот на екипи во првата Македонска лига на 10 и наместо да имаме четирикружен систем со вкупно 36 натпревари, добивме првенство со 32 кола. Задржан беше трокружниот систем во кој во третиот круг, првите 5 екипи играат еден меч повеќе на домашен терен во однос на останатите пет, додека во плеј-офот како што беше наречен четвртиот круг, првите 6 екипи после 27-те меча, играат по само еден меѓусебен дуел со што се доаѓа до бројката од 32 меча. Па така, Вардар одигра 17 меча на домашен терен, а 15 на гости, слично како и Работнички и Шкендија на пример. Работнички имаа среќа да 3 пати бидат гости против Вардар на Градски, теренот на кој играат и двете екипи. Па така, може да се каже дека Работнички одиграле 20 меча на домашен терен, а само 12 на гости. Од иста причина 18 дуели Вардар ги одигра како домаќин, а 14 како гостин. Од 15-те гостински дуели, Вардар одиграл 3 во Скопје и дури 12 пати вон Скопје. Од друга страна, системот на натпреварување сакал Работнички од 15-те гостувања, само 8 пати играл вон Скопје, а дури 24 дуели ги одиграл во нашиот главен град (Тетекс поголемиот дел од домашните мечеви ги играше во Скопје).
Комити Запад:
За нашата навивачка група оваа година беше одбележана со слабата бројка на дуелите, но и со големата забава на трибините. Секогаш е лесно кога на трибините одат само оние кои секогаш се редовни на натпреварите, па не треба да бидат молени за да навиваат. На бројката можеби влијаеше и инцидентот кој се случи во првото коло во Битола. Нашиот Турчин остана без два прста на левата рака, а никој не превзема одговорност за тој чин. Симболично, на крајот од сезоната, токму тој беше оној кој прв го подигна трофејот. Вардар доби поддршка на сите мечеви на кои им беше дозволен влез на навивачите и бројката никогаш не беше помала од 70-тина луѓе. Бројни беа гостувањата во Битола, Штип и особено во Кратово каде што на два пати имавме одлични изданија. Првото гостување во Кратово на отварањето на пролетната полусезона беше можеби и најдобро организираниот меч годинава.
Останува запаметено дека на своја рака без никаква најава наши членови беа присутни како навивачи на гостувањата кај Ренова (при што на куп дуелот дојде до голема пресметка со полицијата) и првенственото гостување кај Шкендија. За жал, на тој меч Комити не успеаа да влезат на стадион, туку колективно беа однесени во станица и добија кривични пријави без никаква причина. Овој инцидент беше уште една голема причина за помалата бројка на трибините во остатокот од сезоната. Одлична бројка видовме во дуелите со Шкендија, Пелистер и Работнички, а особено ќе се памети повеќе од 100 минутното навивање на последниот есенски дуел кога се славеше 15 години од постоењето на Лојал Фанс. Дуелот на три пати беше прекинуван поради пиротехника, а дождот не беше никаква пречка да грми цело Скопје од Комитските грла.
Мора да се забележи дека односот со играчите не беше на ниво во текот на целата сезона. Фудбалерите не знаеа да се соочат со навивачите при поразите и нерешените дуели, а во неколку наврати не сакаа ниту да отпоздрават при победите. Остана запаметено дека Грне и Таневски во еден од дуелите не им дозволуваа на остатокот од играчите да отпоздрават со Комити, меѓутоа на крајот од сезоната се се заборави.
За посетеноста во текот на сезоната повеќе имаме кажано во постот: